Думата гласаше за прием на Крим
20 март 2014Рускиот парламент го одобри припојувањето на Крим кон Русија. По кратка дебата пратениците во државната Дума гласаа за договорот меѓу Руската федерација и новото раководство на досега украинскиот полуостров.
Договорот е усвоен со 443 гласа „За“ и еден единсвен глас „Против“. Договорот сега треба да добие уште зелено светло од Рускиот федерален совет како и последен потпис од претседателот Владимир Путин. Пртходно Москва веќе почна со издавање на руски пасоши за Крим.
Освен тоа, Русија жестоко ги критикуваше планираните санкции од ЕУ и САД. Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров го обвини Западот за „противзаконски принудни мерки“: „Едностраните санкции никогаш не се добри, тие не се легитимни“, рече тој пред Парламентот. Само Советот за безбедност на ОН би можел да донесе таква одлука, но тоа не се случило, порача Лавров.
Парламентот во Киев, пак, усвои резолуција во која се вели: „Украина никогаш нема да се откаже од борбата за ослободување на Крим, колку и да биде тоа долго и болно“. Пратениците ја повикаа меѓународната заедница да не ја признаат т.н. „Република Крим“.
Украинскиот амбасадор во ОН во Женева предупреди дека Русија била подготвена да стартува „голема интервенција на истокот и југот на Украина“. Имало „укажувања“ за тоа, рече Јури Клименко.
Русија сака да го зајакне военото присуство
Русија најави зајакнување на борбените сили на Крим. „Ќе биде неопходно да се надгради воената инфраструктура на полуостровот, за Крим да биде достоен претствник на Руската Федерација и да може да биде заштитен од сите можни противправни интервенции“, го цитираше новинската агенција ИтарТас вицеминистерот за одбрана Јури Борисов.
Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун изрази голема загриженост за кризата на Крим, на средбата со претседателот Путин во Москва.