Повторната игра со границите на Балканот
8 август 2018Албанскиот министер за дијаспора Пандели Мајко на почетокот на месецов објави дека границата меѓу Албанија и Косово ќе се отвори од 1 јануари 2019 година, објавија косовските медиуми. Во Србија тоа повторно го поттикна стравот од создавање „Голема Албанија“.
Во текстот со наслов „Повторно игра со границите“ весникот „Бадише цајтунг“, денеска меѓу другото пишува:
„Во Србија отстранувањето на граничните контроли се интерпретира како обид за создавање 'Голема Албанија'. Албанскиот премиер Еди Рама уште пред многу месеци најави дека ќе се олеснува граничниот режим меѓу Албанија и Косово. Во интервју за 'Винер стандард' есента 2017. година, тој рече дека граничните контроли во иднина би требало да бидат како меѓу Австрија и Швајцарија. 'Сега има многу големи контроли, а ние сакаме лесен граничен менаџмент, но не сосема без контроли.'
(...) Возбудата околу менаџирањето на границата не доаѓа туку така. Планираниот договор меѓу Србија и Косово би требало да биде готов веќе наредата година. Тој би требало да води кон еден вид индиректно признавање на Косово од страна на Србија. Границата меѓу Србија и северниот дел на Косово, каде мнозинство се Срби, би можела- аналогно на границата меѓу јужниот дел на Косово и Албанија - да биде многу пропустлива. Меѓутоа, она што звучи како прагматично решене, ја нагласува етничката припадност, но во никој случај територијалниот интегритет“, пишува весникот.
Потсетувајќи на предлогот на Еди Рама за евентуален заеднички претседател на Косово и Албанија и изјавите на косовскиот претседател Хашим Тачи за „корекција на границите“, авторката Аделхајд Велфл пишува:
„Тачи изјави дека дел од дијалогот треба да биде и обединувањето со јужносрпската Прешевска долина. Во Прешевската долина живеат и многу српски државјани кои зборуваат албански. Изјавата на Тачи беше интерпретирана како тој да е за поделба на Косово или за размена на територии. Размена на територии би значела дека Прешевската долина би се приклучила на Косово, а северно Косово на Србија. Идејата за поделба ја застапува пред сѐ прорускиот министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ. Меѓутоа, тој би сакал северно Косово, мнозински населено од Срби, да се припои на Србија, но во никој случај не би поддржал откажување од Прешевската долина. Можно е Тачи да ја спомна Прешевската долина за на маса да има аргументи против поделба на Косово, што е негов став. ЕУ-дипломатите кои го познаваат регионот со месеци се загрижени што Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини, која е надлежна за дијалогот, нема повлечено 'црвена линија'. Тоа отвора шпекулации и е опасно, особено за државниот интегритет на Босна и Херцеговина. За несигурност наодамна се погрижи и изјавата на американскиот амбасадор на Косово, Грег Делави, кој рече дека Косово ќе се согласи со договор, како и да изгледа крајниот 'дил' со Србија. Германската влада и Европската Комисија- и други држави како Словенија кои добро ја познаваат состојбата - се стриктно против поделба на Косово. Тоа е во спротивност не само со косовскиот Устав, туку и со сите политички напори на Западот во изминатите 25 години против уредување на балканските држави според етнички критериуми“, пишува „Бадише цајтунг“.
Во анализата со наслов „Духот на Голема Албанија повторно кружи - Србите го вклучуваат алармот“, агенцијата ДПА, меѓу останатото, пишува:
„Албанија и Косово, кое е населено речиси само од Албанци, прилично незабележано од странство се приближуваат со големи чекори. Предлозите за заеднички претседател по меѓународниот крик исчезнаа брзо во фиока. Но создавањето заедничка царинска служба сега е спроведено. А, отворањето на границата меѓу соседите од јануари наредната година ги престраши другите народи на Балканот. Зашто, проектот 'Природна Албанија' кој спие со децении, предвидува посегање по подрачјата во соседните земји каде што живеат Албанци.
(...) Германскиот експерт за Албанија, Андреас Вилдермут, на работите гледа опуштено. Албанија и Косово сакаа 'да создадат колку што е можно поголемо единство под границата на формално обединубвање'. Тоа е 'легитимна цел, затоа што не може да им се отфрлаат регулативи кои се стандард во ЕУ', вели тој за агенцијата ДПА.“